Ципрас го одби мандатот да формира влада, Грција пред нови избори

by Fokus
Foto: AP

Лидерот на грчката опозиција Алексис Ципрас на средбата со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу го одби мандатот за формирање влада, два дена по одржувањето на парламентарните избори во Грција.

Лидерот на Сириза Ципрас рече дека ја исполнил институционална должност да дојде на состанокот, но нема да го прими мандатот, бидејќи нема можност за формирање Влада.

Според уставна процедура денес Сакеларопулу го прими лидерот на второ рангираната партија на парламентарните избори за да му го врачи мандатот, откако претседателот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис вчера го врати и побара нови избори.

Ципрас објасни дека нема причина да го прими мандатот, а Сакеларопулу изрази надеж дека по следните избори ќе има Влада.

По средбата во претседателската палата Ципрас во изјава за медиумите рече дека презема одговорност за изборниот резултат и им се извини на гласачите и поддржувачите.

Сакеларопулу сега треба да го покани претседателот на третата партија односно на ПАСОК – Движење на промена., според формалната уставна процедура што почна вчера, иако веќе е сигурно дека земјата ќе оди на втори избори.

Нова Демократија на Мицотакис во неделата освои нешто повеќе од четириесет отсто од гласовите, два пати повеќе од Сириза. Тој предлага новите избори да бидат на 25 јуни.

Поврзани новости