Трајанов: Згрешивме што прифативме „заедничка историја“ со Бугарија

by Фокус

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, смета дека Бугарија во преговорите со Македонија тактизира по примерот на Грција.

– Бугарија го користи Договорот како оружје, дека ние истиот не го почитуваме. Главната цел на Бугарија е по примерот на Грција, да ги исечат корените. Оттаму, историјата е поголемо оружје и од атомската бомба. Погубна политика е да се разговара за јазик и историја. Никој во оваа земја не сака промена на уставното име, но во тој момент немаше подобро решение во поглед на Грција, а сега ЕУ сака да наметне притисок да се најде компромис со Бугарија. Нашата страна прави грешка, тргнувајќи од толкување на заедничка историја. Тие тези се неприфатливи, и потребен е консензус за да се оттргнат ваквите тези – истакна Трајанов на Канал 5.

Според него, само со силен политички притисок од ЕУ и САД ќе има придвижување во преговорите.

– За влезот во НАТО и ЕУ, ни беше посочено дека треба да се реши проблемот со Грција, никогаш не се спомена Бугарија. Со Грција немавме друго решение освен политичка храброст за да се смени името. Никој не сака да го смени уставното име, но тоа беше единственото решение. Сега и ЕУ отстапува од тој договор и упатува дека треба да се најде компромис со Бугарија. Не може да правиме отстапки од историските факти. Нашата грешка е што во договорот сме прифатиле да стои заедничка историја. И да била со добра намера сега Бугарија тоа го корист и- рече Трајанов.

Поврзани новости