Срѓан Керим барал умереност од новинарите, за весниците да добиваат тендери од владата?!

by Фокус

архиваТекстот е објавен во неделен Фокус, бр.774 од 30 аптил 2010 година

Интервјуто со управителот на МПМ, Горан Гаврилов, ептен светски беше одмолчано од медиумите на ВАЦ. Сепак имаше некаков ,фитбек, од македонската  адреса на Германците. Заради неговите изјави во Фокус, откажан е состанокот на Гаврилов со Керим, а на писмено ќе добие и заблагодарување на соработката. Тој, пак, ја дополнува приказната: „Филозофијата да бидат ,поумерени кон Владата, за да добиваат тендери“ е кредо на Срѓан Керим, кому му пречеше блискоста на Утрински весник со СДСМ!

Пишувала Јадранка КОСТОВА

Интервјуто со сопственикот на националното радио Канал 77 и управител на Медија Принт Македонија (МПМ), Горан Гаврилов, изминативе денови предизвика низа реакции, иако повеќето главно ја промашија целта. Ако наводите на Гаврилов беа само ,уметничка слика, на хаосот, кој години наназад владее во македонската медиумска сфера, оние најповиканите за воведување на ,ред и поредок, – или се оглушија, или се занимаваа со ,теоретизирање, и највулгарно сеирџиство. Да биде се доследно на нашиот балкански имиџ, најголемиот дел од медиумите, особено оние од системот на ВАЦ, кои во секоја пригода милуваат да истакнат дека се ,единствените во Македонија кои работат по светски критериуми,, ептен светски ги одмолчаа бројните, а не баш пријатни искази на Гаврилов за генералниот директор на фирмата во која работат. Небаре со тоа ќе ги решат проблемите. Како што тие, впрочем, нема да исчезнат ниту со ,шут картата, што ја добил Гаврилов, ама и уште по некој ,бренд менаџер, од МПМ. Според неговите најтазе наводи, филозофијата да бидат ,поумерени кон Владата, за да добиваат тендери, е кредо на друг нивен ептен светски менаџер, а, за волја на вистината, таа веќе е доминантна во Македонија!

Сепак, имаше некаков ,фитбек, од македонската  адреса на ВАЦ. Името на ,лошиот управител,, експресно после интервјуто беше избришано најпрвин во Вест, па и во Дневник и Утрински весник. Со истата брзина ќе биде откажан и состанокот на Гаврилов со Керим, заради неговите јавни настапи во Фокус и во Време. Се разбира, проблем е кажаното, затоа што не така одамна самиот Керим се распосла со интервју во Фокус. Ваквата ,казна, пак кон Гаврилов, колку и да звучи смешно, од Велија Рамковски прави невиден демократски колос. Та, Бранко Геровски шеташе по телевизии, за да се жали на цензурите од газда Велија, па, еве, жив и здрав, повторно е уредник на Шпиц. И, така, уследи главната вест: Управителот на МПМ Гаврилов, после Фокус доби абер дека веќе е екс-управител. Според накои информации, пак, ќе му биде покрената и тужба за одавање на деловна тајна!

КОЛУМНИСТИ СПОРЕД СВЕТСКИ ТЕРК

Пред на минам на останатите реакции, да расчистиме со неколку детали. Прво, Горан Гаврилов е избор на генералниот менаџер на МПМ, Срѓан Керим. Второ, Фокус веќе пишуваше дека назначувањето на Гаврилов за управител во МПМ, фактички значи недозволена концентрација на медиуми (радио и печатени). Но, оние кои ,единствено работат по светски стандарди, и го прозиваа Рамковски за вакви ,направии, оваа ,дешавка, ја одгледаа без коментар. Светски, што би се рекло! И, трето, веројатно спаѓа во некакви светски стандарди тоа што Гаврилов е сепак релевантен соговорник. Сопственик е со години на национално радио, ем стана управител на медиумската империја на ВАЦ. Дали ја говори вистината?! Фокус останува отворен за сите реакции, иако, за жал, некои одбија, а други се сведоа само на писмени соопштенија!

Имам разбирачка, зошто од МПМ не сакаат да разговарат за ,деловни тајни,. Но, ете, генералниот менаџер барем се огласи да спори со Јанко Бачев во овој број на Фокус. Море, згора на тоа, пречесниот Керим ќе ме дадел и на Судот на честа при ЗНМ, тие да ми судат… Бррррр, се наежив! Од светските стандарди, де, на ВАЦ за колумнистите. Мислев дека и во изданијата на ВАЦ колумнистите имаат слобода при изборот на темите и стилот на изразување. Сега ми делува верно, дека Влатко Ѓорчев навистина бил откачен од Дневник, заради некои наводи во колумната за ,црвената буржоазија, од Водно. И, ете повторно иронија на судбината – Влаткота мораа да го прибираат во Шпиц, кој, нормално, како и Фокус, работи по несветски стандарди. Крачка по крачка, се повеќе ми станува мил ем драг Велија, кој, ете, после толку написи за него, не ја откачи рекламата на Фокус од етерот на А1. Се разбира, за неа си плаќаме, ама, штом некој ,јаде трици, против газдата, тогаш светско однесување би било – ,Или ич, или брич,. Што би рекле, светско, а наше!!!

Инаку, поголемиот дел од интервјуто со Гаврилов се однесуваше за состојбите во радиодифузијата. Тоа беше темата за која првично сакав да пишувам, но, онака спонтано, без некакви посебни планови и договори, без некакво сценарио или однапред дадени прашања, излезе интервјуто. На првиот човек на Советот на радиодифузија, Зоран Стефановски, му понудив интевју за овој број. Едноставно, темата заслужува простор и внимание. Уште повеќе да се слушне зборот на сите прозвани, а релевантни фактори. Во понеделникот, Стефановски одби интервју, а ме упати на соопштението што Советот за радиодифузија ќе го издаде по овој повод. Го пренесуваме во целост, иако од него нема да разберете, ниту кој рекол, ниту каде рекол, ниту што рекол… освен дека радиодифузерите се цврсти ,кано клисурина, и одолеваат на сите временски непогоди. И на веќе екс-членот на Советот, Илир Ајдини, му понудив разговор, но, повторно завршивме со писмено соопштение, наречено демант, кое исто така во целост го презентираме!

Кога сме кај етерот, единствената суштинска и содржајна реакција пристигна од Радио Штип. В.Д. директорот Кирил Манев отвори уште еден болен сегмент од медиумскиот простор – локалните јавни радио-станици. Според него, некој континуирано работи на нивното изумирање. Тој го обвинува и Горан Гаврилов, дека студиозно работел на ликвидирањето на 29-те јавни локални радио-станици во Македонија. Еднаш тоа е правено преку закон, поточно, самиот Закон за радиодифузна дејност бил стокмен да ги уништи. Потоа, немале заштита ниту од Советот за радиодифузија. И, трето, сега доживуваат зафрканции и од власта. Имено, Министерството за економија, кое распишало тендерот за продажба на радијата, и после три години од отворањето на понудите на заинтересираните купувачи, нема одлучено за најповолните понудувачи. Четврто, овие јавните локални радио-станици до сега не добиле ниту денар од радиодифузната такса, иако според законот им следува 5 отсто од прибраните средства, се до завршувањето на трансформацијата. Сакам да верувам дека барем овие констатации на Манев ќе наидат на било каква реакција!

НЕ УБИВАЈТЕ ГО ГЛАСНИКОТ

Сепак, сите овие девијации во ,етерот, на Македонија, не беа предизвик за политичките партии. Од брдото ,пиздарии, што се случуваат, а за кои проговори Гаврилов, за Груевци најбитна стана ,енигмата,: Кој е високиот функционер од СДСМ, кој барал Гаврилов да се откаже од конкурсот за радио во Куманово? Да им ја задоволам љубопитноста, повторно го прашав Гаврилов за името на посредникот.

,Не би сакал да го откријам изворот, затоа што има едно старо римско правило, а тоа е – ,Немој да го убиваш гласникот. Тој не е виновен,.- е одговорот што го добив. Патем, што менува во приказната, дали посредникот од СДСМ се вика Перо, Стојан, Курто или Мурто?

Ниту од кај Бранковци не дојде некаков поконструктивен коментар, под што поразбирам предлог да се стави ред во медиумската сфера. Онака, де, како што бараат да се расправа за проектот Скопје 2014. Обете партии се занимаваа со нивните епохални откритија, од типот – Зоран Стефановски е предлог на СДСМ, или за ,иновациите, на Груевски во третманот на медиумите (види рамки). Ваквата размена на мислења, а ла стринки на плот, и не е изненадувачка, но, она што ептен сериозно загрижува е кога портпарол на партија на власт поставува прашања за ,перење на пари, преку однапред договорената распределба на концесијата за Кумановското радио, со јасна алузија дека профитот ќе завршел на партиското конто, и тоа го адресира до опозицијата. Да се крстиш со две раце!!!

Прво, логично е, барем за нормалните демократии, ваквите прашања да се поставуваат до власта, па макар да ги соопштува и Бичиклиски. Второ, уште понормално би било, оној што прашува за туѓите партиски конта, претходно да обелодени како ги пополнил ептен ,накрцаните, сопствени сметки. Во секој случај, од тонот и деталите кои доминираа во партиската преписка, јасно е како ден, дека кај главниве фактори не постои намера да се отворат, онака чесно, девијациите во медиумската сфера. Веќе ги спомнав локалните радија, но, тука е и МРТВ, па следува недозволената концентрација на медиуми, што стана правило, па чудните врски со Владата на газдите и уште многу други проблематични појави, кои го прават медиумскиот пазар хаотичен. За силните финансиски инекции од буџетот до подобните медиум, ич муабет да не отвораме. Пазарната логика овде одамна исчезнала!

И, да завршам со реакцијата на главните уредници на изданијата на ВАЦ, кои силно се спротивставија на новите бренд-менаџери. Како што признава и самиот Гаврилов, тие ја добија битката. Во принцип, логично е да бидам на страната на новинарите. Само што сказните дека во Македонија новинари победиле менаџери ми звучи како една од бајките на Х.К. Андерсен. Ако тиражот паѓа, а редакциите сакаат да живеат како во времето кога беа само НИП-от и МРТВ, со едно чудо вработени; ако главниот огласувач во државата е Владата… Што тогаш сме победиле, ако сме смениле еден, двајца или тројца!? Така, повторно се враќам на основната поента од разговорот на Гаврилов – хаосот кој владе кај целата медиумска ,популација, на која секако и тој кумувал. Хаосот, кој значи изместени пазарни критериуми, со наопачки извртени механизми за преживување, со ненормален број на медиуми за држава со два милиони жители, а во која никој од нив не пропаѓа, со газди со задолжителни политичко-бизнис амбиции..!

Кога оваа наша крвна слика ќе ја соопшти Брисел, е тогаш, онака, по светски стандарди, таа ќе добие простор и гласност. Но, ние ќе продолжиме сите заедно да играми по нашите балкански ноти. Како и да е, Фокус е отворен за сите размислувања за оваа наша болка, а темата, без оглед на судовите на пречесниот Керим, и натаму ќе биде присутна на нашите страници. Иако сево ова, барем на прв поглед, наликува на некаква латино-американска сапуница!

Горан ГАВРИЛОВ, екс-управител на МПМ

ВЛАДАТА ГИ СЕКНА РЕКЛАМИТЕ ШТО НИ НОСЕА ЕДЕН И ПОЛ МИЛИОН ЕВРА!

timthumb (1)ФОКУС Што се случи после Вашето интервју за Фокус?

ГАВРИЛОВ Како прво, средбата што беше закажана за понеделникот, на која требаше со Керим да се договориме на кој начин ќе ги решиме проблемите, беше откажана со писмо заради интервјуто во Фокус. Но, во исто време, преку пошта добив друго писмо со многу чудна содржина, барем за нашиот правен систем. Во него стои дека ми се заблагодаруваат за досегашниот труд и дека го откажуваат понатамошниот ангажман. Писмото го добив на 23 април, а на содржината на писмото стои 14 април!? Значи, тоа е фалсификат, бидејќи јас тогаш бев на боледување, а, додека сум на боледување, немаат право да го прават тоа, ниту да ми даваат отказ, согласно македонските закони за работни односи. Значи, главната причина е интервјуто во Фокус. Кога се појавив на работа, по наредба на Керим ми се одземаа сите документи, се нареди никој да не комуницира со мене, ми се исклучи локалот, и-мејлот, без да се даде никакво образложение. Му се јавив на Керим, да го прашам зошто ме третира како криминалец!? Подоцна разбрав од другите вработени, дека тоа било вообичаена пракса на вршење притисок на луѓето за да се откажеш сам. Го предупредив Керим, дека овој обид нема да му успее и дека она што ми следува, согласно договорот и согласно законот за работни односи, ќе го барам по судски пат. Правниот систем вели, а и во договорот пишува, дека за да се смени управител, потребно е 14 дена да се најави седница на собир на содружници, каде што ќе бидат присутни и управителите. До сега такво нешто не е свикано!

ФОКУС Сакате да кажете дека ова не е отказ?

ГАВРИЛОВ Ова не е отказно решение, бидејќи отказното решение треба да има образложение. Можеби во правниот систем на Буркина Фасо може да помине, но, овде ова не може да помине како отказ.

ГО ПРИЗНАВАМ ПОРАЗОТ ОД ГОРАН МИХАЈЛОВСКИ

ФОКУС Како заврши разговорот со Керим?

ГАВРИЛОВ Во негов стил, се бранеше дека не е точно дека се забранувало на луѓето да раговараат со мене. Му реков да не глуми, бидејќи си останувам на работа. Не можат со притисок да ме натераат да се откажам и притоа да не ги исплатат парите кои ми следуваат. Омбудсманот на ВАЦ бил деновиве овде, но, јас не бев повикан на средбата, иако во правниот систем сеуште сум управител. Знам дека човекот не бил воопшто информиран за мене и сето тоа е фарса. Во секој случај, ќе одам до крај по судски пат, ќе поднесам тужба за мобинг и психичко малтретирање заради ваквиот настап, со цел јас да ги загубам нервите и самиот да се откажам, ама јас тоа нема да ги сторам. На крајот на краиштата, и да ме сменат од управител, тие мора да ми најдат друго работно место. По законот за работни односи, во рок од 15 дена мора да ми понуди друго работно место. Ако ми понуди шеф на транспорт, јас ќе прифатам и ќе одам на работа. Се врши притисок и на други луѓе, за фирмата што помалку да плати оштета. А, дефинитивно, Горан Михајловски победи и јас јавно му признавам пораз за ова. И дека тој сега ја владее фирмата и ги контролира сите процеси внатре.

ФОКУС Кон кои други луѓе е вршен таков притисок?

ГАВРИЛОВ Пред се, кај Керим има конфликт на интереси. Тој е член на управен одбор на ОСТ Холдинг, а во исто време е управител и на МПМ Македонија. Ако вие сакате да се жалите кај газдата, се жалите поворно кај ОСТ холдинг, односно кај Керим. На пример, јас по барање на Керим требаше да го избркам директорот на маркетинг, Петар Рибарски, или да му ја намалам платата на пола. Но, Рибарски се жалеше до ОСТ Холдинг, кој му ја прифати жалбата, а Керим се потпиша, иако идејата беше негова. И, сега мене ме става во глупава ситуација: Јас сум управителот кој одлучува по негово барање, а тој е газдата кој одлучува по жалбата!? Но, вакви негови двојни игри имаше и за други ситуации. Јас влегов во непотребна кавга со Илија Димовски од ВМРО- ДПМНЕ, за долгот што оваа партија го има кон МПМ, а по инсистирање на Керим да ги наплатам парите. Се скарав со луѓето, за тој после два дена да отиде кај Илија Димовски, заедно со финансовиот директор. Им рекол дека јас сум малку брз и дека нема да има проблем за плаќањето. Кога ќе можат, тогаш да плателе!? Се најдов во глупава ситуација, па го прашав на што личи тоа?! Таа двојна улога, и на газда и на управител, воопшто го руши севкупниот систем и му дава дополнителна моќ. Не знам колку се свесни за овој реален проблем.

ФОКУС Како ќе се решава проблемот со падот на тиражите, за кој говоревте, кога смислата на кадровските промени беше реформата на системот на МПМ?

ГАВРИЛОВ Мислам дека со дополнителната инвестиција на веб-порталот, ќе ја покрие загубата. Тоа ќе биде кредит, земен од страна, со кој ќе ја покрие загубата. Или ќе биде на некоја позитивна нула на рентабилност, но, моја претпоставка е дека ќе има загуба, па, со рентабилноста на Графички центар, кој работи добро, ќе го покрие тој бизнис. Ако сме правеле до сега паралела, дека големите газди Велија и Ѕинго имаат други бизниси, со кои можат да го покријат медиумскиот бизнис, и тука е таква ситуацијата.

ФОКУС Значи, печатницата е таа што вади пари?

ГАВРИЛОВ Да, таа ги покрива трошоците на изданијата, што до лани не било случај, но, ситуацијата сега е веќе посериозна.

УТРИНСКИ МУ БЕШЕ ПРЕМНОГУ БЛИЗОК ДО СДСМ

ФОКУС Сепак, Ѕинго и Велија имаат други бизниси, имаат и политички амбиции. Што е смислата на Керим, доколку биде на позитивна нула. Која е логиката?

ГАВРИЛОВ Па, логиката е во тоа што ќе има мир со новинарите и редакциите, но, тој мир ќе го чини ВАЦ. Логиката е дека во Пи-ар службата беа двајца, па тројца, и така се зголемува бројот. Зошто во една приватна фирма има толкав број на луѓе на Пи-ар местото? Најверојатно, затоа што позитивниот имиџ тој треба да го гради преку фирмата и преку пи-арот кој што фирмата го плаќа. Тоа треба да значи нешто. Но, сметам дека ако продолжи вака, вие можете да имате добра база, но, ако базата не носи профит и ако не се носи со времето, за многу кратко време може да ја загуби фирмата, бизнисот, влијанието и луѓето. До сега ВАЦ овде имаше имиџ дека е единственото здраво тело кое што е професионално, кое ги почитува сите етики. Но, штом не ги почитува македонските закони, од работни односи па до закон за трговски друштва, тогаш јавноста треба да знае дека таа фирма се претопила во нашиот балкански менталитет.

ФОКУС Не ми е јасно, како успеавте толку брзо да ја спукате работата, иако претходно со месеци преговаравте!?

ГАВРИЛОВ На почеток, Керим мислеше дека со мене, како параван,  можеби ќе успее да го реши проблемот со Утрински весник, кој според негово мислење важи за весник близок до СДСМ, а дека тоа мора да се промени. Да се сврти кон ВМРО-ДПМНЕ или целосно да се изолира. Имаше идеја, двајца врвни новинари од Дневник да ги префрлиме во Утрински весник. Така, да остане чист Дневник, а Утрински да се изолира со многу помал тираж. Но, со тоа, влијанието би му се намалило и на Утрински весник, а Дневник би ослабнал без тие двајца новинари. Јас на тоа не се согласив, затоа што сметам дека на тој начин ќе направиме гетоизација на новинари, кои тој непотребно партиски ги обележува.

ФОКУС Дали навистина станува збор за Катерина Блажевска и Васко Попетревски?

ГАВРИЛОВ Да, но, Керим после се предомисли. Разбраа уредниците, Кокаланов се побуни, а и јас не се согласив на тоа. Инаку, навистина имавме проблем со владата на ВМРО-ДПМНЕ. Ако претходно доаѓале околу еден и пол милион евра, пари кои владата ги дава за огласи, сега веќе тие секнаа. Јас се понудив, да одам и да разговарам чисто деловно со луѓето од владата. Ние добивавме и тендери, кои после не се спроведуваа. Џабе си добил, кога прават рамковен тендер и не ти ги даваат парите. Тоа за фирмата не се мали пари. Керим сметаше дека мораме да бидеме малку поблиски и пофлексибилни, поумерени кон власта. Јас, пак, на тоа гледав како на чист деловен однос. Затоа прифатив да разговарам со луѓето од власта, за да не оди тој, ама, околу новинарскиот дел му реков тој да си ја заврши работата.

ФОКУС Што за новинарите?

ГАВРИЛОВ Па, да бидат поумерени и да не ја иритираат владата, за да можеме побрзо да добиеме тендери.

ФОКУС Керим сакал доближување до власта или мотивите му се само финансиски?

ГАВРИЛОВ И двете, и политички и финансиски, кое јас не го одобрив и се тргнав од тоа. Во мојата 18-годишна медиумска кариера, со никого не сум преговарал за никакви пари, за никакви тендери. Тоа поинаку го правам и би било лошо за мојот имиџ, па затоа се тргнав. Мислам дека тој ќе бара друг начин. Инаку, за него многу ќе ви каже и следниов пример. Бараше од мене да избркам една вработена, затоа што била грда, дебела и немажена!? Жената ми дојде расплакана, а јас одбив да постапам по наредбата на Керим!

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ Е ФАТЕН НА ДЕЛО

На интервјуто на Горан Гаврилов за Фокус, први реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, Гаврилов говори ,за класичен партиски-бизнис конфликт на интереси во распределбата на концесиите за радио медиуми, во кој се засегнати интереси на високи личности од опозицијата,. Од нивната прес-конференција упатија и неколку прашања до Гаврилов и СДСМ: Кој е високиот функционер од опозицијата што вршел притисок за доделувањето на концесиите за локални медиуми?; Дали преку однапред договорената распределбата на концесијата за Кумановското радио е начинот на кој се сака да се испере голема количина на пари?; И дали профитот на однапред договорената зделка треба да заврши на одредено партиско конто?

Откако не добија ,име и презиме, следуваа уште две реакции на Груевци, во кои потенцираа дека ,СДСМ е фатен на дело,. Овој пат, се осврнаа повеќе на претседателот на Советот на Радиодифузијата, Зоран Стефановски. Потсетија дека Стефановски е избран за член на Советот на Радиодифузија во време кога СДСМ е на власт, дека неговата сопруга е актуелен советник на СДСМ во Општина Прилеп и доскорешен претседател на клубот на жени на СДСМ од овој град. После ова, вмровците дојдоа до заклучок, дека ,Стефановски се чувствува обврзан да ги штити интересите на СДСМ,. Или, дека постои партиско- политичка спрега на интереси помеѓу СДСМ и членови на Советот за радиодифузија.

СДСМ: ГРУЕВСКИ ДА ПРЕСТАНЕ ДА СИ ЈА ИШКА МУВАТА ОД КАПАТА

Изнесените тези и прашања од спротивниот табор, СДСМ ги оцени како ,политичка перверзија,. Според нив, медиумите се под секојдневен притисок од ,Никола Груевски и претставниците на неговата портокалова изродба,. Како илустрација за директна партизација и упад на ВМРО-ДПМНЕ во независните регулаторни тела, ќе го наведат ,назначувањето на партискиот и некадарен војник на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Ивановиќ, за директор на Агенцијата за електронски комуникации,. Токму преку неа, смета СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ сака да ги држи во партиско заложништво медиумите.

,Ги повикуваме и охрабруваме ВМРО-ДПМНЕ, фамилијарниот министер за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и фамилијарниот директор на тајната полиција, Сашо Мијалков, да ги проверат сите наводи, ќе срочат Бранковци контра-одговор на прашањата поставени од ДПМНЕ.

Потоа ќе набројат повеќе случаи за начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ се однесува кон медиумите: ,Списоците на новинари кои беа правени од страна на шефот на кабинетот на премиерот, инсталирањето на партиски послушници-мегафони по медиумите, кои на Груевски му се обраќаат милозвучно со ,пастирот,, злоупотребите на Собранискиот Канал на МТВ за пренос и репризирање на Владини седници, големиот број кривични пријави против новинарите кои резултираа со изречените казни за нив..!,.

На крајот, го повикаа Груевски ,да престане да си ја ишка мувата од капата со вакви бајати прес-конференции,!

Соопштение СОВЕТОТ ПОКАЖА ДЕКА Е ИМУН НА СЕКАКОВ ВИД ПРИТИСОЦИ

Советот за радиодифузија (СРД) ги отфрла сите неосновани напади, кои доаѓаат од политички и бизнис субјекти во однос на неговото работење, изнесени во одредени медиуми и на партиски конференции за печат.

Државата и политичките партии во едно демократско опкружување мораат да ја гарантираат независноста на регулаторните тела и секое мешање во нивната работа може негативно да се одрази во општеството и врз слободата на медиумите. Меѓународните норми јасно посочуват дека важни предуслови за развој на демократијата се независната регулација и гарантирањето на слободата на медиумите.

И покрај обидите за политичко мешање, идентификувани во последниот извештај на ЕУ за напредокот на земјата, СРД во досегашното функционирање покажа дека е имун на секаков вид притисоци. Затоа, Советот ги повикува партиите и претставниците од медиумскиот бизнис да работат согласно законските и демократските принципи и да не се обидуваат да ја нарушат неговата независност, која е негов врвен приоритет како регулаторно тело.

Демант Илир АЈДИНИ

ОГЛЕДАЛОТО ПОЦРВЕНУВА КОГА ГАВРИЛОВ ЌЕ ЗАСТАНЕ ПРЕД НЕГО

Со Горан Гаврилов се имам сретнато во кафе-барот Его, откако понизно ме молеше, и тоа преку трети луѓе. Сите негови други наводи во интервјуто за Фокус се неточни, а претпоставувам дека истото вреди и за она што го кажува и за останати лица кои ги споменува во интервјуто. Затоа, сигурен сум дека огледалото поцрвенува кога тој ќе застане пред него. А, Горан Гаврилов сигурно не поцрвенува, затоа што го нема она што го имаат другите луѓе.

Кирил МАНЕВ, В.Д. директор на Радио Штип

САМОБЕНДИСАНИОТ ГАВРИЛОВ СИ ГО ПОКАЖА ВИСТИНСКОТО ЛИЦЕ

Не сакам да навлегувам во делот од интервјуто во кој Горан Гаврилов зборува за проблемите во ВАЦ. Но, јасно е дека тој и Срѓан Керим потпишале штетен договор, за што последиците ќе ги сноси ВАЦ. Можеби овој штетен договор не е потпишан без причина. По мое длабоко убедување, договорот меѓу ВАЦ и Гаврилов има друга позадина, која, кога- тогаш – ќе се открие.

Г. Г. во интервјуто уште еднаш покажува како ги жонглира државните органи. Така ќе биде се додека тие не му влезат во трагата. Самиот признава дека потпишал криминален договор со ВАЦ за рекламирање. За тој договор некој треба да одговара – и Керим и Гаврилов. Најмалку е важно што на договорот стоел потписот на сопругата на Гаврилов. Види чудо, самиот признава дека договорот е во стилот – ,Ти на мене, јас на тебе,. Па, што чекаат инспекциските органи?!

Г. Г. своите болни амбиции, да раководи со целокупниот радиодифузен простор во Македонија ги потврдува и во Фокус. Тој е сезнајко, ,визионер,- како да ги ликвидира сите медиуми во Македонија,, како што го направи со јавните локални радио станици во Македонија. Криво му е што и натаму работат Радио Штип, Битола, Струмица, Гевгелија. Тој сака да биде единствен во Македонија, да нема конкуренција, да создава монопол. Впрочем, тоа беше и причината што сакам да реагирам токму на тој дел, каде зборува за Радио Штип.

Г. Г. ги знае квалитетите на Радио Штип. Десетина години се обидува да го сруши овој медиум, кој има голема слушаност. Г. Г. студиозно работеше да ги ликвидира 29-те јавни локални радио станици во Македонија. Прво, со Роберто Беличанец и Виктор Грозданов го создаваа неприменливиот Закон за радиодифузна дејност, кој го донесе Владата на Бучковски во 2005 година. На време  укажувавме на последиците што ќе ги донесе овој закон. И бевме во право. Немавме заштита ни од Советот за радиодифузна дејност. И, кога сум кај овој закон, една мала дигресија. Г. Г., односно Канал 77, од почетокот на 1990, па се до 1998 година, работеше диво. Тогаш никој не реагираше, а сега бара да прекинат со зрачењето погоре спомнатите радио-станици. Зарем тие се виновни што Законот не е применлив во практиката, скроен токму по замислите на Гаврилов и неговите истомисленици, кои сега од него бегаат како од ѓавол!?

Но, да се вратам на делот во кој ја труе јавноста со измислици. Тој тврди дека Радио Штип не можел да се продаде, оти имал обврски од 300 илјади евра, па никој не сакал да го купи. Вистината е поинаква. Официјално, ние имаме обврски од само 1.500 евра, и тоа кон ЗАМП. Радио Штип, заедно со другите јавни локални радија, сеуште не е трансформирано, но, не заради долгови, туку заради тоа што без никаква причина Министерството за економија, кое го распиша тендерот за продажба на радијата, сеуште, и по три години од отворањето на понудите на заинтересираните купувачи, нема одлучено за најповолните понудувачи. А, заинтересирани за Радио Штип има, затоа што е бренд.

Кога почна трансформацијата на ЈЛРД во Македонија, Радио Штип работеше со добивка. Но, трансформацијата не ја следеа државните органи, а, во делот за радиодифузна такса, Јавните локални радио станици (ЈЛРС) требаше да добиваат 5 отсто од прибраните средства, се до завршувањето на трансформацијата, како што пишува во Законот за радиодифузија. Ниту еден медиум, кој се трансформира, до сега не добил ниту денар од радидифузната такса – сите пари одат на сметката на МРТВ и кај Советот за радиодифузија.

Не е тајна дека сите јавни електронски медиуми имаме проблеми, бидејќи во Централниот регистар и натаму фигурираме како јавни, директорите го штитат капиталот, а никој не добива ни денар од државата. Бараме помош на сите страни, но, и ЗНМ ни го сврте грбот. Тоа не било во нивен домен. Па, тогаш што работи тоа ЗНМ, ако не го интересираат 300 новинари, кои од ЈРДП останаа на улица? За нашите проблеми, ретко кој се осмелил да пишува.

Што се однесува за фреквенцијата што на оглас беше понудена од Советот за радиодуифузија, а која се однесува за локално радио во Штип, и тука Гаврилов се обидува да ја дезавуира јавноста. На огласот се јави колегата Трајче Јованов. Кој може да му го забрани тоа?! На огласот се јавил и Гаврилов, па сега тој прави сцени, вовлекува фирма, која нема ама баш никаква врска со  сето тоа. Од што стравува Гаврилов? Да не му се наруши монополот?

Дека навистина ЈРДП имаме сериозни проблеми во работењето, тоа е факт. Деновиве напишавме петиција до претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, и до Владата – конечно да заврши трансформацијата и нашата агонија. Добро е што Фокус го објави интервјуто со Горан Гаврилов. Читателите конечно да сфатат со кој си имаат работа. Најпосле си го покажа своето вистинско лице самобендисаниот Гаврилов.

Главните уредници до Омбудсманот на ВАЦ

СО СИТЕ СРЕДСТВА ЌЕ ЈА БРАНИМЕ НАШАТА ПРОФЕСИЈА

Според документот до кој дојде Фокус, главните уредници на Дневник, Вест, Утрински весник и Теа модерна, на 6 април побарале итна интервенција од Бодо Цап, Омбудсманот на изданијата на ВАЦ во Македонија, со молба- да се заштитат принципите на ВАЦ за независност на редакциите.

,Новоименуваните бренд менаџери ги кршат правилата на ВАЦ за независност на редакциите, со тоа што во своите надлежности ја вбројуваат и контролата на содржината на весниците. Така, еден од бренд менаџерите официјално е поставен како некој кој е ,задолжен за контент,. Тие во системот на ВАЦ се поставени над главните уредници. Тоа е во директна спротивност на принципот на ВАЦ за стриктна поделеност на менаџментот од новинарскиот кадар. Со ова не само што се кршат основните принципи за работа на ВАЦ, туку се злоупотребуваат интересите на компанијата заради лични интереси, стои меѓу другото во ова писмо, потпишано од Сашо Кокаланов, Горан Михајловски, Љупчо Поповски и Јулијана Кочовска Кртолица.

Истакнувајќи дека се горди што, и покрај политичките и економските притисоци во земјава изминатите 6 години, успеале доследно да ги применуваат принципите на ВАЦ, главните уредници на изданијата на МПМ, апелираат до Омбудсманот да не дозволи балканизација на ВАЦ во Македонија, уверувајќи го дека се цврсто решени со сите средства да ја бранат својата професија.

Поврзани новости