Убав почеток на годината за лозарите: И оние кои аплицирале за мерката 1.18 ќе добијат субвенции од два денари!

by fokus

Лозарите на кои не им следуваше државна помош од два денари за килограм произведено и предадено винско грозје во регистрирани капацитети за производство на вино од сортите Смедеревка, Вранец, Бургундец црн, Станушина, Кртошија, Жилавка и Кадарка, бидејќи претходно аплицирале за мерката 1.18, сепак ќе ја добијат финансиската помош.

Фамозната мерка 1.18 се најде во центарот на вниманието на лозарите изминатиот период. Имено, оние земјоделци кои аплицирале за истата, според неа добиваат поголеми средства од претходните години, и не можат да аплицираат за останатите мерки.

Но, проблемот, како што тврдеа поголем број на лозари, доаѓаше од таму, што на многу од нив операторите кои им ги потполнувале барањата без воопшто да ги прашаат, најверојатно под претпоставка дека лозарите ќе се сложат да земат поголеми средства, без дополнителни прашања, во барањата аплицирале за оваа мерка.

Од кабинетот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, ја потврдија информацијата дека сите кои ги исполнуваат условите, без оглед на тоа што аплицирале за мерката 1.18, ќе добијат дополнителни два денари за килограм предадено грозје.

-По консултации со претставници на лозарите и министерството, дојдовме до заклучок дека лозарите треба да ги добијат овие средства, како финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од корона вирусот врз производството, откупот на грозје и винската индустрија.
Лозарите ја имаат нашата поддршка и соработката ни е во заеднички интерес, посебно во овој тежок период. Ги информираме дека не треба да поднесуваат барања, тоа ќе биде обврска на винариите во кои го предале произведеното грозје – изјавија за ,,Фокус” од кабинетот на министерот Хоџа.

Покрај оваа мерка, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој заедно со Генералниот секретеријат на Владата, кон крајот на декември 2020 година, на сметките на 8,780 лица исплати вкупно 377,7 милиони денари за „Ковид 19“ мерката за откупено грозје за винската индустрија.

Корисници на оваа мерка се сите производители на грозје кои во периодот од 15-ти август до 31-ви октомври 2020 година, произведените количини ги предале на регистрирани производители на вино наменето за производи од грозје и вински дестилат.

На 24-ти декември минатата година ,,Фокус” пишуваше за мерката 1.18 поради која многу лозари реагираа дека без свое знаење, поради неажурност на операторите, кои не ги информирале за мерката, или пак поради нивна добра намера за добијат поголеми средства за мерката субвенции од декар лозов насад, ќе останат пократки за оваа финансиска помош.

Поддршка им даде пратеникот Златко Пенков од редовите на ВМРО ДПМНЕ кој апелираше министерството да ја исправи грешката и да дозволи сите лозари да можат да аплицираат и да добијат дополнителни два денари.

Денес за ,,Фокус” Пенков изјави дека е задоволен што се надминати недоразбирањата и порача дека добрата соработка помеѓу лозаропроизводителите и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е клучна за подобрување на лошата состојба во која се наоѓаат лозарите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости