Условувањето на уставните измени значи дека пред секоја реформа ќе треба да одиме на избори, вели Ковачевски

by fokus

Уставните измени се само една од одлуките што државата треба да ги донесе во делот на пристапувањето кон Европската унија за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието. Потоа следуваат реформата во правосудниот систем, реформата во обвинителниот систем, за кои исто така е потребно двотретинско мнозинство. Доколку која било политичка партија ја условува поддршката на овие реформи со избори, тоа значи дека пред секоја реформа ќе треба да одиме на избори, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

– Затоа упатувам апел до сите опозициони партии дека процесот на европски интеграции е надпартиски процес во кој сите треба да учествуваат, а политичката дебата може да се води на многу други теми и на тие други теми да се губат или освојуваат гласовите на граѓаните за кои било наредни редовни избори, нагласува Ковачевски.

Процесот на преговори, вели Ковачевски, не е процес на еден човек, на една Влада, на една политичка партија, туку е процес којшто ќе продолжи и во наредните години.

Коментирајќи го барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори и нивниот став за уставните измени, Ковачевски со оценка дека во изминатите две години оваа партија ги блокира сите процеси и дека тоа го прави за да добие политички поени.

– Тоа е нивната политичка проценка. Доколку го погледнете носењето на законите во Собранието, изборот на уставни судии итн, тоа личи на се, освен на политичка дебата во Собрание. Јас лично сум дел од дебатите во Собранието, каде што освен лични квалификации, дури и за членови на семејство, не можете да чуете ништо подобро. Од друга страна, уште на почетокот на скринингот до ВМРО-ДПМНЕ беше упатено да дадат свои експерти кои ќе учествуваат во преговарачките тимови кои се организираат од страна на Секретеријатот за европски прашања предводени од вицепремиерот Маричиќ и така да бидат вклучени во процесот на преговори, вели Ковачевски.

Поврзани новости