Државниот инспекторат за труд утврди неисплаќање на прекувремена работа во конфекција во Ресе. Станува збор за текстилната фабрика ХАТЕКС ДОО Ресен, која, според инспекторите, на текстилните работнички не им исплаќала надомест иако работеле секоја сабота.
Инспектори влегоа во фабриката да извршат вонреден инспекциски надзор по барање на Хелсиншкиот комитет.
„Во донесеното решение по извршениот инспекциски надзор, Државниот инспекторат за труд – ПЕ Ресен, утврдил дека во спомената фабрика се врши прекувремена работа во сабота, прекувремената работа се евидентира, но не се исплаќа согласно закон. Инспекторатот со решение го задолжил работодавачот во рок од 30 дена од доставата на решението да им ја исплати прекувремената работа на 170 вработени во фабриката“, соопштија од Хелсиншки комитет.
Ова е прва постапка за вонреденен инспекциски надзор, иницирана од страна на Хелсиншкиот комитет, во која се утврдени неправилности во смисла на неплатена прекувремена работа во текстилната индустрија.
„Ја поздравуваме ваквата одлука на Државниот инспекторат за труд и ги охрабруваме текстилните работнички и работници да продолжат да пријавуваат неплаќање на прекувремената работа“, велат од таму.