Узунов: Помош за ранливите, да се откажеме од луксузот

Можеби цените на другите продукти ќе се стабилизираат, но струјата дефинитивно ќе поскапи, вели за Фокус универзитетскиот професор.

by Fokus

Владата пред неколку дена донесе одлука за замрзнување на цените на лебот, шеќерот, брашното, зејтинот, млекото, свежото месо и сувомеснати производи и сирењето и урдата. Тие ќе мора да ги задржат цените по кои се продавале на 1 декември најмалку до крајот на јануари.

Во меѓувреме, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека листата може да се прошири и со други производи.

Здравствено-економската криза која трае веќе две години предизвика сериозно засегање на стопанството, а претпријатијата ги доведе во ситуација на тешко одржување на финансиска стабилност и на деловна активност.

-Ова што во моментот се случува не е домашна инфлација туку пред се е увозна инфлација, поради зголемениот раст на цените на светските пазари, а и порастот на цените на енергенсите. Но земјава е зависна од увоз и оваа криза влијае на домашните цени, појаснува за „Фокус“ професорот по економски науки Ванчо Узунов.

Според него, стабилизација од кризата се очекува дури наредната година, но дека цената на струјата ќе продолжи да расте, бидејќи најголемиот проблем е што досега во нашата земја се плаќаше најниска цена, а некако се мотивираше народот на поголема потрошувачка, од типот на клими итн.

-Со децении плаќаме струја по пониска цена, а не инвестираме во алтернативно производство или пак други извори на енергија. Можеби цените на другите продукти ќе се стабилизираат, но струјата дефинитивно ќе поскапи, дополнува Узунов.

Тој вели дека голем дел од фирмите со ова замрзнување на цените ќе имаат проблем во својата ликвидност, поради неисплатливоста да затворат или пак да отпуштат работници.

Сепак државата најмногу треба да помогне на ранливите категории, а ние останатите да се снаоѓаме како знаеме и умееме.  Тоа значи да поченеме да штедиме, да се откажеме од луксузот, непотребните трошења на облека, обувки и слично и во моментот да подмируваме само најнеопходни трошоци. Дома ако нема потреба не мора да ги загреваме сите простории, на тој начин само пополека и полесно ќе ја надминеме и оваа криза, додава Узунов.

За оваа криза, вели Узунов, свое влијание има и ковид кризата, потоа бројните несреќи, изборите итн.

Ние речиси секоја година имаме избори, а во земјава знаеме дека само популисти политичари може да успеат, па затоа и никој од политичарите не ги најави овие промени, дека знаеле, знаеле, но за краток период не може многу да се направи за да се ублажи ударот. Но ова покажува дека ни се потребни долгорочни стратегии и за економијата и за енергијата, појаснува Узунов.

Соња Танеска

Поврзани новости