Грчките медиуми гледаат провокација во изјавата на Мицкоски: Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам!

by Fokus

Изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски дадена денеска предизвика реакции во грчките медиуми. Таму се коментира дека станува збор за „нова провокација од Северна Македонија“, за тоа дека идниот премиер „ја следи линијата на претседателката Сиљановска Давкова“.

„Северна Македонија: Провокативен претседателот на ВМРО – Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам, ако не ви се допаѓа да одите во Хаг“; „По Сиљановска, провоцира и Мицкоски: Ќе ја нарекувам мојата земја Македонија, ако сакате, одиме во Хаг“; „Христијан Мицкоски: Мое право е да ја нарекувам мојата држава Македонија – провокативни изјави на лидерот на ВМРО“; „Северна Македонија: Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам, вели претседателот на ВМРО“; „Северна Македонија: нова провокација од премиерот: Ќе ја нарекувам мојата земја, како сакам“.

Ова се дел од насловите во грчките медиуми, кои воглавно го пренесуваат текстот од грчката новинска агенција „АНА-МПА“.

Агенцијата ја пренесува изјавата на Мицкоски и ставот дека „ако Грција смета дека го прекршуваме Договорот од Преспа, нека се обрати до Меѓународниот суд“.

– Исто така рече дека во комуникацијата во институциите и меѓу институциите на неговата земја ќе се користи уставното име, но во изјавите пред новинарите или во говорите негово индивидуално право е да ги користи термините „Македонија и македонско“ и поттикнува истото да го стори и претседателката на државата – пишува грчката новинска агенција, која паралелно го цитира Мицкоски во делот во кој вели дека и тие исто како и Нова демократија не го сакаат Договорот.

Во соопштението за денешната изјава Мицкоски, од опозициската партија СИРИЗА велат дека „сакаат да го потсетат на принципот на меѓународното право `pacta sunt servanda` (договорите се обврзувачки и треба да се почитуваат), како и на предвидените санкции што произлегуваат од меѓународното право при континуираното прекршување на Договорот од Преспа“.

Потсетуваат и дека Договорот е предуслов за членство на Северна Македонија во Европската Унија и паралелно упатуваат апел, но и критики до актуелната грчка Влада.

-Ја повикуваме Владата на Мицотакис да ги преземе потребните активности како што е предвидено со Договорот од Преспа и веднаш да го интернационализира прашањето со што новото раководство на Северна Македонија ќе се соочи со своите одговорности пред меѓународната заедница во случај да продолжи да го прекршува Договорот – пишува во соопштението од СИРИЗА.

Поврзани новости