Уште еден приведен за упадот во М-НАВ, фатен бил на граница кон Косово

by Фокус

Лабинот Ќерими e петтиот приведен од групата осомничена за упадот во контролата на летање, објави телевизија Телма.

Тој денеска бил фатен на граничниот премин „Блаце“ кон Косово.

Додека бил вработен во М-НАВ, Ќерими истовремено во рок од неколку месеци печалел и во странство, па кога го фатиле, сам си дал отказ во македонски навигации.

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека е пронајден и лишен од слобода уште еден осомничен, од вкупно осумтемина поврзани со минатонеделниот упад во М-НАВ.

За настанот кој предизвика бура во јавноста, Обвинителството отвори истрага против осум лица, кои се товарат за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.

Четири кратко по инцидентот се најдоа во полициска станица, а од вчера се наоѓаат и во куќен притвор, додека останатите четворица беа во бегство и полицијата трагаше по нив по распишана интерна потерница.

За пронаоѓањето и приведувањето на петтото лице, чијшто идентитет ниту иницијали не беа соопштени, Обвинителството денеска било известено од Министерството за внатрешни работи.

Со ова, вкупниот број лица кои сега се во рацете на истражните органи за упадот во М-НАВ е петмина.

Поврзани новости