Таксист од Кавадарци позитивен на корона вирус

by Fokus

Такси возач од Кавадарци е позитивен на корона вирус и моментално се наоѓа во домашна самоизолација.

Денес го добил резултатот од тестот, и бил контактиран од страна на инфектологот, а бидејќи бил во добра состојба, било проценето дека нема потреба да се хоспитализира, туку е препорачана самоизолација.

Веста за ,,Фокус” ја потврди и директорот на ЈЗУ Кавадарци, д-р Диме Коцев.

-Сакам да ја информирам јавноста дека денес е регистриран уште еден позитивен случај од Корона вирус ( CoVid – 19) во нашиот град. Се работи за 36 годишен кавадарчанец, кој за прв пат се јавил на преглед во Инфективната амбуланта во нашата болница на 9-ти април со симптоми на лесно покачена температура, чешање во грлото и малаксаност. По направениот специјалистички преглед, пациентот е упатен на дополнителни лабораториски испитувања и РТГ на бели дробови. Утврдено е дека наодите од овие испитувања се уредни. Препишана е соодветна симптоматска терапија и совет за домашно лекување. Заради симптомите, кои се карактеристични за КОВИД 19, лицето веднаш е упатено во Центарот за јавно здравје Кавадарци, каде што му е земен брис од грло и нос – истакна Коцев.

Тој додава дека потоа од страна на епидемиологот, по протокол, даден е совет за самоизолација во траење од 14 дена.

„Денес, по добиениот позитивен резултат, пациентот е контактиран од страна на нашиот инфектолог при што е добиен податок дека истиот е без никакви симптоми и се чувствува добро. Консултирана е веднаш Инфективната клиника во Скопје за овој случај и од таму е потврдено дека пациентот во овој момент нема потреба да се хоспитализира. Дадена е препорака истиот да остане на домашно лекување во траење од 14 дена , со назнака да биде во секојдневен контакт со матичниот лекар и за било каква промена да се консултира инфектолог. Во ЦЈЗ Кавадарци извршена е епидемиолошка анкета за лицето, контактите се веќе утврдени, кај сите се земени брисови и истите се испратени на испитување. Ја користам оваа прилика, уште еднаш да упатам апел до граѓаните, доследно да се придржуваат до препораките и мерките за заштита пропишани од страна на Владата. Ова особено важи за деновите од Велигденските празници кои се пред нас – информира Коцев.

Се уште нема официјални податоци колку лица се во самоизолација, поради контакт со инфицираниот.

Поврзани новости