Унгарскиот премиер се сретна со Зеленски: По години тензии, Будимпешта и Киев се обидуваат да ги подобрат односите

by irena 14:06
14:06

Унгарскиот премиер Петер Маѓар за првпат оствари билатерална средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на состанокот на Европскиот совет, во обид да се подобрат односите меѓу двете земји. Односите со години беа оптоварени со спорови околу правата на унгарското малцинство и пристапувањето на Украина кон Европската унија, пренесува „Еуроњуз“.

Средбата уследи по неколкумесечни преговори за нејзино одржување, а двете страни ја гледаат како можност за нормализирање на односите.

За време на мандатот на претходниот унгарски премиер Виктор Орбан, Украина во Унгарија беше претставувана како безбедносна закана, додека Орбан отворено се противеше на нејзиното членство во ЕУ.

По изборната победа на неговата партија „Тиса“, унгарскиот премиер најави по прагматичен пристап кон Киев, но инсистираше Украина да ги исполни своите обврски во однос на правата на унгарското национално малцинство.

Во понеделникот, украинскиот парламент усвои нов закон за образование на националните малцинства, кој потоа беше потпишан од Зеленски. Веќе следниот ден, ЕУ ги отвори преговорите за уште два преговарачки кластери со Украина, откако Унгарија ги повлече своите приговори. Со ова се отворени вкупно четири од шест кластери.

„Како прв чекор кон обновување на меѓусебната доверба, оценивме дека украинскиот парламент го усвои законот за образование на малцинствата во согласност со договорот и дека украинската страна веднаш започна со негова имплементација“, изјави унгарскиот премиер по средбата.

Тој најави продолжување на разговорите на министерско ниво и изрази солидарност со Украина поради руската агресија.

„Го уверив украинскиот претседател во мојата целосна солидарност во однос на не хуманата руска агресија врз неговата земја, која трае веќе речиси пет години“, рече унгарскиот премиер.

Се очекува двајцата лидери наскоро повторно да се сретнат. Унгарскиот премиер најави можност за средба во текот на есента во Берегово, град во западна Украина кој претставува еден од центрите на унгарската заедница, која брои околу 100.000 припадници.

Слични вести