Светот е поубаво место за живеење откако господинот д-р Срѓан Керим се справи со климатските промени, соопштија денес Обединетите нации. Тие ги прекорија земјите од неколку континенти кои оваа година останаа без зима да не се жалат, туку да уживаат во пролетта. Препорачаа сите да проверат дали до денес му дале орден на доктор Керим и ако се уште не го сториле тоа, да не губат време.
– Фактот дека едно годишно време е неповратно загубено не треба ве загрижува. Впрочем, многумина во САД годинава имаа можност да почувствуваат колку одвратна може да биде зимата. Денешните 22 Целзиуса среде февруари во Македонија се доказ дека глобалното затоплување не е толку лоша работа, а парите што ги потрошија Обединетите нации за климатски цели не отишле бадијала – велат од Светската организација.
Како што е познато, по претседавањето со 62 заседание на Генералното собрание на ОН д-р Керим беше назначен за специјален претставник на генералниот секретар Бан Ки-мун за справување со климатските промени. Ефектите од неговата работа ги чувствуваме секојдневно.