Знае ли битолскиот градоначалник кој му даде награда?

„Фокус“ дојде до целата снимка од церемонијата на доделувањето на наградата, на која награди им беа доделени на лауреатите од повеќе држави, пред сѐ од Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз, но и од Африка и Блискиот Исток.

Според самиот сајт на ЕБА, се чини дека најчести добитници на нејзините награди, почести и признанија се главно лица од политиката и бизнисот во Молдавија, Азербејџан, Казахстан, Белорусија и Русија.

Како што се гледа од снимката, годинешново доделување на наградите се одвива на гала церемонијата која започнува спектакуларно, со фанфари, за после воведениот говор на неколку угледни лица (толку угледни што за нивните биографии не може да се најдат практично никакви информации на интернет) на 6 минути и 30 секунди од видеото да се види на кратко битолскиот градоначалник (крајно десно), по што се пристапува кон доделувањето на наградите.

Нотарка од Казахстан, потоа генерален директор на велнес-центар од Казахстан, па бизнисменка од Казахстан, па потоа градоначалничката на црногорскиот град Котор добиваат награда, за потоа во текот на неколку минути од видеото да бидат прикажани убавините на градот Котор и што тој им нуди на туристите.

Потоа пак продолжува церемонијата, при што се закитуваат со награди еден директор на банка од Обединетите Арапски Емирати, па некој бизнисмен од Малезија, па претставникот на банка од Таџикистан, за конечно на 26 минути и 34 секунди од клипот и битолскиот градоначалник Владимир Талески да се искачи на подиумот каде што ќе му биде доделен не само медал од ЕБА туку и статуетка, како и плакета!

Потоа, церемонијата продолжува со добитник на награда од Нигерија, па пак еден бизнисмен од Македонија (на 29-та минута од клипот), по кого на ред е еден бизнисмен од млечната индустрија во Обединетите Арапски Емирати, по што во клипот е ставена и некоја реклама за јогурт.

Доделувањето на наградите продолжува со банкар од Судан, бизнисмен од Оман, банкар од Оман, менаџерка од Русија, бизнисмен од Малезија, бизнисмен од Србија, бизнисмен од Украина, директорка на компанија од Казахстан, директор на фирма од Ангола, бизнисмен од Ирак, менаџер од Саудиска Арабија, бизнисмен од Малезија, по што награда му се доделува и на банкар од Македонија (на 48 минута), на бизнисменка од Ангола, на директор на јавно претпријатие од Украина, бизнисмен од Русија, банкарски ревизор од Гана и како последен, награда од ЕБА ќе прими и директор на руска компанија.

„Фокус“ пред две недели се обрати до Општина Битола и праша дали локалната самоуправа или лично градоначалникот Владимир Талески ѝ платиле на Европската Бизнис Асамблеја за наградата

Исто така, нѐ интересираше, доколку некој платил за наградата, за колку пари станува збор.

До ден денешен, не добивме конкретен одговор на нашето прашање. За овие оксфордски „награди“ пишуваа и српските медиуми.

Поврзани новости