Симеон Атанасов, штитеникот на Есма за „Фокус“: Не можам повеќе да молчам, ова е мојата вистина!

by fokus

Симеон Атанасов, едно 47 – те од деца кои ги одгледа Есма Реџепова – Теодосиевска, а се до крајот на нејзиниот живот и нејзин менаџер, вчера се најде во одредени медиуми, посочен како крадец кој што влегол во нејзиниот дом и ги украл вредните предмети од внатрешноста во куќата на Кале.

Веднаш по објавите, тој за „Фокус“ раскажа дека нема ниту трошка вистина во обвинувањата, и приказната за неговото приведување во полициска станица, како и обвинувањата дека е крадец се сосема невистинити.

Во интерес на јавноста, тој ни го приложи и вториот тестамент на Есма, според кој таа лично му ги остава сите авторски права од нејзината и музиката на Стево Теодосиевски. Потенцираше дека доволна му е музиката од која што цел живот живее, и како не му треба апсолутно ништо од внатрешноста на домот на Реџепова.
Поради интересот за настаните по смртта на големата хуманитарка и музичар, Атанасов, кој цело време се трудеше да стои на страна, реши да ја раскаже својата страна на приказната.

-Со Есма и Стево го поминав мојот живот. Јас сум дете на разведени родители, и Теодосиевски ме зедоа под своја закрила, ми го трасираа патот со музиката. Живеев со нив, во нивниот дом се до крајот на деведесеттите години, кога се оженив, и со моето семејство се преселив во стан. Сепак, како штитеник и менаџер на Есма, јас останав да бидам дел од нејзиниот живот. За тоа колку се почитувавме нема потреба да раскажувам, дури и моите деца ги крстив Есма и Стево. Токму поради таа наша блискост, сите овие обвинувања многу тешко ми паѓаат. Јас дури и немам клуч од домот на Есма, а и кога би го имал, во никој случај не би влегол внатре да крадам. Не сакав да излегувам во јавност сето ова време, но последните случувања ја преполнија чашата – вели Симеон.

Тој раскажува дека по смртта на Есма, самиот ги подмирил трошоците околу погребалните услуги. Сакал да и направи и споменик на жената која што го одгледала, но нејзините роднини, односно внуци од сестри и браќа му кажале дека тие ќе го прават споменикот.

-Свесен сум за сите коментари околу несреденото гробно место на Есма. Јас се понудив да го средам, но кога нејзините роднини ми кажаа дека тоа е нивна работа и нема што да се мешам, се повлеков. Не сакам да го валкам споменот на Есма и да се вплеткувам во било какви скандали поврзани со нејзиното име. Имам само убави спомени од неа, сакам да ги зачувам како такви – раскажува Атанасов.

Додава дека последните години од својот живот Есма живеела со нејзини роднини во куќата на Кале, но сепак, и таа и Стево имале желба по нивната смрт куќата да стане музеј. Често кажувала дека парите ги заработила од народот, бидејќи народот купувал влезници за концерти и плочи, па затоа и сакала се што спечалила, на некој начин повторно да биде за народот. Но тестаментот според кој куќата му ја остава на Министерството за култура беше оспорен од нејзините роднини, односно внуци, кои тврдат дека правдата ќе ја бараат на суд, и како ним им припаѓа имотот.

-Колку што сум упатен, двајца од роднините на Есма ги имаа клучевите од куќата по нејзината смрт. Од куќата, вредна три милиони евра, сега нема ништо. На 30 март беше утврдено дека музејот е ограбен. Недостигаат низа работи – Урната на Стево, радијатори, штекери, вц шољи, кована ограда, клупа, хармоники, труби, гитара, кларинет, пофалници, гарнитура за седење, комода, уметнички слики, маса, столици, 50 метри квадратни подни плочки, фрижидер, шпорет, телевизор, теписи, корнези, прибори за јадење, награди, накит, 200 пара чевли и над 200 фустани кои Есма ги носеше на настапи… Срамно е јас да бидам обвинет за такво нешто. Ниту сум бил приведен, ниту испрашан во полиција, и не знам од каде се пласираше оваа вест во медиумите, но одговорност мора да сносат сите оние кои што ми го валкаат угледот – вели музичарот.

Како мало потсетување, кога од МВР беше потврдена веста дека музејот на Есма е ограбен, нејзини роднини за ,,Фокус’’ изјавија дека ништо не е украдено, туку тие ги пренеле работите на вториот кат од куќата, плашејќи се токму од можна кражба. Исто така, нејзиниот внук од брат, Аднан Реџепов ни изјави дека во процедура е изградбата на надгробниот споменик, но како поради административни процедури целата работа била завлечена.

И додека секојдневно во јавност излегуваат нови немили случки поврзани со името на Реџепова, Симеон вели дека таа дури и не била погребана според аманетот кој што им го оставила на блиските луѓе.

-Есма сакаше да биде кремирана, но за жал таа беше погребана како ортодоксен муслиман. Нејзини роднини ми рекоа дека јас не носам нејзино презиме, не сум законски посвоен, и да се тргнам настрана. Жал ми е поради сите овие немили настани кои ги полнат страниците на медиумите кај нас и во регионот. Есма заслужува да почива во мир, и се надевам како набргу ќе се стави крај на сите овие скандали кои фрлаат темна дамка – изјави Атанасов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости