Трамп: Ќе ја продолжам кампањата дури и да ме осудат

by Fokus

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој планира да се врати во Белата куќа во 2024 година, дури и ако биде осуден од федерален суд, изјави дека евентуалната осуда нема да го спречи да ја продолжи кампањата.

77-годишниот републикански фаворит, опфатен со скандали, беше запрашан како ќе реагира на наводите еден ден откако беа објавени новите обвиненија во случајот со доверливи документи.

Запрашан од екстремно десничарскиот радио водител Џон Фредерикс дали ќе престане да води кампања доколку биде осуден, тој одговори:

„Апсолутно не. Нема ништо во Уставот што може да ме спречи да водам кампања“.

Поранешниот претседател рече дека и екс американските претседатели како Барак Обама и Џорџ В. Буш ги „зедоа документите“, погрешно имплицирајќи дека неговите претходници го направиле истото за кое тој беше обвинет.

„Никој никогаш не доживеал вакво нешто. Ова е лудо“, налутено рекол тој.

Вчера, федералните обвинители го проширија обвинението против Трамп во случајот на ракување со доверливи документи – за кои тој веќе е обвинет – обвинувајќи го дека се обидел да ги избрише снимките од видео надзор за кои биле заинтересирани истражителите.

Покрај тоа, тој беше обвинет и во врска со тајни плаќања на поранешна порно актерка, а му се заканува и обвинение како дел од истрагата за обид да го претвори неговиот пораз на изборите во 2020 година во победа.

Државниот обвинител на Џорџија треба да го објави и резултатот од истрагата за притисокот што го вршел за промена на резултатот од претседателските избори во таа сојузна држава на југот до септември годинава.

Поврзани новости