Сведок во „Титаник“: Пепиќ ме извести дека преку посредник ќе примам барања за државјанства од Драгаш (Косово)

by fokus 11:27
11:27

Со сведочење на сведоци предложени од обвинителката Лиле Стефанова продолжи денешното рочиште за случајот „Титаник“, односно за изборните манипулации на ВМРО-ДПМНЕ, за што обвинети се екс премиерот Никола Груевски и неколкумина поранешни партиски функционери.

Првиот сведок, Виолета Димитровска, која работела во МВР, во одделението за добивање на матични броеви и државјанства, образложи како се одвивала процедурата за добивање на државјанства, дека барањата се поднесувале лично, но посочи и дека имало случај кога процедурата била заобиколена, односно лично таа направила исклучок.

- Advertising -

-И јас направив исклучок по известување од Мунир Пепиќ, кој работеше во истиот објек, но под Министерството за правда, дојде и ми рече дека се враќа од кај мојата началничка Надица Велевска која му кажала да примам барања од лица кои живеат во Брод и Драгаш (Косово), а кои што исполнуваат услов за државјанство, но нема да доаѓаат лично, поради лоша материјална состојба, туку имаат свој претставник кој ќе ги носи барањата, а јас да ги примам. По тоа што ми го кажа се качив кај началничката и кога ја прашав за што станува збор ми рече „што да ти кажам, што да ти речам“, рече сведокот.

Таа додаде дека по разговорот ги примала барањата, кои ги предавала на колешката која била на шалтер, а сето тоа се случувало во период од април  2014 до април 2015 година.

Сведокот дополни дека морала да направи исклучок и да ја заобиколи процедурата бидејќи, како што рече, друг избор немала.

Сведокот вкрстено го испрашуваше и пратеникот Илија Димовски, кој на забелешката на судијата Осман Шабани дека поставува директни, а не вкрстени прашања, рече дека му е прв пат и ќе се поправи, па што умешно постави неколку вкрстени прашања.

Во текот на судењето судијата Шабани ја предупреди обвинетата Билјана Бришкоска, која од место дополнуваше еден од адвокатите кој поставуваше пршање.

-Јавна опомена за Бришкоска. Уште еден збор и ќе седите во ходник, и рече судијата Шабани.

Во случајот „Титаник“, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.

Судењето е во тек.

В.В

 

Поврзани новости