Тужителите бараат од Османи 10.000 евра отштета за навреда и клевета

by Fokus

Тужителот Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права и неговиот претседател Бил Николов бараат од минисерот за надворешни работи 10.000 евра отштета за навреда и клевета. Адвокатот на тужителите на денешното подготвително рочиште рече дека ако Османи сака да критикува тогаш да си поднесе оставка од функцијата и да критикува како обичен граѓанин.

„Османи како претседавач со ОБСЕ оди по светот во заштита на човекови права, а тука омаловажува и навредува здружение кое се бори за малцински права“, смета адвокатот на Николов и Македонското меѓународно движење од Канада.

Бранителот на Османи побара од судот да ја одбие тужбата како неоснована и непоткрепена со факти и докази. Тој рече дека Османи има право да дава мислење за здруженија и граѓани кои делуваат јавно, иако е министер. Потоа додаде дека тужителите не доставиле медицинско вештачење со кое би се утврдила душевна болка од повреда на чест и углед, со оглед на тоа што се бара отштета.

Тужба е поднесена и против медиумот 360 степени.

„Османи и 360 Степени се гласно критични против сите кои ќе изразат несогласување со режимот и со американските анти-македонски политики, и нивното кршење на човековите права и граѓанските слободи. Тужбите се за кршење на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“, соопштија од здружението.

Македонското меѓународно движење за човекови права поднесе тужба против Османи, откако шефот на дипломатијата во октомври минатата година за бугарската телевизија БТВ изјави дека треба да се провери кој стои зад отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград поради чувствителноста на билатералните односи и да се види дали навистина има добронамерност или е дел од туѓа агенда.

ММДЧП го тужи Османи бидејќи ја посочил организацијата со седиште во Канада како еден од финансиерите на отворањето на клубот во Благоевград, наведувајќи дека станува збор за фондација која е антиамерикански, анти-НАТО и анти-ЕУ ориентирана, што е спротивно на интересите на македонските граѓани и на македонската заедница во Бугарија.

Поврзани новости