Среќен роденден банко, подари ми пари – граѓаните повторно наседнаа на измама

by fokus

Илјадници граѓани во тек на вчерашниот ден повторно наседнаа на интернет измама, односно на наводна наградна игра, надевајќи се дека лесно ќе спечалат 20.000 денари. Имено, измамници креирале лажен профил на социјалната мрежа Фејсбук во име на Охридска банка, и на истиот информираат дека по повод 20-от роденден на банката доделуваат 30 ваучери од по 20.000 денари, на оние кои ќе ја споделат страницата и ќе напишат – Сакам ваучер! И покрај тоа што страницата е изработена доста аматерски само пред еден ден, за кратко време добила илјадници следбеници и споделувања.

Покрај споделувањето, многумина надевајќи се дека ќе бидат наградени, пишуваат и коментари со кои на некој начин им се додворуваат на вработените во банката, им упатуваат комплименти, сликички од роденденски торти и свеќички, балони…

Охридска банка е под брендот ,,Шпаркасе” од неодамна, а не како што навеле измамниците ,,Сосиете женерал”. Сепак, во трка по лесно добиени пари, речиси никој од учесниците на играта не забележал и продолжуваат споделувањата и во тек на денешниот ден. Од Охридска банка информираат дека ја пријавиле злоупотребата кај надлежните.

Ова не е прв пат на социјалните мрежи да се објавуваат лажни наградни игри. И во минатото се случувало во име на поголеми компании да се објавуваат неточни информации, а учеството во лажните наградни игри носи ризик од злоупотреба на личните податоци на учесниците.

Вики Клинчарова

Поврзани новости