Светски стандарди во новиот Центар за контрола на квалитет на „Алкалоид“

by Фокус

Фармацевтските производи се најстрого и највисоко регулирана категорија производи во светот, a испорачувањето на квалитетни, ефикасни и безбедни медикаменти е максимата по која треба да се води секоја сериозна фармацевтска индустрија. Строго контролираните услови за фармацевтско производство се предуслов за обезбедување високо квалитетни лекови, па оттука, фармацевтската контрола на квалитет е есенцијален дел во производните операции на „Алкалоид“ АД.

Примарната грижа и акцентот на целокупното работење на „ПЦ Фармација“ е насочено кон обезбедување на високо квалитетни производи кои потполно ќе ги задоволат потребите на пациентите. За таа цел, „Алкалоид АД“ Скопје во изминативе 18 години алоцираше значајни инвестициони фондови во капацитетите за производство и Институтот за развој и контрола на квалитетот на лековите. Како дел од тој инвестициски тренд, денес официјално е пуштен во употреба новиот капитален објект – Центарот за контрола на квалитет, инвестиција вредна над 5 милиони евра.

20160426_115933

– Новиот Центар за контрола на квалитет е технолошко-аналитички капацитет, кој се простира на површина од 3.000 m² и во него се изведува контрола на суровини, контактна и секундарна амбалажа, контрола на фазно производство и готови производи, микробиолошка контрола и стабилност на фармацевтски производи, валидациони активности и мониторинг и изработка на аналитичка документација за регистрационите активности за фармацевтските производи – рече директорката на Центарот, Христина Бабуновска.

За изведувањето на предметните активности во Центарот за контрола на квалитет опремени се лабораторија за влезни материјали, лабораторија за фармацевтски производ, сектор за аналитички развој, сектор за стабилност на комерцијални серии, микробиологија и оддел за приготвување документација за тековно работење и за регистрациони цели. Центарот има две простории за чување мостри од стабилност, две простории за чување резервни мостри и придружни административни простории. За функционирање на објектот обезбедени се соодветни услови за работа, како: соодветна вентилација за одржување константна температура и квалитет на воздухот, систем за продукција и дистрибуција на прочистена вода, компримиран воздух и останати индустриски медиуми. Системот на отпадни води е соодветно решен согласно актуелните европски и светски стандарди. Работните услови од аспект на безбедност при работа се на највисоко можно ниво, осигурени со собирен „СКАТ“ систем во работните маси и соодветни безбедносни кабинети за хемикалии и гасови.

Во Центарот за контрола на квалитет ќе работат повеќе од 100 високо стручни извршители, за која квота во моментов има 26 нови вработувања. 70% од вработените се со високо образование а дел од нив се специјалисти и магистри по науки.

Присуството на „Алкалоид АД“ Скопје на пазарите во над 30 земји во светот и постојаното тежнеење кон отворање нови перспективи, налага внимателно следење на барањата на строгите светски авторитети од областа на здравството и фармацијата и нивно имплементирање во секојдневното работење. „Алкалоид“ годинава на 20 септември ќе полни 80 години успешна работа.

Поврзани новости