Ковачевски: Овие избори се клучни, не се бисквити и гурабии

by fokus

Овие денови, а посебно вчера растат тензиите за изборите. И има причина за тоа. Овие избори се клучни за нашата иднина. Овие избори се глас за или против нашата европска иднина. Овие избори не се бисквити и гурабии и мене тоа воопшто не ми е смешно. Кога ќе слушнам заканувачки тонови веднаш ме потсетува на она што се случи пред 20 и кусур години по планините околу нас.

Ова денеска во неговиот митинг во Велес го изјави лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и носител во Изборната единица 1, осврнувајќи се на заострената реторика меѓу лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Сакам да и порачам на албанската заедница. Ова е и ваша земја. Никој не може да ви ги земе правата. Тие се запишани во Уставот. Но, вие имате и одговорност. Ако се надевате дека некое незадоволство ќе се претвори во насилство, се лажете. Прво граѓаните нема да го дозволат тоа. Никој здраворазумен нема да го дозволи тоа“, рече Ковачевски.

Но, рече дека сака да му порача и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски „внимателно по патот кој сте го фатиле“.

„И тој има последици. Секоја блокада на европскиот пат не е само стагнација. Тоа е и враќање назад. Ние не сакаме враќање назад во 2001 година или кој знае каде. Нашето меѓунационално единство е се уште кревко и не може да си дозволиме кој било да си игра со него“, вели тој.

Потоа, упати и порака до сите граѓани, како што рече дека СДСМ отсекогаш била партија која покажувала лидерство и одговорност.

Поврзани новости