Сите светски диктатори штедат во Швајцарија

by Фокус

Текстот е објавен на 9 декември 2005-та во неделникот „Фокус“ број 545

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Приказната за тајните банкарски сметки на балканските политичари во странство особено изминатава деценија и пол по падот на комунизмот, постојано се рециклира. Навистина, војните во поранешна Југославија беа извонредна можност за нелегално богатење на државните олигархии на екс-југословенските републики, па имињата на Милошевиќ, Туѓман, Изетбеговиќ, но и нивните наследници и современици Ѓукановиќ, Ѓинѓиќ и други, не ретко се посочуваат како политичари и државници што незаконски стекнале огромен имот во доларски милионски суми, кој е депониран во банките на најразлични оф-шор дестинации.

СМЕТКИТЕ НА МИЛОШЕВИЌ

Но најголемиот број финансиски скандали во земјите од овој регион најчесто немаат разрешница, туку се користат за политичка пресметка, поради што на Балканот најчесто околу избори се зборува за милионските доларски сметки на семејствата на премиерите или претседателите. Во игра се повеќе егзотични дестинации, како Гибралтар, Бахамите, Барбадос, Белизе, Џерзи, Хонгконг, Лихтенштајн, Луксембург, Уругвај, Сент Винсент, Порторико, Панама, Монсерат, Панама, Бермуда, Девствените или Кајманските острови, Тајван, Кина, Индонезија итн. Значи, иако корупцијата и организираниот криминал, перењето пари, се општи места не само во политичкиот и новинарскиот, туку и во секојдневниот речник на граѓаните, ретки се примерите на посериозни истраги за политичари и државници кои чуваат нелегално стекнат имот на тајни сметки во странство.

За Швајцарија како за дестинација на валкано заработените пари на политичарите се зборува најмногу во случаите кога на некој од нив, како на пример на српскиот вожд Слободан Милошевиќ, ќе му биде судено за други потешки кривични дела, како злосторство против човештвото, геноцид, грубо кршење на основните човекови права и сл. Новинарите и аналитичарите од регионот и од Запад напишаа безброј стории за балканската мафија, чиј центар долго време ословуваше Белград како плодно тло за организираниот криминал под режимот на Милошевиќ, кој како своја легална пералница за пари најчесто го користеше Кипар.

Сите се согласуваат дека оваа оф-шор дестинација, сѐ до влегувањето во ЕУ, 2002 г. (односно 2004) претставува вистинско „Ел Дорадо“ за црните пари на тутунските босови, на шверцерите на дрога и оружје од овие простори, на локалните и регионалните олигарси. Има информации дека семејството на Милошевиќ и неговите најблиски пријатели, за што истрага водеа и хашките обвинители, преку банките во Белград изнело од земјата околу 10 милијарди долари најчесто на сметките на заеднички југословенско-кипарски компании на островот, како што се на пример, Antexol Trade, Browncourt Enterprises, Cabcom Marketing, Hillsay Marketing, Lamoral Trading и други, формирани за да ги сокријат нелегалните профити на власта. Од таму испраните пари завршувале на банкарски сметки во Швајцарија.

На барање на Хашкиот Трибунал, швајцарската влада во 2001 г. наложи да се замрзне имотот кој би можел да го поседува Милошевиќ во Швајцарија и 360 други југословенски официјални личности од листата што ја направи ЕУ по падот на режимот во Белград. Според сознанијата, Милошевиќ само пролетта 2000-та во Швајцарија префрлил повеќе милиони швајцарски франци на сметките на своето семејство со посредство на една француско-југословенска банка. Пронајдени се 40-тина такви сметки кои се блокирани. Сепак, до денешен ден и покрај судењето на Милошевиќ во Хаг, поради комплицираните закони за банкарството не се расчистени работите околу сметките на семејството во Швајцарија.

БАНКАРСКА МЕКА

Престижот што го ужива швајцарското банкарство, според познавачите, има седумвековна традиција, која гарантира сериозност и сигурност. Но дури за време на Втората светска војна, Швајцарија станува најголемата финансиска сила на планетата.

Познато е дека верна на својата долга традиција на неутралност, Швајцарија не учествува во војната, но своите услуги и ги продава на нацистичка Германија по одлична цена. За швајцарските банки претставувало брилијантен бизнис златото што Хитлер го крадел од окупираните земји и од заробените Евреи, вклучувајќи ги и златните заби од оние што беа свирепо убиени во гасните комори на концентрационите логори, да го претворат во различни странски валути.

Големиот драматург Бертолт Брехт своевремено има изјавено дека криминал е да се ограби банка, но уште поголем криминал е да се основа банка. Благодарение на банките, Швајцарија денес е најважната пералница и центар за рециклирање на нарко-доларите и најсигурното скривалиште за ограбените пари од диктаторите, политичарите што го ограбуваат својот народ и даночните затајувачи.

Повеќе од половина век по војната, тајното банкарство продолжува да биде машина за национален просперитет на Швајцарците. Тие толку многу го сакаат својот банкарски систем, што во 1984 г. на референдум 73 отсто од граѓаните гласале против рестрикцијата на злоупотребите од страна на тајните банкари. Благодарение на тајното банкарство, парите од дрога и други валкани трансакции пристигаат валкани во Швајцарија и си заминуваат испрани и испеглани за легална употреба на меѓународниот пазар на капитал и недвижности и на берзите.

Во 1980 г. за време на американскиот претседател Роналд Реган, Цирих е центар на операции на повеќе трансакции кои ги направил полковникот Оливер Норт (сега конгресмен). Според Џин Циглер, американското оружје чија дестинација бил Иран, непријателска земја на САД, било плаќано со морфиум и хероин; дрогата потоа се продавала од Цирих и парите биле депонирани таму. Тие потоа биле употребени за финансирање на платениците кои војуваа против властите во Никарагва.

ОД ПАРИТЕ НА ДИКТАТОРИТЕ НЕМА ТРАГА

Информациите говорат дека деспотот на Филипините Фердинанд Маркос, сѐ до 1986 г. чувал помеѓу 1-1,5 милијарда долари во 40 швајцарски банки. Дури и генералниот конзул на Филипините во Цирих бил еден од шефовите на една од најголемите швајцарски банки Кредит Свис! Во 1988 г., 12 години по падот на Маркос и повеќе судски процеси, Федералниот трибунал на Швајцарија наредил на Филипините да им се вратат 570 милиони долари. Ова дотогаш било единствен исклучок од правилото дека валканите пари вообичаено исчезнуваат без трага. Но и еден од наследниците на Маркос, Џозеф Естрада, знаел за тајните сметки во Швајцарија на кои имало близу 13 милијарди долари, на име на една од членовите на фамилијата Маркос. Естрада очигледно располагал со тие пари.

Банкарски експерти, познавачи на швајцарското банкарство тврдат дека „хирурзите“ во швајцарските банки им го менуваат ликот, ги бришат сметките и имињата, кои почнуваат легален живот со нов идентитет. Затоа е многу тешко да се поверува, дека, на пример, доколку навистина имале сметки во швајцарските банки, Бранко Црвенковски или Хари Костов некој ќе им ги пронајде, односно дека може да им ги блокира парите. Така, на пример, ништо не можело да ја спречи династијата Сомоза (крвопијци или како што ги нарекуваа „вампири од Никарагва“), да си го сочува ограбеното богатство и покрај процесите што биле преземени.

Истото тоа се случило и со парите на династијата Дувалие од Хаити која ги исцедила последните капки од сиромашните граѓани депонирајќи ги парите во банките во Женева. Познато е дека диктаторот Жозеф Мобуту од Конго често патувал во Женева, придружуван од карван блиндирани мерцедеси. Човекот што ограбил меѓу 4 и 5 милијарди долари од Конго, таму одржувал состаноци со своите банкари. По неговиот пад, биле пронајдени само 6 милиони долари! Ништо подобра не била судбината на парите на Муса Траоре, диктатор на Мали, кој опљачкал 1 милијарда долари. Швајцарските банкари вратиле само 4 милиони!

Во швајцарските банки своите украдени милиони ги депонирале и генерали од Аргентина кои „се жртвуваа за татковината“ со воведување диктаторски режим во 1976 г. Реки од долари на мексиканската наркомафија исто така се слеваат во Ситибенк, Унион де Банк Свис, и Социете де Банк Свис. Ниту долар од овие пари не може да биде вратен. Парите, како што сликовито се изјаснуваат швајцарските банкари кои ги тријат рацете, „исчезнуваат во магичните води на Женевското езеро и стануваат невидливи“.

На јужно американскиот континент Уругвај е познат како пералница за пари, и најчесто го нарекуваат Швајцарија на Америка.

Кога станува збор за центрите на одлучување на светската политика, тие најчесто ги испитуваат богатствата и банкарските сметки на светски познатите диктатори и режимите кои се спротивставуваат на „новиот светски поредок“. Белорусија на Лукашенко, Северна Кореја на Ким Ил Сунг и неговиот син наследник, Куба на Фидел Кастро, Чиле во времето на Пиноче, Перу под диктаторот Алберто Фуџимори, Џозеф Естрада и Маркос од Филипините, Хуго Чавез од Венецуела во поново време итн. Иако најгруби диктатори, на новиот светски поредок многу помалку му пречат режимите и диктаторите од земјите од бившиот Советски сојуз како Нурсултан Назарбаев на Казахстан, Ислам Каримов на Узбекистан или Илхам Алиев на Азербејџан, зашто тие се користат во безбедносните игри во регионот. Таков е и случајот со пакистанскиот претседател генерал Первез Мушараф, чиј режим сѐ уште ја прогонува екс-премиерката Беназир Буто, за која исто така имаше истраги за нејзините банкарски сметки во швајцарските банки.

На почетокот од годинава, американскиот амбасадор во Белорусија Џорџ Крол, за медиумите изјави дека американската влада собрала информации за банкарските сметки на белорускиот претседател Александар Лукашенко. Иако немаше детални информации, се смета дека најголемиот дел од сметките се во Швајцарија.

ТЕРОРИЗМОТ ГИ МЕНУВА БАНКИТЕ

Палестинскиот лидер Јасер Арафат од страна на престижниот финансиски њус-магазин „Форбс“ лани беше рангиран како шести по ред најбогат политичар на светот. Минатата година дури и Меѓународниот монетарен фонд објави дека големината на сомнителниот имот на Арафат изнесувала околу 300 милиони долари. Грабежот на помошта за Палестина, според некои проценки достигнал до 900 милиони долари, преку фиктивни фирми за времето на Арафат од што се збогатиле тој, неговото семејство и неговите блиски соработници. Голем дел од парите на Арафат биле депонирани во швајцарските банки.

Истиот магазин „Форбс“ го рангираше и кубанскиот диктатор Фидел Кастро во врвот на најбогатите луѓе на светот, пред Арафат, со богатство проценето на 550 милиони долари. Кастро изјави дека ќе го тужи весникот, одбивајќи ги обвинувањата како лажни. Њујорк Тајмс на 18 октомври лани информираше дека швајцарските иследници дошле до информации за сметките на претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев, штотуку повторно избран за нов претседател на избори што ОБСЕ ги оцени како недемократски. Тие откриле оти во швајцарската филијала на француската банка „Кредит Агрикол“ тој има сметка што ја користи, иако не е на негово име. Демантирајќи го ова, режимот на Назарбаев дури забранил емитување на руската ТВ станица НТВ во Азербејџан, поради веста што ја пренела за неговите банкарски сметки!

Сепак, и Швајцарија се менува со најновите предизвици на времето. Во светлината на 11 септември 2001 г. и терористичките напади, САД направија голем притисок врз официјален Берн по сознанијата дека повеќето од 19-мината терористи што ги грабнаа авионите, имале банковни конта во Швајцарија. Така, со измени на законите, од 2004 г. веќе нема анонимно банкарско штедење во Швајцарија. Односно, банката мора да го знае идентитетот на штедачот, иако официјално сметката може да биде и на друго име, или сопственикот да има само шифра. На барање на САД, Швајцарија ќе блокира 24 сметки во нејзините банки со 12 милиони долари врз основа на американската листа на организации и индивидуи кои имале врска со нападите од 11 септември или ја финансираат мрежата на Ал Каида.

Дури и фирми поврзани со империјата на светскиот терорист бр. 1, Осама Бин Ладен и на неговото бројно семејство, имаат сметки во швајцарските банки, а тајни конта имале и сега затворениот поранешен светски терорист број 1, Карлос Шакалот.

Приказната за диктаторите и швајцарските банки продолжува со огромна листа имиња. Но, за утеха останува фактот дека и за државниците, премиерите, претседателите и министрите на демократските држави често има афери за „штедење“ во банките во Цирих, Женева, Берн. Таква е и онаа со финансискиот скандал на обединителот на Германија, канцеларот Хелмут Кол, чија партија ЦДУ беше обвинета за илегално финансирање. Истрагата на германскиот парламент, на сметките на ЦДУ во Женева открила меѓу другото пари од нафтени зделки со Саудиска Арабија, но и приватизациони измами поврзани со францускиот претседател Франсоа Митеран. Повеќе од 300 милиони марки биле откриени на сметките на партијата во Женева.

Сепак, демократите за разлика од диктаторите не се толку „интересни“ за опсервација од центрите на светската моќ. Нивните афери обично ги истражува демократската јавност во земјите во кои живеат. Да се надеваме дека и Македонија е демократска земја и дека ниту Црвенковски, ниту Костов од Запад не се оценети како диктатори. Иако нам повеќе ни личат за такви.

Поврзани новости