Таму каде што бевме лани, се наоѓаме и сега – без видлив и сериозен напредок, порача Црвенковски

by Fokus

„Подготвувајќи се за денешниов настан го прочитав и моето обраќање пред вас од мај минатата година. Што заклучив? Дека за жал можам да го прочитам истиот текст и денес и ништо важно нема да пропуштам. Таму каде што бевме лани се наоѓаме и сега без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за Македонија туку и за другите земји од регионот без разлика дали ќе го нарекуваме југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги започнавме преговорите“ рече денеска поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски на настан со Советот на амбасадори и упати критики за бавниот процес на евроинтеграциите на Западен Балкан.

Тој порача дека „како што стојат работите тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи. БиХ доби кандидатски статус но со 14 строги услови и без можност да ги користи фондовите кои следуваат за земја кандидат. Посебна приказна се Србија и Црна Гора, земји кои преговорите ги почнаа пред цели 9 односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече споро“.

Дека процесот оди бавно, според него, покажува и тоа што ништо не се променило ниту од неговиот последен јавен настап во мај лани.

Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече споро, продолжи тој, пред три години Франција предложи, а останатите земји прифатија нова методологија на преговорите. Меѓутоа, и новата методологија, нагласи, не даде резултати.

„Да се потсетиме дека токму заради тоа, а не заради бугарското вето во октомври 2019 година и покрај позитивната препорака од страна на Европската Комисија, Македонија не ги почна преговорите со Унијата. Што е резултатот од новата методологија? Овие три години ниту Србија ниту Црна Гора не направија ниту еден видлив значаен чекор напред во процесот на преговорите. Со други зборови, од различни причини, за различни држави процесот на евроинтегрирање на целниот регион или стои во место или бележи симболички напредок“ – рече Црвенковски.

Во ваква ситуација како сега односно ако нема промени, експретседателот вели дека не е оптимисти дека би можело да има напредок и во наредните неколку години.

Поврзани новости