Димковски од МЗШВ ги искара земјоделците: Да не си играме и да не манипулираме со цената на пченицата

by fokus

Шефот на кабинет на министерот за земјоделство, Трајан Димковски, апелира земјоделците да не шират дезинформации околу откупната цена на пченицата. Сумата што ја посочуваат од седум до 8,5 денари, рече денеска Димковски, одговорајќи на новинарски прашања, се однесува на пченица за сточна храна, а не на онаа квалитетната, за лебно зрно.

Според Димковски, има млинови што ја откупуваат пченицата и за 11 денари, но се работи за род со висок квалитет. Ваква цена не може да постигнат земјоделци со по пет хектари жито, туку големите со 300 – 500 хектари.

– Доста е веќе со вакви изјави. Да не си играме и да не манипулираме со цената на пченицата. Тоа влијае негативно врз откупот, а го користат и трговците. Идејата е да добиеме квалитетен, конкурентен производ, а не веднаш да зборуваме за ниски цени за да се добијат дополнителни два денара поддршка. И да се договорат за повисока цена, производителите треба да премолчат, нагласи Димковски.

На квалитетно зрно, дополни, отпаѓаат нешто под десет отсто од вкупниот годинашен принос.

– Ова е сензитивно прашање кое се повторува со години наназад. Лесно се излегува и се кажува цена. Ако некој е засегнат и дава изјава дека цената е таа, потсвесно, има интерес цената да биде пониска.  Сите изјави ги следев. Во последните десетина дена имаше три, едни велеа дека цената е седум денари, други дека е осум. Всушност тоа се однесува на пченица што се откупува за сточна храна. Цената зависи од квалитетот. Каков квалитет на лебно зрно ќе се испорача, таква цена ќе се добие, напомена Димковски

Поврзани новости