Украсувањето е започнато, главниот град ќе блесне на 15-ти декември, најавува Арсовска

by fokus

Украсувањето е започнато, а како и секоја година, главниот град ќе блесне со Новогодишна магија на 15-ти декември, најавуваат од кабинетот на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска коментирајќи ги реакциите на јавноста дека Скопје не е предновогодишно украсено.

-Минатата година, во време на најголемата глобална економска и енергетска криза, градот беше накитен без дополнителни трошоци, а средствата предвидени за китење, но и трошоците кои порано се правеле за ручеци и пиење по кафани, беа наменети за ранливите категории на граѓани, се вели во соопштението.

Од кабинетот, овие реакции ги сметаат за реакции на партиски војници, а не на граѓаните на главниот град.

-Не ја разбирамe потребата, веројатно во недостаток на останати аргументи и оваа година во истиот период како на тајмер, партиските војници да констатираат дека „Скопје е тажно“ и дека „Скопје нема да се накити“ за време на Новогодишните празници. Секоја година истите луѓе се демантирани. Не од нас, туку од граѓаните кои се фотографираат со Новогодишните украси во градот. За загрижените да информираме – Градот Скопје и оваа година ќе биде украсен но за драстично пониска сума од она што досега секоја година се трошело на украсување на градот преку сомнителни набавки. Некој треба да одговори како трошел по фирмички за китење годишно помеѓу 90.000 и 245.000 евра за украсување, пари на граѓаните кои завршувале во приватни џебови, а сега градот се кити за 30.000 евра, се вели во соопштението.

Поврзани новости