СДСМ ќе го поддржи Рамиз Мерко во втор круг

by fokus

Премиерот Зоран Заев кажа дека во вториот круг од локалните избори ќе го поддржи струшкиот кандидат на ДУИ, Рамиз Мерко за нов мандат во градот. Ова доаѓа откако пред повеќе од година дена, Заев кажа дека е разочаран од Мерко и посочи: „со него се изгоревме“. Според премиерот, владината коалиција е стабилна.

Секаде каде СДСМ нема кандидат за градоначалник во вториот круг од Локалните избори 2021, а од спротива е опозицијата, поддршката на нашето членство ќе биде за коалицискиот партнер, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев кој денеска беше во Охрид.

Тој кажа дека СДСМ во вториот круг ќе го поддржи и струшкиот кандидат на ДУИ, Рамиз Мерко иако претходно изјавуваше дека е разочаран од него и имаше забелешки за неговата работа.

– Коалициската Влада и националната коалицијата е стабилна, со надеж дека таа ќе зајакнува и во иднина. Испративме јасна порака на демократија и слобода во определба на листите, па и на граѓаните преку независните листи. Но, во вториот круг се обединуваме. Во општините каде сме присутни само коалициските партнери, како Долнени, Арачиново, Чашка, во такви околности ќе се обидеме да победиме како СДСМ со позитивна кампања и промоција на нашите проекти, изјави Заев.

Сепак во општините каде има кандидати и од БЕСА и од ДУИ, како што се Тетово и Желино, СДСМ остава граѓаните сами да одлучат за кого ќе гласаат.

-Таму каде се коалициските партнери ДУИ и БЕСА, оставаме граѓаните, секако тие сами одлучуваат, секако и нашите членови имаат инструкции да гласаат по слободно убедување за она што е најдобро за нивниот град, рече Заев.

Тој рече дека имал забелешки за Мерко, но тој многу брзо почнал да работи по укажувањата и имало промени.

– После моите апели во име на иднината на Охрид, па и на Македонија, имаше доста промени за преземање чекори во насока на потврдување на статусот во УНЕСКО. Во тој момент не бевме задоволни од градоначалникот на Струга, но со задоцнување од седмица, две почна и тој затоа што Охрид не само на охриѓани, туку на сите…Сите пред се мораме да им служиме на граѓаните, некојпат можеби ќе бидеме критикувани затоа што некому тоа не му се допаѓа, но сите знаат тоа е добро за градот и навистина така се постапува. Мерко има обврска да продолжи понатаму да работи на отстранување. Знаете УНЕСКО ни даде две години период пред нас, да ги средиме работите, тие нема да ни простат, рече Заев.

Поврзани новости