Тимотеј: Aктот на СПЦ e дел од процесот за добивање официјален Томос од Вселенската патријаршија

by Fokus

Владиката Тимотеј смета дека документот што денеска српскиот патријарх Порфириј му го врачи на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, е всушност акт со кој се потврдува написмено она што српскиот патријарх го соопшти во Скопје.

Тој во изјава за Сител телевизија вели дека ова е дел од процесот до конечно добивање на официјалниот Томос од Вселенскиот патријарх.

-Сега почнува процесот. Тие се согласуваат и сега го даваат тоа во писмена форма. Ќе ги информираат сите православни цркви, и почнува процесот, рече владиката Тимотеј.

Српскиот патријарх Порфириј денеска му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.

 

 

 

Поврзани новости