Според Захариева со диктаторот Живков може во Европа, ама со Тито не!

by Fokus

Им препорачувам на Екатерина Захариева, Андреј Ковачев, Красимир Каракачанов, па и Румен Радев, кој е многу помлад од мене и многу од работите не ги познава, да го прочитаат текстот „Блокадата на С. Македонија ќе биде голема стратешка грешка на Бугарија“ од Даниел Смилов, објавен на Дојче веле, како и јавно изнесените ставови од поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија, Соломон Паси

Пишува Стојан АНДОВ

Му честитам на нашето државно раководство: претседателот на РС Македонија Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, потпретседателот на Владата Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи за доброто водење на државната политика по едно исклучително важно прашање, како што е отворање преговори за полноправно членство на земјата во ЕУ, овојпат масовно поддржано од граѓаните на нашата земја.

Како граѓанин на РС Македонија, врз основа на моето долгогодишно политичко искуство, ќе испратам преку „Фокус“ некои потсетувања од минатото на Бугарија врзани за Јосип Броз Тито, бидејќи во аргументите на министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, ни забележа нам на Македонците дека со Тито, како голем диктатор, не можеме во ЕУ“.

Се изнервирала, а причина за тоа била прославата на Денот на ослободувањето на Скопје – 13 ноември. Најверојатно имала потреба да се правда за ова што сега ѝ го прави Бугарија на Македонија, ама таа нејзината потреба ја покри со една „луцидна“ реченица. Повод за тоа го зела случајот што на некоја фотографија видела дека групи граѓани од РС Македонија носеле слика на Тито при одбележување на ослободувањето на Скопје од германскиот фашистички окупатор.

ШТО ЗБОРУВАШЕ МАРГАРЕТ ТАЧЕР ЗА ТИТО

Треба да ѝ објасниме на г-ѓа Захариева некои основни работи, кои не само во РС Македонија, туку во целиот свет се знаат. Но, очигледно на Захариева не ѝ се познати. И тоа е можно, впрочем кога Тито почина, Захариева имала само пет години.

По повод 40- годишнината од смртта на Тито во денешните држави, некогашни југословенски републики, беа организирани, разни активности за одбележување на тој историски настан и за одбележување на активноста на Тито. Во светската јавност постојат оценки од најугледни луѓе во областа на културата, историјата, политиката, кои велат дека Балканот на светот, во новиот век, дал само два великана – Никола Тесла и Тито.

На погребот на Тито во Белград му укажаа чест повеќе од 120 шефови на држави и влади од светот, а Захариева и сличните на неа важно е да го прочитаат искажувањето на тогашната премиерка на Велика Британија, Маргарет Тачер во Белград, 1981 година, една година по смртта на Јосип Броз, во кое рече дека со смртта на Тито, замина последниот од големите пет лидери во Втората светска војна, а неговата смрт е голема загуби и за Велика Британија. „Тој е и наш херој!“ – рече Тачер.

А, овде само да споменеме и колку силно беше пријателството на Тито со Вили Брант, кој јавно кажуваше колку се воодушевувал од Тито кога за време на војната се борел во Норвешка како партизан. Брант и Тито ја оживеаја познатата Источна политика, која подоцна доведе до основањето на ОБСЕ. Тоа е информација за луѓе како министерката Захариева.

Изгледа Захариева не знае и други важни работи врзани за Тито. Таа, на пример, не знае дека ако не беше Тито во Југославија, тогаш ќе се вратеше кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ, а прва политичка личност ќе беше генералот Драгољуб Дража Михајловиќ, водач на четниците во Југославија.

КАКВИ БЕА НАМЕРИТЕ НА ДРАЖА МИХАЈЛОВИЌ?

Бугарскиот граѓански политичар Георги Димитров – Гемето (не оној од Коминтерната), пролетта 1943 г. успеал да пребега од Бугарија во Истанбул, спакуван во багажник на луксузен автомобил. Од Турција се префрлил во Каиро од каде му испратил писмо на Дража Михајловиќ во кое ја изложил својата програма за разрешување на состојбите во кои се наоѓала Бугарија. Тој му предложил на Михајловиќ во Бугарија да се укине династијата од Кобург и Гота, а династијата Караѓорѓевиќи да биде дуалистичка – носителот да биде крал на Југославија и цар на Бугарија.

Тој предлог Дража Михајловиќ го одбил, не му ни одговорил. Имал сосема други намери. Тој, веќе во 1942 г. на свој конгрес, ги одредил своите цели – да ја прекрои најпрвин предвоена Југославија и во новата Југославија, под кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ, да живеат само Срби од православна вера, а Хрватите и муслиманите да бидат граѓани од втор ред. За Срби од православна вера ги сметал и Македонците и Црногорците.

Во таа програма, што ја изготвил Стеван Мољевиќ, угледен публицист и литерат, српски националист, во таа 1942 г. било зацртано кои промени на границите на таа негова Југославија ќе биле направени. Што ќе се земе од Унгарија ќе било поврзано со Словенија и Словенците, така што Словенците би имале рамноправен статус со Србите од православна вера, иако се католици. Потоа, од Романија (целиот Темишварски Банат), што ќе се промени на границите на Бугарија и Албанија со таквата Југославија.

Таму стоело дека покрај Дунав на исток би се преместила границата и би дошла кај градот Лом (Видин и околината би биле во Југославија на Караѓорѓевиќи). Таа линија на југ би минувала на 30-тина километри западно од Софија. Ќустендил би бил во Југославија, а потоа границата, по Струма, би одела до границата со Грција.

КАКО ТИТО И ПОМОГНА НА БУГАРИЈА

Благодарение на тоа што не победи Дража, туку Тито во Југославија, ова на Бугарија не ѝ се случи. Тито ја помогна Бугарија и во нејзиното совладување на проблемите со кои се соочуваше поради фашистичкото минато.

Прво, дозволи бугарска војска да стапи на територијата на Југославија, вклучително и во Македонија и да земе учество во борбите против Хитлеровите војски што се повлекуваа од Грција, под услов, со бугарската војска да командуваат советски офицери. За оваа помош на Тито на Бугарија тој бил строго укорен од Винстон Черчил со укажување дека Бугарија била фашистички сојузник на Хитлер и објавила војна на Британија и САД од средината на декември 1941 г. и не може да биде сега борец против Хитлер.

По крајот на војната, Тито ѝ помогна на Бугарија, ослободувајќи ја од плаќање репарации како воена отштета на Југославија, вклучително и на Македонија, иако бугарските окупациони фашистички органи и во Србија и Македонија направија големи штети и грабежи. Грција не ѝ прости на Бугарија, ги наплати репарациите. Тој потег на Тито е голема економска помош на Бугарија.

Второ, бугарскиот народ правилно ја сфати политиката на Тито кон Бугарија во тоа време. Затоа кога Тито стапи на бугарска земја, како гостин на Георги Димитров, на патот до Варна и назад до југословенската граница, стотици илјади бугарски граѓани го запираа возот, му се заблагодарува на Тито и го величаа.

Бугарија не можеше да ја пробие изолацијата и да биде примена во ОН. Ниту во 1948 година. Таа година изби Резолуцијата на ИБ и Тито беше жестоко нападнат од Сталин, а, исто така, напаѓан и од бугарското раководство. Тито во ОН и натаму се залагаше Бугарија да стане членка на ОН.

Бугарија, како што порано беше вазал на Хитлер, стана вазал на Сталин и вистински шеф на бугарската држава беше Сталин. Бугарија ја издржуваше советската војска што беше распоредена на нејзината територија и немаше своја автентична политика. Политиката што ја водеше Георги Димитров беше политика на Сталин, тој беше голем негов послушник. Тој е единствен од генералните секретари на Коминтерната, кој умре со природна смрт, сите други беа убиени во Сталиновите чистки.

Сите водачи на источноевропските земји коленичеа пред Сталин, само Тито имаше сила да му каже – не. Сталин се закануваше дека ако мрдне со малиот прст, Тито ќе падне, но се покажа дека не му може ништо. Кога ја организира бугарската војска, Сталин се закануваше и со агресија на Југославија од Бугарија, Романија и Унгарија.

Тито тогаш направи голем маневар и заедно со водачите на Грција и Турција, а со поддршка на САД и Британија, го создаде Балканскиот пакт. Врескаа пропагандите и во Бугарија и во Романија и во Унгарија, Чехословачка и во СССР, ама тоа не им помогна, а потоа од мака умре Сталин. Умре неколку дена по потпишувањето на Анкарскиот пакт.

ДИКТАТОРОТ ЖИВКОВ ПРИВРЗОК НА КГБ НА СССР

Потоа дојде Хрушчов на власт и на поклонение кај Тито во 1955 година и во посета на Југославија. Во Бугарија не можеа да се ослободат од владеењето на ИБ. Во другите земји ги сменија и ги деградираа сталиновите луѓе.

Во Бугарија тоа се изведе на посебен начин, Влко Червенков, и покрај сите негови злосторства за кои беше тргнат настрана, ги уживаше сите погодности како и порано и во 1954 година дојде Тодор Живков и остана се до 1989 г. За тоа време диктаторот Живков и бугарската тајна разузнавачка служба станаа најприврзаниот и најпослушен сојузник на КГБ на СССР.

Таа служба се вмеша во атентатот на папата Јован Павле Втори, а бугарскиот дисидент Георги Марков беше убиен среде Лондон. Захариева диктаторот Живков не го споменува и не го осудува. Според неа, значи, со Живков може во Европа, ама со Тито не!

Овој пример со министерката Екатерина Захариева се однесува и на сите сегашни раководители на Бугарија кои се инволвирани во нападите врз РС Македонија и кои со своите говори и обвиненија создаваат атмосфера на затегнатост меѓу двата народа и двете држави.

Им препорачувам на Екатерина Захариева, Андреј Ковачев, Красимир Каракачанов, па и Румен Радев, кој е многу помлад од мене и многу од работите не ги познава, да го прочитаат текстот „Блокадата на С. Македонија ќе биде голема стратешка грешка на Бугарија“ од Даниел Смилов, објавен на Дојче Веле на 16.11.2020 година, како и јавно изнесените ставови од поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија, Соломон Паси.

 

Поврзани новости