Судскиот совет 16 месеци нема заклучок дали има одговорни судии за конфискацијата на Сеад Кочан

by fokus

Судскиот совет и по 16 месеци постапување не изготвил единствен извештај за работните посети што ги правеле членови на Советот во четири судови и да донесат заклучок дали има одговорност кај некој од судиите кои постапуваа за проблематичната конфискација на имотот на осудениот бизнисмен Сеад Кочан во случајот „Трансмет“.

Советот на денешната седница ги повлече од разгледување поединечните извештаи од работните посети во Врховен суд, Апелационен суд Скопје, Основен граѓански суд Скопје и Основен кривичен суд Скопје и ги задолжи координаторите на четирите судови во рок од 15 дена да изработат еден заеднички извештај што потоа ќе биде разгледан на седница.

Поранешната претседателка на Советот, а сега член, Весна Дамева ја посочи колешката Лорета Ѓоргиева, како единствена која не доставила извештај за Основниот граѓански суд.

– За ова неколку пати усно укажував на членот, но немав разбирање. Укажував и на последниците, бидејќи сме врзани и за рокови за постапување и се плашев дека дел од тие рокови ќе истечат и ќе сносиме и ние одговорност, бидејќи не може да се криеме зад останатите членови или цел Судски совет. Затоа, кажав дека за жал одредено постапување на одредени членови е на штета на целиот судски совет, изјави Дамева.

Ѓоргиева не беше присутна на седницата бидејќи била се уште на годишен одмор.

Координатор на Кривичен суд е Дамева, членот, Ханиф Зендели на Врховен суд, Ѓоргиева на Граѓански, а Тања Чачарова Илиевска на Апелациониот суд Скопје.

Мрежа испреплетена од голем број учесници потпомогнале во случајот со конфискација на имотот на „Трансмет“, констатираше пред извесно време Антикорупциската комисија.

Дел од имотот кој требало да биде конфискуван во случајот бил преземен од фирми и банки со што била направена штета од над 12 милиони евра.

Поврзани новости