Чешката фудбалска репрезентација ја пречекува Шпанија во Прага во петтото коло од Лига А во Лигата на нации на УЕФА, но двете екипи влегуваат во натпреварот од сосема различни позиции.
Додека Шпанија, како лидер во групата, има максимални 12 бода, Чесите се на дното на табелата без освоен ниту еден бод.
И покрај тоа, чешкиот селектор Санти Денија вели дека неговиот тим утре оди на победа и сака да ја прекине победничката серија на шпанската репрезентација.
Шпанија пристигнува во Прага без неколку важни играчи, меѓу кои Ламин Јамал, Родри и Дани Олмо.
Сепак, чешкиот селектор – кој инаку е Шпанец – смета дека тоа не мора да биде предност за неговиот тим.
Во изјава за радиото „Кадена СЕР“ Денија рече: „Тоа што Ламин и Родри не играат не е добра вест. Би сакале Ламин Јамал да биде овде. Навивачите купуваат билети за да го гледаат него, но тоа не е во наша моќ“.
Иако Чешка забележа четири порази во овој циклус од Лигата на нации (исто како и Македонија во Лига Б), Денија е убеден дека проектот што го води е на вистинскиот пат (слична изјава како и македонскиот селектор Гоце Седлоски).
„На вистинскиот пат сме. Кога играчите не веруваат во она што им го кажувате, тоа веднаш се забележува. Сепак, Павел Недвед, спортскиот менаџмент, па и самите играчи веруваат во оваа визија. Тие уживаат во процесот, а тоа е најдобриот начин за напредок. Веруваме во она што го правиме“, изјави Денија.
Чешка утре има „поправен испит“ против светскиот шампион Шпанија, а пулените на Седлоски во петок имаат тешко гостување кај Шкотска која патем славеше со 2-0 во Скопје во оваа група од Лигата на нации.
Разликата меѓу чешките и македонските фудбалски репрезентативци во овој циклус е што Чесите барем постигнаа 2 гола, „рисовите“ уште се на нула.