(АРХИВА) Раководството на ВМРО или цел СДСМ – кој нема да го доживее следното лето?!

by Фокус

Текстот е објавен на 28 декември 2023 година во неделникот Фокус со број 1.473-1474.

И двете главни политички партии во изминативе децении имаат акумулирано непоправливи грешки што неминовно ги води кон политичкото чистилиште. Затоа, и едните, и другите имаат прецизни стратегии за изборите во мај, на кои никој од нив не смее да изгуби. Проблемот е што на крај може да има само еден вистински победник, а губитникот во овој случај за првпат може да изгуби буквално сѐ, па дури и правото на постоење.

Пишува: Дејан АЗЕСКИ

Борба на политички живот или смрт. Никако поинаку не може да се најави она што ја очекува нашата партиска сцена во претстојните шест месеци.

Иако законската кампања не треба да трае повеќе од 20 дена, партиските штабови од месно, па сѐ до централно ниво, буквално клокотат од активности.

Ако постои едно нешто позитивно во ова политички лудило, кое трае повеќе од деценија, е фактот дека актуелните политичари го немаат тој луксуз да ги забораваат гласачите од едни до други избори, туку сега се присилени секојдневно да им чукаат на врата.

И нормално – да им вршат услуги на сметка на државниот буџет, кој веројатно е магичен, штом може да прехрани толкава непотребна администрација во толку долг временски период.

Но, за разлика од минатото, кога само бескрупулозноста во непотребните вработувања беше пресудна за победникот, сега се измешани и мал милион други фактори поврзани со геополитички, мултинационално-корпорациски, па дури и религиски интереси, што ги прави следните избори равенка со бесконечно многу непознати.

ПАСОКИЗАЦИЈА ИЛИ ИЗОЛАЦИЈА?

Главната причина што следните парламентарно-претседателски избори се толку комплицирани е фактот што ВМРО-ДПМНЕ на ниедни анкети, па ни на сопствените, не покажа дека е способна да освои апсолутно мнозинство. Факт, кој е навистина зачудувачки, ако се знае кои се несвесни, но и свесни грешки ги направи актуелната власт од 2017 година наваму.

Хипотетички, ако го земеме за пример британскиот парламент како еден од најстарите и ако, исто така, теоретски би рекле дека лабуристите за седум години би биле присилени да го направат сето ова што мораше политички да го испорача СДСМ кон странство, тогаш ториевците сигурно би ги освоиле сите 650 пратенички места во долниот дом на првите следни избори.

Но, не е само односот кон странство. Рејтингот на ВМРО требаше да расте двојно повеќе, пред сѐ, поради попустливата политика на СДСМ кон ДУИ, на што ДПМНЕ и поприлично искористи, но дефинитивно не доволно, со оглед на фактот до кој степен одеше ова идолопоклонство кон Али Ахмети. На што самиот политички профитира кај албанскиот кампус.

Единствено економски гледано, СДСМ одработи над очекувањата, и не затоа што оствари којзнае какви резултати, туку затоа што врз база на претходните искуства, никој ништо посебно не очекуваше од нив на овој план.

Но, со оглед дека мандатот им беше содржински исполнет и со ковид-пандемија и со војната во Украина, веројатно извлекоа апсолутен максимум од своите скромни можности.

Затоа, пак, доживеаја тотална катастрофа во реализацијата на инфраструктурните проекти, каде што токму ВМРО беше насилно во нивниот претходен мандат на власт, што значи дека само со проста споредба народот требаше да се сврти кон нив.

И најважно од сѐ, степенот на корупција и процентот на криминал е „криминално висок“ за политичка партија, која дојде на власт токму со ветување за расчистување со овие појави.

И покрај сите овие недела на СДСМ, никој не може да гарантира дека ВМРО-ДПМНЕ ќе земе повеќе 55-57 пратеници, што е еднакво на катастрофа, ако се знае цената на популизмот на Христијан Мицкоски, кој моментално е меѓународно поизолиран дури од Љубчо Георгиевски во војната во 2001 година.

Неговата стратегија на конфронтација со сите е единствено оправдана ако ВМРО-ДПМНЕ дојде во можност сам да владее и тогаш од таа позиција на сила да почне доброволно да ги омекнува односите кон нашите стратешки партнери.

Вака и со скоро отворена војна со амбасадите и со, сепак, недоволна поддршка од народот, шансите на Мицкоски првенствено да формира влада, а потоа стабилно и да владее, навистина не изгледаат добро.

Причините што анкетите за ВМРО не покажуваат барем 62 пратеници, веројатно лежат во многу слабите перформанси, кои ги покажаа нивните повеќе од 60 градоначалници и секако свежите сеќавања на народот на бруталноста на владеењето на оваа партија за време на нивниот единаесетгодишен мандат.

Да, тоа е, пред сѐ, во асоцијација лично со Никола Груевски, кој не е веќе дел од ВМРО, но очигледно, а веројатно и со право многумина се сомневаат дека и Мицкоски негува барем дел од бруталните сфаќања на поимот демократија, како и неговиот славен претходник.

Штета на ДПМНЕ дефинитивно им прави и Левица со најавите за поништување, не само на Бугарскиот, туку и на Преспанскиот, а можеби и на Охридскиот договор, ветувања што тие не можат да ги дадат.

Сето тоа во комбинација со крајно лошиот „непатриотски“ старт, кој Мицкоски го имаше на функцијата, кога не извади ниту еден човек на улица, иако се смени името на државата и народот, очигледно ги прави дел од гласачите претпазливи кон него и кон она што би можел да го направи ако дојде на власт.

Едноставно кажано, ако Мицкоски експресно не ги реши сите овие непознати, му се заканува реална опасност да биде победничка политичка сила, на која буквално нема да ѝ биде дозволено да дојде на власт.

Историјата познава многу такви примери, како радикалите во Србија, во периодот 1990-2012 и комунистите во Италија 1945-1990, каде што по директива се коалицира сите против еден.

Единствено што може да го спаси ВМРО е некоја релевантна безбедносна проценка дека штетата од нивно останување во опозиција (и дополнителна радикализација) би била поголема отколку нивно доаѓање на власт, кога веќе земјава е членка на НАТО и тука не можат да направат ништо, а проширувањето на ЕУ е секако во тампон-зона, не само за нас, туку и за остатокот од Европа.

НАПУШТАЊЕ НА ПОСТУЛАТИТЕ

За СДСМ (поради сите погоре наведени причини), за жал, може да се дебатира единствено за долната граница на гласови, кои би можеле да ја освојат на претстојните парламентарни избори.

И таа бројка веројатно нема да е пониска од катастрофата на Радмила Шеќеринска на предвремените парламентарни избори во 2008 година, кога СДСМ освои само 233.000 гласа, или двојно помалку од ВМРО.

Ова многу веројатно нема да се повтори, бидејќи тогаш СДСМ, сепак, беше опозиција со сериозни внатрешни поделби и со многу послаба меѓународна поддршка од сега.

Но, ете и бројот на гласови да се движи околу минимални 250.000, дури и тоа би било доволно тимот на Димитар Ковачевски да ги оствари своите скромни очекувања, а тоа е формирање или учество во каква било декларативно проевропска влада, па дури и таа да е широка заедно со ВМРО.

Ова е долната црвена линија што СДСМ мора да ја оствари за воопшто политички да преживее. Во спротивно, веројатно за првпат од 1943 година, оваа партија ќе стане егзистенцијално загрозена.

И кога го велиме ова, не се мисли ниту на Максим Димитриевски, ниту на Димитар Апасиев и на неговите, туку на огромната и доминантна внатрешна структура на стари повеќе генерациски членови на СДСМ, кои воопшто не се пронаоѓаат во актуелните политики.

Уште еднаш ќе ја споменеме годината 1943, кога во Тетово се собрале македонските комунисти за да направат четири работи. Да се одвојат од српските комунисти на кои дотогаш вештачки припаѓале и да ги интензивираат борбите против балистите во северозападна Македонија и против Бугарите во остатокот од земјата. И секако да ги помогнат нашите браќа во Егејска Македонија, каде што имало активна партизанска дејност.

Е денешнава СДСМ работи радикално обратно на сите овие четири постулати на нивните директни предци, и уште тоа го прави со ентузијазам и со дрска самодоверба.

Сака насилно да протурка договор со Бугарија, кој го негира токму НОБ, прави тектонски отстапки кон политичките наследници на балистичкото движење и потпиша договор со кој засекогаш се откажува од нашите Македонци во Грција.

Не е проблем само времето на НОБ, туку и дисконтинуитет со политиката на еквидистанца од времето на Киро Глигоров, па дури и поблагите принципи на внимателност во меѓународната политика што ги практикуваше Бранко Црвенковски.

Сега од сето тоа не е останато ништо и логично е што луѓето кои во партијата дошле во времето пред 1990 или барем пред 2017 да не се согласуваат со голем дел од овие политики.

Ѓаволот лежи во тоа што раководството на СДСМ, кое е традиционално составено од интелектуалци, знаеше цело време што прави и што се става на коцка. Но, нивната стратегија беше јасна, придобивките од НАТО и ЕУ евентуално ќе го разубедат народот на долг рок дека тие биле визионери од типот на Абрахам Линколн, кој дури свесно се само жртвувале за поголемо добро.

И овој дел од приказната веројатно никој не може да им го оспори, бидејќи барем теоретски се во право. Но, самата ЕУ, исто така, нема допирна точка со онаа ентузијастичко-идеалистичка унија со која го потпишавме договорот за Асоцијација и стабилизација уште во 2005 година и ни самите основачи на Унијата не знаат што да прават со нејзе ни на краток рок.

И сега испаѓа дека СДСМ буквално национално ја деформира државата и го загрози нејзиниот македонски карактер, а за возврат не успеа да донесе ништо назад.

Безбедната заветрина од бајките кон која искрено сакаа да нѐ однесат по секоја цена за благородно да нѐ заштитат испадна дека воопшто не постоела. И сега за брзо ќе се постави прашање кон што во иднина ќе се стреми СДСМ, нормално ако продолжи да постои.

Поради сево ова, не е претерување ако се каже дека на оваа партија навистина ѝ се заканува најцрно сценарио и дека тоа експресно ќе почне да се реализира уште во мај, ако навистина не успеваат да го убедат и домашниот и меѓународниот фактор дека ВМРО е опасност против која мора да се здружат сите политички сили.

КОНСЕНЗУАЛЕН КАНДИДАТ

Веројатно, предност на СДСМ е што и во минатото се соочувала со слични (нормално поблаги) ситуации од кои успевала да се извлече.

Еден од поадекватните примери за споредба се претседателските и парламентарните избори во 1994 година, кога на крилата на рејтингот на Глигоров и широката коалиција Сојуз за Македонија што се формираше против и тогаш проблематичното ВМРО, СДСМ успеа од потенцијален губитник да излезе како апсолутен победник на оваа пресудна политичка година.

Добро, подоцна ВМРО ги врати мандатите и го бојкотираше собранието цели четири години, што не е исклучено да се повтори, но поентата е дека на СДСМ и сега ѝ треба совршен претседателски кандидат. Тоа, всушност, е и нивната главна стратегија.

Во првиот круг од претседателските избори, кој е една недела пред парламентарните да се освојат заедно со ДУИ што повеќе гласови и математички тие гласови заедно со гласовите од останатите албански партии да гарантираат сигурна победа на консензуалниот проевропски кандидат.

Ова природно би требало да покрене домино ефект, кој барем малку попозитивно би се одразил и на резултатите од паралелните парламентарни избори.

Всушност, станува збор за обид за повторување на импресивните броеви од близу 700.000 проевропски гласови, кои СДСМ успеа успешно да ги извади на неуспешниот референдум во 2018 година.

И околу ова се апсолутно во право бидејќи овој референдум покажа дека, без разлика на сѐ, повеќе од третина од регистрираните гласачи се апсолутно проевропски ориентирани и само треба лидер или личност што може да ги обедини.

Актуелниот претседател на СДСМ, без разлика што е политички потценет (што може само да му е од корист во ваква комплицирана ситуација), веројатно е личност со најголема поединечна меѓународна поддршка во целокупната наша политичка историја.

Она што го изјавија лично за него и Ентони Блинкен и Џејмс О’Брајан (наспроти нивните ставови за Мицкоски) не може никако поинаку да се оквалификува, освен како отворено заземање страна во внатрешно-политички прашања, што дури и САД го практикуваат многу ретко и во исклучителни случаи.

Оттука, Ковачевски и СДСМ, барем од странците ќе имаат максимална поддршка да го изведат погореспоменатиот и реално остварлив план и така да ја задржат власта, плус нормално да продолжат да ги преферираат сојузничките интереси пред домашните.

И за да го остварат тоа, веројатно за првпат ќе мора објективно да се избере најдобриот можен претседателски кандидат со моментално највисок можен рејтинг, не на интерните, туку на општите анкети. Во спротивно, на СДСМ лошо му се пишува.

 

ЗОШТО НАЈГОЛЕМИТЕ СОЈУЗНИЦИ РЕДОВНО СТАНУВААТ ГЛАВНИ НЕПРИЈАТЕЛИ НА ЗАПАДОТ?

Погоре го споменавме директниот судир на Христијан Мицкоски со Стејт департментот, но малку се навратиме и назад кога Мицкоски беше клучниот фактор, кој можеби свесно не дозволи, но сигурно не се ни спротивстави адекватно на промената на името во 2018 година.

Не беше само ова како изолиран случај, туку генерално цели две години од неговото претседателствување тој се докажуваше пред странците дека е различен од Никола Груевски.

Е како дојдовме од тој уплашен Мицкоски во 2018 година до овој денеска, кој оди на сѐ или ништо (без разлика што е свесен на реалната моќ и влијанието на Калето кај нас), навистина е тешко да се одговори.

И поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, кој не само кај нас, туку и во Европа уживаше рејтинг на најкооперативен политичар, кој е подготвен и способен да исполни сѐ, сега е во студената војна со истите тие Американци. Како и зошто дојде до тоа, веројатно треба да се објаснува во цела книга, но факт е дека дојде и го гледаме на дело.

Ако кај Мицкоски во прашање е македонски национализам, тоа сигурно не случај кај Заев, кој и самиот влече протестантски корени, кои на неговите предци директно му ги пренеле американски мисионери. Значи, не е национализам, туку се работи за нешто друго.

Груевски, пак, кој е синоним за лидер урнат со американската булдожер-дипломатија, на власт во 2006 година дојде со портокалово знаме, повикувајќи се на континуитет на првата украинска антируска револуција во 2004 година.

Да се потсетиме дека тој беше само технократ, кој веруваше и се бореше за принципите на пазарната економија. И тој стана најголем непријател на Џо Бајден и компанија.

Неговиот претходник Љубчо Георгиевски, дури и на југословенско ниво бил прочуен по прозападната реторика од секој можен аспект. Искрен борец против сѐ што е југословенско и антизападно, на крај заврши на скриената „црна листа“ на Американците.

И најдобар пример е Борис Трајковски, кој буквално беше инсталиран за претседател лично од тогашните американски амбасадори поради својата протестантска вероисповед, но средината на мандатот ја дочека со неколку докажани жестоки вербални на работ на физички инциденти со претставници на НАТО пактот.

Па, зар сите од оваа долга листа се подеднакво луди така бргу да ги сменат ставовите во кои верувале и се бореле со децении и за кои како во случаите на Трајковски биле и воспитувани со генерации?

Или можеби барањата што се испорачуваат од спротивната страна и од позиција на сила се толку брутални и одвратни, што ниеден, па ни најкосмополитиски и либерален македонски стомак, не може да ги свари?

Поврзани новости