Ѓорчев: Власта склучи договор со Бугарија без да се обрати до амбасадата во Софија

by Фокус

Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев, кој сега е стратешки советник на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, смета дека Договорот со Бугарија има многу аномалии, вклучително и негрижа за македонското малцинство во Бугарија. Тој на Канал 5 посочи дека ниту еден претставник на македонската влада не го консултирал како тогашен амбасадор во врска со овој Договор.

– Самиот начин на преговори без вклучување на амбасадата во техничките рунди, без да ме повикаат мене да учествувам во техничките рунди… Јас никогаш не бев повикан од страна на Димитров за консултации и никогаш не бев повикан да разговараме кој е ставот на амбасадата за општата бугарска слика за нашата држава и што сакаат тие да постигнат со Договорот. Јас мислам дека од аспект на дипломатска служба пристапивме непринципиелно – рече  Ѓорчев.

Тој истакна дека во македонската историја Гоце Делчев е македонски револуционер, македонски симбол и македонска вредност.

– Делчев е роден во отоманска провинција Македонија, се борел за автономија на Македонија, умира во Македонија и неговиот завет е дека сака да биде закопан во Македонија. Тоа е нашата содржина. Гоце Делчев е македонски, но и балкански херој во смисла на ослободување на овие простори од еден ретрограден империјален систем. Сето ова можеме да си го задржиме и да го направиме со една мудра македонска политика – посочи Ѓорчев.

Според него, за да се спроведе пописот треба да биде усогласен според европските стандарди, што, како што нагласува, не е случај во моментов.

-Пописот треба да каже одговор за тоа каде утре Македонија ќе се најде како демографска структура, како број на население, како работно способна сила за потребите на економијата. Сето ова бара еден добар закон и тоа би било најдобро кога тој би бил усогласен со Евростат, со европските стандарди. Јас сметам дека овој закон не е усогласен, затоа што треба да имате попис на жителите кои што живеат во македонската држава – рече Ѓорчев.

Поврзани новости