Еден од сведоците на денешното судење за случајот „Титаник“, која била вработена во МВР, во одделот за издавање на лични карти, појасни како кон крајот на 2012 и почетокот на 2013 година биле сликани граѓани од Пустец, Мала Преспа, без да ја поседуваат потребната документација, а за добивање на лична карта од Скопје.
-Од редовната процедура беше отстапено во периодот од крајот на 2012 година до почетокот на 2013 година. Во тој период мојата началничка ме повика и ми кажа дека треба да бидат сликани лица кои во моментот нема да ја имаат потребната документација. Ми кажа дека наредбата стигнала од Кирил Тодоровски, советник на тогашната министерка Гордана Јанкулоска, рече сведокот Оливера Димчева.
Таа дополни дека не и било лесно да ја прифати информацијата, но било ветено дека документацијата ќе се донесе отпосле.
-Беа повикани колегите Феркус Али и Али Емес. Ни беше кажано дека лице одговорно за носење на овие граѓани ќе биде Мунир Пепеиќ, рече сведокот.
Таа на прашање на обвинителката Лиле Стефанова, колку лица биле сликани на овој начин, рече дека не може да одговори прецизно, но истакна дека луѓето биле од Пустец, Албанија.
Судењето е во тек.
Во случајот „Титаник“, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
В.В.