Забраната за Прохор мора да падне

by Fokus 19:33
19:33

Убеден сум дека е дојдено времето во кое, македонските црковни власти заедно со државните претставници, ќе го искористат актуелниот  момент на зближување меѓу нашите соседни земји, и во многу кус рок ќе договорат враќање на музејската поставка на АСНОМ во манастирот Прохор Пчињски, но и непречена посета на граѓаните на Република Македонија при чествувањето на вториот Илинден

Пишува Игор СМИЛЕВ

Без некоја особена намера да ги апсолвирам резултатите од канонските процедури во процесот за добивање автокефален статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на Српската православна црква, како и улогата на Вселенската патријаршија во она што се нарекува религиска иднина на верниците во Македонија, би сакал да бидам гласен на една профана тема, која недвојбено се наметнува по „отклучувањето“ на педесет и петгодишниот спор меѓу двете земји и цркви.

БЕСМИСЛЕНИ ОТВОРЕНИ ПРАШАЊА

Кога веќе православните верници од двете страни на границата со торжествен восхит ја примија веста за канонско единство меѓу МПЦ и СПЦ, многу е логичен заклучокот дека така збиените редови на православниот клир, ќе резултираат и со решавање на бесмислените отворени прашања, кои во средината на деведесеттите години настанаа како последица од меѓурелигиските недоразбирања.

Имено, сите ние сме сведоци за десетиците бакнувања на врата, при желбата да се прослави првото заседание на АСНОМ, на кое се удрени темелите на модерната македонска држава во манастирот „Прохор Пчињски“ во 1944 година.

Забраната за прослава на Илинден во овој манастир подоцна резултираше и со растурање на музејската поставка на АСНОМ, која со децении сведочеше за овој настан, најважен во поновата историја на Македонија. Аналогно на неможноста да се прослави создавањето на македонската држава на илинденското заседание, беше изграден Меморијалниот комплекс Пелинце, место кое ама апсолутно нема своја симболика, туку е избрано само како место блиско до местото.

ВРАЌАЊЕ НА МУЗЕЈСКАТА ПОСТАВКА

Убеден сум дека е дојдено времето во кое македонските црковни власти заедно со државните претставници ќе го искористат актуелниот  момент на зближување меѓу нашите соседни земји и во многу кус рок ќе договорат враќање на музејската поставка на АСНОМ во манастирот „Прохор Пчињски“, но и непречена посета на граѓаните на Република Македонија при чествувањето на вториот Илинден.

Само на тој начин, Република Македонија ќе покаже и докаже дека нема отстапување од асномските принципи врз чии темели е изградена македонската држава, а Република Србија и СПЦ на дело ќе ја покажат својата посветеност кон добрососедството и заедништвото, кое, мора да се признае, во последно време добива на интензитет.

Секое одбивање и нереализација на споменатите активности ќе бидат само уште едно голтање горчлива пилула во лицемерното животно окружување наречено Балкан.

 

Поврзани новости