Славески, Пановски, Пејкова, Габриел Бајрам во градско собрание – никој нема мнозинство

by fokus

Осумнаесет советнички места освои опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а 12 советници ќе има владејачката СДСМ во советот на Град Скопје, објави Државната изборна комисија која денеска ги соопшти конечните резултати од гласањето за избори на членови на совет на општините на град Скопје и градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје одржани на 17 октомври.

Советот брои вкупно 45 советници, а за мнозинство се потребни 23 советнички места, што значи дека ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ нема да имаат мнозинство во Советот.

ДУИ во градското собрание ќе има пет советнички места, додека „Левица“ четири. Во советот на градот влегуваат и двајца независни кандидати од „Зелен хуман град“, како и двајца советници на Алијанса – Алтернатива. Две советнички места освои и коалицијата Либерално-демократска партија и ДОМ, а меѓу нив е микробиологот Никола Пановски кој беше еден од најактивните лекари кои им даваа совети на граѓаните за време на ковид-пандемијата.

Носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ е професорот Трајко Славески, а на опозициската листа се и Владимир Нелоски, Марија Андоновска, Луке Галески, Малиша Станковиќ, Жаклина Шопова, Стефан Андоновски, Александар Трајановски, Емилија Ангелова…

Носител на листата на СДСМ е директорката на Клиниката за пластична хирургија, Софија Пејкова, потоа Мартин Попов, Дрита Исмјали Бафтири, Љубица Јанчева, Горан Арсов, но советник стана и Габриел Бајрам, синот на починатиот лидер на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам.

„Левица“ во Советот ќе ја предводи Реџеп Исмаил, а „Зелен хуман град“ ќе го застапуваат поранешната советничка од „Левица“, Драгана Велковска и Горјан Јовановски.

Поврзани новости