„Анатомија на еден морал“

by Фокус 12:53
12:53

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен неделен Фокус во број 983 од 8 август 2014 година

Милован Ѓилас, некогашниот Титов соборец, уште во 1953 јавно ќе побара „Партијата да се одвои од државата“. Во статијата „Анатомија на еден морал“ ќе проговори и за хипокризијата на довчерашните борци за еднаквост. Партијата додуша ќе го диференцира од своите редови. Ама денес кога од ВМРО-ДПМНЕ се бара да ја одвои партијата од државата – никој од раководството не реагира поинаку од пастирот. Веројатно затоа што за евентуална колумна „анатомија на еден морал“, ама оној дпмневскиот, сигурно секој од раководството на партијата би ја доживеал судбината на Ѓилас. Дури може и во апс да заврши!?

- Advertisements -

Пишувала: Јадранка КОСТОВА

Дали во една Холандија, на пример, доколку стигне „катиљ абер“ од меѓународните финансиски фактори дека јавниот долг на државата забрзано расте поради задолжувањата, јавноста ќе се однесува како анестезирана? Дали владата во Шведска може да ги прикрива официјалните податоци за јавниот долг и уво да не ја боли од јавните прозивки? Дали во Германија може незабележително да помине манипулацијата со податоците за долговите на државата, а ни дебата да се развие, ниту медиумите да ги регистрираат ваквите шашми?

Може ли во Франција ексгувернер на Народната банка да излезе со став дека ваквите лажливи математики на власта се „срамен театар, срамни обиди за измама и кретенизација на својот народ“, а некои си француски курири да удрат дилит на ваква реакција од релевантен извор.

Ви изгледа ли како реална опција во која било полнокрвна европска демократија за премиерот и за неговата десна рака – првата полицајка, да се достават до обвинителството две различни кривични пријави, во кои се нудат сведоци, снимки, вештачења, ама обвинителството да кулира во духот„тази дупка не е дупка“?

Е сите овие сцени кои се ненормални за демократските општества, се веќе сосема нормални за нашиот преродбенички амбиент. Анемична и немоќна јавност и зврлевци во улога на обвинители се карактеристика на клиентелистички држави. Повеќето балкански држави се третираат како клиентелистички, оти живеат од систематска корупција. Нивна основна карактеристика е дека тој што ќе победи на изборите ја запоседнува државата (state capture).

„Заробените држави“, каква што е и Македонија неспорно, ги краси и подемот на колективистичкиот менталитет, она демек нацијата и државата пред сѐ. И, секако, во ваков тип на државички, владите одговараат за корупција дури откако ќе ја загубат власта.

„ДУЖЕН КО ГРЧКА“

Значи секаде има злоупотреби на власта, корупцијата е својствена на секоја влада, ама разликата е во тоа: како реагира системот кога ќе пукне брука во јавноста. Е по тоа се разликува дали сте обична вукојебина или полнокрвна демократија.

Македонија е држава во која нема директни соочувања меѓу политичките неистомисленици. Каде владејачката врхушка бега како ѓавол од крст од интервјуа со новинари кои имаат критички гард кон секоја власт. Изборните дуели се реликт од минатото. Сѐ се сведува на писмени соопштенија на партијата на власт, кои, пак, изобилуваат со замена на тези, лични напади по „гласникот“, спинувања со мајтапење. Или, главен демократски дострел се евентуални прес-конференции, но без право на прашања „надвор од темата“ што ја диктира Штабот.

Секој што се обидува да изигрува некаков контролор на власта, по автоматизам влегува го графата непријатели на државата. Тоа го краси, впрочем, секој режим. Декорот е демократски, суштината е шуплива. Е овојпат, преку три фрешки примери сакам да покажам дека дури и комунистите во Титово време имале повеќе доблест од преродбеничката тајфа која ги окупираше институциите, ги зароби во партиската прегратка, која може да биде смртоносна. Инспирација ми се леснотијата во задолжувањата, партискиот суд и равенството меѓу партијата и државата. Сите компарации одат на штета на ѓоа демокративе.

Деновиве осамна на ретките „непријателски“ портали веста дека САД, Велика Британија и Германија гласале воздржано во Светската банка во врска со кредитот за Македонија. Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ, во интервју за БИРН, ова го протолкува како „порака до власта дека знаат дека јавните пари ги троши за свои лични и партиски цели“. Уште поалармантно, Гошев предупреди дека јавниот долг продолжува да расте галопирачки. Но, ексфункционер не е релевантен извор, нели, така пресуди судот по тужбата на Сашо Мијалков против „Фокус“. Та и ставот на еден ексгувернер е „гола вода“ согласно ваквите стандарди.

Без да навлегувам во економски експертизи, ваквото игнорирање на предупредувањата, исмевање на критичарите за апокалиптични прогнози, беше својствено и во некогашна Југославија, ама и во Грција каде што финансиската криза предизвика вистински политичко-економски земјотрес.

КРЕАТИВНО КНИГОВОДСТВО

За Грција велат дека било познато дека живее над своите можности – троши повеќе од она што произведува, а дефицитот го покривала со кредити. Биле мајстори во „готвење“ на статистички податоци кои ги пласирале на Брисел прикажувајќи намален дефицит и долгови. Ја прикривале вистината и дома од страв од политичката цена што би ја платиле на избори.

Хм, звучи познато!? Некои тоа го нарекуваат „креативно книговодство“, други, пак, користат појасен јазик – преварантска техника за мучкање податоци. Некако имам „осеќај“ дека нашиве се доктори на науки за креативно книговодство. Ама и располагаат со „креативни“ апологети!

Се сеќавам кога како клинка одевме на одмор во Грција, кога се велеше „должен како Грчка“. Многу и не разбирав зошто, но потоа сфатив кога „нашиот јужен сосед“ трендовски да се изразам, како член на Европската заедница се оправи користејќи ги европските фондови. Но, историјата се повторува, па последниве години повторно е адекватна мислата „должен ко Грчка“.

А модернава грчка криза не настана преку ноќ. Напротив, со години владите во Атина популистички го купуваа социјалниот мир задолжувајќи ја земјата. Ако ова ви изгледа познато, не сте грешка. И до последен ден ги негираа критиките и забелешките за финансиска криза. Е кога пукна „бруката“, нели, следуваа ригорозни мерки – смалување на платите во јавниот сектор и пензиите. Тоа се впрочем неизбежните перспективи на секоја популистичка политика, која буџетските пари максимално ги користи дури кај нас и не за социјален мир оти синдикалците се мирни ко бајчиња, туку, уште повеќе, за купување уште еден мандат, целејќи кон административците и пензионерите како најподатливи гласачи.

ЕДНАШ ЌЕ БОЛИ, АМА КОГА!?

И така, кога еруптираше финансиската журка, излезе на виделина дека грчките политичари со години го лажеле својот народ. Било употребувано таканареченото „креативно книговодство“ за да се разубават статистичките податоци. Така си немале мака со своите европски партнери од еврозоната. Граѓаните, пак, живееле супер, со сите социјални привилегии, сѐ додека не треснаа од земја.

За илустрација, заради компарација со нас, од антикризните мерки што потоа властите мораа да ги применат, на вработените најтешко им паднало укинувањето на 14-та плата. Имено, по падот на воената хунта во 1974 година била воведена оваа придобивка – сите вработени и во државниот и во приватниот сектор за Божик да добиваат уште една плата на подарок. Нашите се помудри, та уште една плата се задолжени да платат сал приватните фирми до крајот на годината, оние на државни јасли се и така пресреќни што таму се вработиле. А и синдикатите нешто не слушам дека се бунат оти нивните, вработените во државниот сектор, нема да добијат плата плус.

Инаку, како еден од сигналите дека „има нешто гнило“ во државната каса се и владините мерки за поместување на старосната граница за пензионирање. На пример, токму социјалистот Папандреу мораше да воведува еден ваков пензионерски рез. Последниве недели и во Србија е актуелна истата тема. Истиот потег – зголемување на старосната граница за пензија, се пласираше како антикризна мерка. Е само кај нас, истата формула ни ја објаснуваат како дел од успешните владини политики.

Премиерот Александар Вучиќ на јавниот сервис ги објаснуваше пакет-законите со напомената дека 25 години во Србија партиите на власт бутале свои членови во администрацијата, така што прекубројните се веќе над сто илјади. Намалување на платите и пензиите неминовно следува по такви фуриозни политики, кои државните ресурси ги третираат како Алајбегова слама. Но, дилемата: да се оди со шок-терапија (намалени плати за 30 отсто, а пензии за 20 отсто, ем 160.000 откази во администрација) или постапно, доведе до оставка на министерот за финансии. Вучиќ по протестите на синдикатите, сепак, се определи за помека варијанта. Министерката за државна управа, Кора Удовички ќе објасни дека „ќе мора малку да боли, за подоцна да не боли многу повеќе“. Уште појасно, предупреди дека без радикални резови до крајот на годината, Србија ќе ја стрефи грчкото сценарио. Во секој случај, и во рамките на владата постојат различни мислења.

И во времето на социјализмот се буташе во администрација сѐ што ќе заврши каква било школа. И тогаш сите се тепаа за државна плата, како и сега. Само што тогаш и немаше алтернатива. Се тераа одмори, се живееше убаво демек, а и пасошот југословенски ги отвораше сите граници. И дојде ден кога пукна. Кога кризата не можеше веќе да се крие под тепих. Кредити за враќање, прегломазна администрација.

Ете, така тоа бива. Но, нашиве таленти јавуваат дека „додека во Србија и во другите земји значително се намалуваат платите и пензиите, во Македонија ќе се зголемуваат“! И така, може уште додека не се удри во ѕидот. Кога веќе ќе нема од каде да се враќаат кредитите, кога администрацијата ќе го изеде буџетот. Не случајно токму овие бројки се државна тајна: колку луѓе се на буџетска плата и колку е јавниот долг на државата. За првото се таи до даска, за второто се манипулира со бројки. Се дава долгот на централната влада, а не и на другите. А само лани, Јавното претпријатие за државни патишта се задолжи за околу 581 милион евра кај Експорт-импорт банката на Кина за изградба на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Е сега, дали критичарите утнале во прогнозите кога ќе ни се случи крахот, е помалку важно. Автопатот по кој фура владата на Груевски ќе доведе до тој слеп колосек. Веројатно со проблемите ќе се занимава некоја друга влада. Изгледа убаво си го пресметале тајмингот, па решија уставно да го ограничат јавниот долг до 60 отсто од БДП, а буџетскиот дефицит до 3 отсто од БДП ама лимитите да важат од 2017 година! Патем, постојат држави кои банкротирале и со јавен долг под таа граница. Ама, кој да се секира за вакви дребулии!

„ОРТАЦИТЕ СИ ЛИЧАТ ЕДНИ НА ДРУГИ“!?

Како што веќе споменав во „заробени држави“ високите функционери одговараат дури откако ќе паднат од власт. Партијата одлучува кој ќе оди во апс, а кој ќе биде амнестиран од судот. Оти и судот постапува по партиските желби. Дури и ако се пушти малку нечиста крв од своите, тоа е затоа што партиската врхушка решила така да се справи со непослушните. Како онаа позната реплика на Јосип Броз-Тито кога пред судијата воскликнал: „Го признавам само судот на мојата Партија!

Во тој контекст беше очекувано дека двете кривични пријави поднесени од опозицискиот СДСМ до Обвинителството, против Груевски и Гордана Јанкулоска ќе завршат во полза на невиноста на гореспоменатите фактори. На ден пред големиот државен празник Илинден, Обвинителството соопшти дека нема да поведе кривична постапка против Јанкулоска за, наводно, незаконско примање на 80.000 евра во кеш, донација за ВМРО-ДПМНЕ, неколку недели пред тоа, од истата адреса се финишираше и досието „Македонска банка – кеш или жирално“.

Интересно, но и во двете досиеја беа нудени сведоци, имаше снимки, документи, се приложија и вештачења, но тоа не беше предизвик за Зврлевски. Наспроти вака богато скоцкани пријави, Љубе Бошкоски го осудија со „загрозени сведоци“ кои чуле кога некој друг на телефон нешто рекол! Има разлика, нели! Ама на штета на еднаквоста пред законот. Беше само непознаница на која финта ќе се резили обвинителството учинувајќи им на своите политички шефови.

Арно ама, не е доволно само обвинителството и судот да ви го чуваат грбот. Тука е активна и партијата и нејзиниот суд како и партискиот суд. На реакцијата на СДСМ контра обвинителската заштита на Јанкуловска, мајтапчиски ќе возвратат:

СДСМ не научи да ги почитува законите и институциите во Република Македонија. Ги критикува, навредува и ги девалвира државата и нејзините институции и владеењето на правото, секогаш кога не му одговараат одлуките на правосудните органи

Ете, откако ги стави под свое сите институции, ДПМНЕ „научи да ги почитува безрезервно институциите“ оти им судат по ќеф. Кога немаа контрола, особено кога беа опозиција, ги критикуваа, ама изгледа нивните критики „не ги девалвираа државата и нејзините институции“ туку сал Бранко Црвенковски и СДСМ како партија на власт! Лицемерно до коска!

Или, се јави Загорац Тумбовски со неколку логични прашања до Марко Зврлевски за обвинителскиот учинок по пријавата за Јанкулоска.

Но, изгледа обвинителството оценило дека е опасно по живот да се испитаат сите „ситници“, а партијата, пак, извади јак адут. Го обвини СДСМ дека се заортачиле со луѓе кои биле правосилно осудени за фалсификување документи, за перење пари и за даночно затајување, алудирајќи на Тумбовски.

„Ортаците си личат едни на други“, филозофски ќе обзнанат од партијата на Груевски, занемарувајќи дека во своите редови, меѓу коалициските партнери, новинарските перјаници имаат исто така правосилно осудени лица за злоупотреби и измами, ама тоа не им пречи. Или, можеби навистина ортаците си личат едни на други!?

ПОРТОКАЛОВА БУРЖОАЗИЈА

И доаѓаме до главната поента, за симбиозата меѓу партијата и државата. И фушерајското затворање на предметите од обвинителството опозицијата го оквалификува како уште еден доказ дека не постои одвоеност на владејачката партија од државата. Овој феномен веќе неколку години за ред се регистрира и во извештаите на меѓународните набљудувачи на изборниот процес. Но, за овие „дребулии“ ич не им чуе на прозваните. Најмногу ги иритира и токму ваквиот услов од опозицијата, што, пак, е срочено како техничка влада барем 6 месеци пред избори.

А кога партијата е државата, разбирливо е што дпмневците си уживаат во благодатите на моќта. Се разбашкариле во власта, прикривајќи се со ставање на рента фејс на некакви новокомпонирани фирми на кои турбо им тргна со доаѓањето на Груевски на власт. Или, уште повеќе, ги приграбија сдсмовските олигарси како свои. Оние, де, кои им угодуваат, лоша дума против власта не рекоа. И што е тука различно од СДСМ што толку го критикуваа?

Се исмеваа со „црвената буржоазија“ на Водно, Влатко Ѓорчев шеташе пред хациендите на комуњарите, за колумната со таков наслов во „Дневник“ мораше да одмори од пишување, ама не им пречат оние од „црвената буржоазија“ што се нивни поддржувачи или коалициски партнери. „Портокаловата буржоазија“ зарем се збогати без политичка поткрепа!? Нивните палати се саде чесно и поштено стекнати од наследства, роднини и такви ми ти салтанати. Станбениот фонд им се мери во декари и хектари ама не на нивно име… на најблиските. И за каков морал зборуваат? И уште аздисано, со сета ароганција ќе ве седнат во нивниот партиски суд да ве прогласи за клеветник или ќе ви ги насаскаат пците медиумски да ве распнат како платеник и непријател!?

И она по што ова ДПМНЕ е уникатно, е што никој бре не смее да изусти ни збор поинаку од партиските директиви на пастирот. Тоа дури и во комунизмот го имаше. Еве, ќе потсетам на судбината на Милован Ѓилас, некогашниот Титов соборец. Кога во 1953 година е избран за претседател на Сојузното собрание, Ѓилас објави серија текстови во „Борба“ со отворена критика на КПЈ. Такво нешто денеска од врвот на ДПМНЕ е незамисливо. Не смеат да писнат. Она што е посебно занимливо е дека Ѓилас во своите анализи бара „Партијата да се одвои од власта“. Е денес никој од груевци не сме ни чуле да даде логичен одговор на критиките што, на пример, ОБСЕ ги дава за истата тема.

Патем, Ѓилас ги критикува и своите колеги, некогашните партизани за привилегиите што некритички ги користат. Дека сѐ повеќе стануваат затворен круг на привилегирани коишто се бесчувствителни за сите надвор од нивниот круг. За привилегираните, пак, денес зборуваат само дискриминираните , трпејќи последици и за тоа!

Уште позанимливо, Титовиот соборец, ќе ја напише и антологиската статија „АНАТОМИЈА НА ЕДЕН МОРАЛ“ поради која и списанието „Нова мисла“ било повлечено од продажба. Тука ќе удри критички за хипокризијата на довчерашните борци за еднаквост, за нивното морално паѓање. Се разбира, својствено за тоа време, Ѓилас ќе биде сменет набрзо од партиските и државните функции. Така завршува кариерата на Милован Ѓилас, кој единствен имаше третман на дисидент во југословенскиот социјализам.

И за евентуална „анатомијата на еден морал“ оној дпмневскиот, сигурно секој од раководството на партијата доколку јавно би искажал критики, би ја доживеал судбината на  Ѓилас. Дури и повеќе. Може да заврши и во апс. Патем, и денес како и тогаш имаме политички затвореници.

Е што од ова е демократско, а што реформско!!!

ТРАМВАЈСКА КЛИЕНТЕЛИСТИЧКА ОРГИЈА

Бутање на партиска војска низ јавни претпријатија и во администрација, и тоа онака душмански само за да добиеш избори, никако не е патриотска политика. Тоа еден ден ќе пукне, на штета на државата, на сите граѓани. Такви политики водат „банкрот блуз бенд“ политичари од себична, да не речам коруптивна провениенција.

Школски пример за ваков недомаќинлак е искуството од „јужниот сосед“ – атинската трамвајна мрежа од скромни 26 километри што била завршена непосредно пред Олимпијадата во 2004 година. Државното претпријатие стартувало со 190 вработени, а до 2009 година веќе броело 690 луѓе. Во истиот период загубите растеле, а биле изградени само 690 метри трамвајска линија. Значи, ни еден цел километар.

Грчкиот печат лани пишуваше како изгледало партиското цунами врз ова државно претпријатие, во 2009 година, кога премиерот Караманлис се подготвувал за предвремени избори.

„Поради оваа клиентелистичка оргија, раководството на компанијата морало да закупи нови провизорни канцеларии за да можат да сместат сите вишок „плавци“ (плаво е бојата на Нова демократија), регистрираа медиумите откако финансиската криза го стори своето!

Е кај нас и вработувања преку лотарија минуваат како „реформи“!

 

Поврзани новости