„Уикенд“ е бугарскиот весник кој прв објави за суровина за дрога во автобусот

„Уикенд“ е неделник за кој во Бугарија се смета дека често објавува сензационалистички текстови, но е многу читан.

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение ја актуелизираше верзијата дека македонскиот автобус во кој загинаа 45 лица всушност превезувал киселина која се користи за производство на хероин.

На нашето прашање од каде до нив стигнала оваа информација, одговорија дека тоа било објавено во бугарските медиуми.

И тоа е точно. Прв медиум кој ја пласираше оваа верзија е бугарскиот неделник „Уикенд“. А, пред ВМРО-ДПМНЕ да праша за ова на прес конференција, прво Антонио Милошоски сподели исечок од весникот на Фејсбук. Сепак, од исечокот не можеше да се види за кој весник станува збор.

Бугарските новинари со кои разговараме велат дека „Уикенд“ важи за весник кој често објавува сензационалистички текстови, како и дека се смета за  „жолт печат“ и е многу читан.

Во текстот со наслов „Суровина за хероин го разнела ковчегот автобус на „Струма“?, бугарскиот весник тврди дека нивен извор од бугарските служби за безбедност им дал информација дека лабораториската анализа на една од тубите пронајдени на местото на трагедијата покажала траги од оцетен анхидрид. Оваа хемикалијата е важна суровина во производството на хероин и метамфетамини.

Шокантната верзија дека најкрвавата сообраќајна несреќа во историјата на Бугарија е поради шверц со дрога и суровини за производство на дрога, тешко дека ќе биде официјално објавена дури и ако истрагата ја открие, изрази скептицизам висок функционер во МВР. Според него, доколку вистината излезе на виделина, ќе следи громогласен меѓународен скандал, кој не и е потребен ниту на Бугарија, ниту на Северна Македонија, пишува бугарскиот весник.

Македонскиот јавен обвинител, Љубомир Јовески пак, изјави дека во автобусот биле пронајдени три пластични туби, но тие не биле зафатени од пожарот и биле празни. Тој рече дека овие туби биле за транспорт на дополнително гориво.

К.С.Б.

 

Поврзани новости