Укинати субвенциите за новороденчиња во Неготино: 7.000 денари – слаба мотивација за раѓање!

by fokus

Неготинчани повеќе нема да добиваат субвенции во висина од 7.000 денари за секое родено дете, и 14.000 денари еднократна помош за трето родено дете. Нема 500 евра субвенции ниту за ергените постари од 40 години, кои ќе стапат прв пат во брак, и овие мерки кои се воведоа во 2013 година како мотивација за зголемување на наталитетот, со одлука на Советот на Општина Неготино се укинати.

„Точно е дека ги укинавме субвенциите за новороденчиња и за повозрасни ергени, од причина што според статистиките, од 2013 година, па до сега, тие не вродиле со плод. Односно, наместо да се зголеми, наталитетот во општината опаднал за околу 10 проценти“ – ни изјави Диме Витанов, претседател на Советот на Општина Неготино.

За разлика од него, поранешниот градоначалник на Неготино, Ванчо Апостолов, кој ги воведе овие мерки, постојано потенцираше дека наталитетот во општината бил во пораст, односно во рок од три години се зголемил за 20 проценти, и како субвенциите биле од голема важност за стимулирање на наталитетот, но и за стапување во брак на постарите ергени.

Сепак, Витанов открива дека голем број на граѓани со месеци ги чекале ветените субвенции, и како општината ќе се потруди да ги исплати за краток рок.

„Од претходната власт наследивме околу еден милион денари долг, на име на субвенции за новороденчиња и повозрасни ергени. Сите тие ќе бидат исплатени, но нови субвенции нема да има. Приоритет ни е отворање на нова детска градинка и сметаме дека тоа е многу покорисно за граѓаните отколку еднократната сума од 7.000 денари“ – вели Витанов.

Околу тоа што во градот веќе десеттина години не функционира гинеколошко – акушерското одделение, и трудниците се приморани да раѓаат во Кавадарци, Велес или Скопје, тој додава дека е во постојан контакт со Министерството за здравство и се бара решение за проблемот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости