Македонските пожарникари работат во лоши услови, имаат недостиг на кадар и вложуваат натчовечки напори да ги изгаснат пожарите во урбаните средини и шумските пожари. Минатото лето кога низ Македонија беснееја шумски пожари, пожарникарите побараа сериозни реформи и набавка на опрема, наместо еднократни награди и тапкање по рамо.
Денес го славиме Денот на македонските пожарникари кои и ова лето, без поддршка од институциите кои не го слушнаа нивниот глас, ќе се борат со огнената стихија. Пожарникарите апелираат да се вработат повеќе професионалци за да не се молиме да доаѓаат доброволци од Словенија и од Австрија без искуство за шумски пожари. Воедно, тие бараат повисоки плати и исти бенефиции како вработените во МВР и во АРМ, а се борат и за нова соодветна опрема за борба против огнената стихија. Во меѓувреме, Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажа дека недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години.
Пишуваше: Орце КОСТОВ
Речиси еден месец, пожарникарите водат битка со огнената стихија, која зафати делови од Македонија. Нивните услови за работа не се најсоодветни за модерното време, но наоѓаат начин најпрофесионално да одговорат на повиците за помош, притоа ризикувајќи ги своите животи за да ги спасат животите на другите граѓани, материјалните добра и природата.
Пожарите што зафатија широк дел од териториите на општините Неготино, Ново Село, Битола, Чашка, Велес и Прилеп, треба да бидат силен аларм за државата да го промени односот кон оваа служба и институциите да почнат процес за реформирање на системот за заштита од пожари.
Голем дел од ангажираните пожарникари, повеќе од 40 часа неделно интензивно работат на терен, вложуваат натчовечки напори, но за гаснење на шумските пожари од ваков облик со огромни опожарени површини не се доволни само противпожарните единици, бидејќи тие се само дел од единствениот систем за заштита од пожари.
Тие се еден дел од системот, кој треба да даде соодветен одговор на предизвикот и, според Законот за заштита и спасување, во вакви сложени ситуации постапуваат Дирекцијата за заштита и спасување, вработените во ЈП „Македонски шуми“, општините, пожарникарите-доброволци, како и полициските и армиските сили во земјава.
Првите луѓе на Независниот синдикат на пожарникари, претседателот Тони Бошковски и генералниот секретар Боби Вељановски ги детектираат проблемите со гаснењето на шумските пожари ова лето, но и проблемите со кои се соочува нивната фела, проблеми кои пикот го достигнуваат при поголеми катастрофи.
– „Македонски шуми“ немаат ресурси, не преземаат ништо откако почнаа пожарите. Дирекцијата за заштита и спасување има повеќе од 300 работници, кои ги нема на терен. ДЗС има и сопствена механизација што треба да ја користи. Кај нас Горска служба е ЈП Национални шуми, имаат 84 возила за гаснење пожари, но вработените оттаму на терен ни доаѓале да гаснат пожари во мокасини.
Во време на кризна состојба, како што е сега, сите републички единици плус Градот Скопје стануваат една единица и сите пожарникари интервенираат на територијата на целата држава. Според последниот попис и измените во Законот за пожарникарство, Скопје треба да има 400 пожарникари, а сега се точно 175 колеги.
Ако имавме доволен број пожарникари, 200 од нив да ги вклучевме во гаснењето на шумските пожари, немаше да има потреба да се трошат ресурсите на полицијата и армијата, ние сами со нозе ќе ги изгасневме.
Но, ние како држава дозволивме да ни помагаат пожарникари доброволци од Словенија и од Австрија, кои немале искуство со шумски пожари. Со кое искуство тие доаѓаат тука да ни покажат како да гаснеме шумски пожари, кога ние имаме по 200-300 пожари во сезона. Опрема имаат, но за гаснење шумски пожари ни требаат луѓе пожарникари, кои ние ги немаме – коментира Бошковски.
ДОБРОВОЛНИ ПОЖАРНИКАРИ
Синдикатот на пожарникари смета дека е потребна комплетна реорганизација на системот, но бара посебен закон за пожарникари. Според сегашната регулатива, тие се под единствениот систем за заштита и спасување во државата, но надвор од него затоа што немаат претставник таму, а никој не ја консултира фелата, иако се работи за безбедносен сектор.
– Ние немаме стандардно-оперативна процедура, не постои и работиме без неа. Надлежен е директорот на ДЗС да ја донесе, но ја нема. Унапредуваме командири, кои законски по една година од чинот должни се да полагаат пред стручна комисија составена од дирекцијата и треба да му се потврди чинот.
Од 2005 година наваму, сите што се поставени за раководители во службата, немаат полагано. Замислете сега да нè тужат граѓаните за нестручно гаснење, што би имале право. Ние ова сме го кажувале, ретко е пренесено – вели Бошковски.
Во службата работат пожарникари со договор на дело, иако, според НСПМ, нашиот закон не препознава такво нешто.
– Низ Македонија има пожарникари со договор на дело. Тука проблемот е во одговорноста на командирот. Замислете каква одговорност носи тој затоа што му доаѓаат такви луѓе на интервенција, не дај боже да се случи нешто – додава Бошковски.
Во последно време, голем дел од општините имаат разбирање за овој проблем и ги слушаат предупредувањата од Синдикатот.
– Имаме добра соработка со градоначалниците, со најголем дел од нив. Во Валандово со Перо Костадинов, Иван Јорданов во Штип, Коњановски од Битола, градоначалникот на Прилеп, кој направи постапка, со градоначалникот на Тетово, со Билал Касами потпишавме и колективен договор.
Тој ги затвори проблемите на пожарникарите, Данела Арсовска, исто така, го реши проблемот. Имаме проблем со градоначалникот на Крушево бидејќи давал опрема на едни, не давал на други оти биле од различна партија – истакна Бошковски.
РЕФОРМИ НАМЕСТО ЕДНОКРАТНА НАГРАДА
Пожарите ова лето ги извадија на површина проблемите со недоволниот број професионалци во противпожарните единици.
– Во Скопје се набави скала од 1,7 милион евра и сега во бригадите нема возило за гаснење шумски пожари, нема едно обично комбе што може да качи 6-7 луѓе да одат да гаснат. Треба да користиме градски или приградски превоз за да стигнеме до пожарите.
Секое лето истиот филм се прави. Ќе дојдат политичарите и ќе нè наградат со 10.000 денари. Не ни требаат тие пари, ни требаат подобри услови и повисоки плати, ова е безбедносна и ризична професија.
Треба некој од нив да го почувствува тоа кога ќе отидеме на интервенција и кога ќе ги види тие луѓе што губат нешто што цел живот го создавале, како пискаат по нас, морници ме лазат во моментов додека зборувам. Ќе речат кај сте досега, иако тие не се виновни, за нив секундата е час.
Пожарникарите стигнуваат многу бргу, со оглед на тоа со кои проблеми се соочуваат. Треба да примиме пријава, мора да земеме податоци, веднаш на разглас кажуваме кое возило да отиде и што гори.
На возачот му треба една минута да стиска гас за воздушен притисок, не сме од тие богати земји чии возила се закачени на притисок. Се губи време, но имаме возачи, кои секоја чест, ризикуваат за да стигнат навремено, иако законски не се заштитени – раскажува Бошковски.
ИМА ФОНДОВИ, НЕМА ЕКСПЕРТИЗА
Синдикатот го следи искуството од земјите-членки на ЕУ какви чекори презеле во однос на набавката на опрема пред да влезат во сојузот. Средствата се тука, но недостасува стручна експертиза.
– Знаеме како некои земји пред да влезат во ЕУ, колку ги чинело затоа што не биле информирани што треба претходно да направат за да аплицираат и да користат фондови од ЕУ за набавка на возила и опрема. Некаде околу два милиони евра чини експертизата на теренот – вели Вељановски, генерален секретар на НСПМ.
Според него, треба да се формира силен сектор за пожарникарство во рамките на ДЗС, но сите територијални единици треба да се развиваат различно, затоа што, како што вели, немаат исти потреби.
– Сите територијални единици треба различно да се развиваат, на некои им требаат повеќе возила за гаснење шумски пожари, на некои урбани возила. И таква анализа ние веќе имаме направено, сето тоа стои некаде во некоја фиока и не сака никој да го извади и да рече чекај можеби сме згрешиле.
Документот е од 2018 година поднесен до тогашниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски. Тоа е наша иницијатива со одредби и плански региони што треба и колку би чинело. Имаме и анализа за број на вработени во земјава.
Дури изготвивме и анализа што ќе се случи ако не се преземе ништо. Се работи за документи, кои редовно сме ги доставувале до институциите, но немале слух – потенцира Вељановски.
Институциите немале слух ниту за проектот за енергетска ефикасност на објектот на бригадата во Автокоманда, кој требало да се реализира со поволен кредит од Светска банка.
– За кредитот од Светска банка за енергетска ефикасност беше направена проценка на објектов во Автокоманда што и како треба да се направи за намалување на трошоците за греење и одржување.
Се дојде до крајно решение дека се потребни 500.000 евра за поставување нова фасада и поставување нов покрив и 98 фотоволтаици, од кои 73 ќе произведуваат струја, а другите и струја и вода со бојлер од 1.000 литри, сè со цел да биде самоодржлив објектот.
Со тоа што за 3,5 години би се вратиле средствата што ќе бидат вложени во моментов за изведување цел проект. Градот треба да учествува само со 10 отсто, тоа се некаде 50.000 евра, имаме грејс-период од пет години, а за 3,5 години објектот се отплаќа уште непочнат – информира Вељановски.
КАДЕ Е СИСТЕМОТ НИКС?
Пожарникарите прашуваат и каде е системот НИКС, кој требаше да биде алатка за рано предупредување, нешто налик на системот Нотас, со кој се предупредува за временските услови.
Преку НИКС (Next generation incident command) системот на НАТО, во реално време се добиваат сите податоци и потоа се дигитализираат. НИКС системот служи за просторно и визуелно прикажување податоци во реално време, како што се шумските пожари.
Со системот требаше со еден клик да се влезе во кој било пожар и да се провери неговиот статус, дали е изгаснат, дали е активен, дали е под контрола.
Овој систем беше во развојна фаза, но беше активиран и адаптиран со цел земјава соодветно да одговори во процесот на справувањето со корона вирусот.
– НИКС-от во реално време ги покажува опасностите од шумски пожари на цела територија со црвено. По автоматизам треба да се преземат мерки како што презема Грција, има од еден до пет стадиуми на заштита: забрането палење на отворено, забранета работа на машини на отворено што може да искрат…
ЦУК и Дирекцијата добија опрема за НИКС-от, добивме и ние: лаптопи, таблети, КАТ телефони, но не знаеме каде се. Знаеме дека требаше да се направи команден штаб. Седум години е тој систем во Македонија, но не се користи – потенцираат од Синдикатот на пожарникари.
Според Синдикатот, во магацините на Дирекцијата за заштита и спасување има различни видови опрема, која е наменета за пожарникарите, но не се користи.
– Пред некоја година излезе Петре Шилегов и промовираше квадроцикли. Промовираа супер течност за гаснење шумски пожари. Ни доаѓа да речеме немојте да ни набавувате ништо, да одиме сами да си купиме она што ни треба од опрема. Измислуваат џебови под агол на униформите, што е небитно за нас, а се развозуваат со новите „амарок“ возила, што не ги дадат кај нас – велат од таму.
НА НИВО НА ПОМОШЕН ПЕРСОНАЛ
Еден од најголемите проблеми откако противпожарните единици се превземени од локалните самоуправи се пресметките за плати и неработењето на одредени институции.
Министерството за финансии преку Министерството за одбрана исплаќа наменски дотации за плати во кои има средства и за покачувањата и додатоците на плата. Поради лоши пресметки, останува вишок, кој Министерството за финансии на крајот од годината го повлекува. Потоа следуваат тужби за кои судските трошоци ги плаќаат општините од парите на граѓаните.
– Го поставуваме прашањето на работна група во која имаше претставник од Министерството за финансии. Тој вика „ние работиме според дознаки од Министерство за одбрана, кое треба да има поголема контрола“.
Во последните години тоа почна да прави контрола, но би го замолиле Министерството за одбрана да врши поголема контрола. За решавање на проблемот ќе бараме средба со министерот за одбрана и со министерката за финансии бидејќи тие се надлежни за нас – вели Бошковски.
Во однос на тоа, Вељановски додава:
„Никој не го предупредил сите овие години Министерството за финансии дека има пожарникари за кои треба да се зголемат средствата за плата. Во 2019 година, висината на средствата за плата била 330 милиони денари, следниве четири години континуирано се зголемуваше сумата за плати на пожарникари, а оваа година стигна на 460 милиони денари.
Но, не го прати трендот на зголемување на минимална плата и на минат труд. Имаме нови вработувања, но некој треба на Финансии да му ги даде тие податоци…“.
Освен за решавање на овој проблем, Синдикатот ќе бара средба со министерствата за финансии и за одбрана под итно да се направат промени во законот за да се изедначи пожарникарската служба со АРМ и со МВР, барем во делот за одење во пензија.
– Ние имаме возачи што си одат. Основната плата по градови се движи од 28.000 до 31.000 денари, со додатоци, кои се релативна работа и може да ги немаме. Со нив се стигнува до 40.000 денари.
Законски, пожарникарот треба да зема плата поголема за 20 проценти од вработените во општината со соодветно образование. Тие за пресметка ја земаат платата од помошен технички персонал, нè изедначува со нив. Тоа е минимална плата зголемена за 20 проценти.
Но, стручна спрема и соодветно образование не е исто. Работниот век во пожарната бригада бара постојано обука. Сертификатот е петти степен, пост средно образование, 4+1 и затоа не може да нè изедначат со помошен технички персонал – сметаат првите луѓе на Синдикатот.
СТАРИ ВОЗИЛА ПО 27 ГОДИНИ
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажа дека недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години.
Поточно, 34-те противпожарни единици во земјава вкупно имаат 284 возила, од најразличен вид – оние што гаснат пожар, цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.
Последното вакво истражување на Центарот за граѓански комуникации од 2020 година покажа дека тогаш во земјава имаше 241 возило, просечно старо 28 години.
Тоа значи дека во последните три години, зголемен е бројот на противпожарни возила, но староста е намалена само за една година. Сега има 284 возила, просечно стари 27 години.
Во последните три години се расходувани 22 стари возила, а се набавени дополнителни 65 возила, но со просечна старост од 17 години.
Најстари возила, со просечна старост од 35 до 39 години имаат четири противпожарни единици. Неславното прво место го зазема новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане, која има две возила, просечно стари 39 години.
Следна, со просечно стари возила од 38 години е противпожарната едница во Кратово. Триесет и шест години просечна старост имаа возилата на валандовската противпожарна едница, а возилата на Крива Паланка се просечно стари 35 години.
Спротивно, најнов возен парк во земјава имаат противпожарните единици во Велес и во Штип, чии возила се просечно стари по 12 години. Следните две единици, чии возила се просечно стари по 21 година се Берово и Демир Хисар, по кој следува Прилеп со просечна старост на возилата од 22 години.
Најстаро противпожарно возило во земјава има Валандово – камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години. По ТАМ-от на Валандово следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар.
НЕДОСТИГААТ 340 ПОЖАРНИКАРИ
Иако последниот попис на населението покажа значително помалку жители во земјава, со што се намали и законски потребниот број пожарникари по жител, сепак сè уште има 340 пожарникари помалку од законскиот минимум.
Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава, од кои 14 се републички плус Градот Скопје.
Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица, која покрај скопските општини ги покрива и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер-Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково, има 190, а треба да има 405 пожарникари.
Куманово има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку од законскиот минимум и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари.
Спротивно, меѓу општините што имаат повеќе од законскиот минимум, најдобро стои Ресен со дури 6 пожарникари над законски определениот број, и неколку општини, кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.
Според Законот за пожарникарство и измените на овој закон што важат од 1 јануари 2020 година, минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици треба да изнесува:
– во општините до 10.000 жители – девет професионални пожарникари,
– во општините од 10.000 до 15.000 жители – 13 професионални пожарникари,
– во општините од 15.000 до 24.000 жители – 17 професионални пожарникари и
– во општините со над 24 000 жители – еден професионален пожарникар на 1.500 жители.
Законот, исто така, определува дека утврдениот број на професионални пожарникари на противпожарните единици се зголемува соодветно на бројот на жителите на соседните општини што ги покрива формираната единица.
ЈАВЕН АПЕЛ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, неодамна во изјава за медиумите рече дека проблемот со вработување во скопската противпожарна бригада е заглавен во Министерството за финансии и јавно апелираше до институцијата да издаде согласност за вработување пожарникари.
– Бројот на пожарникари е многу мал. На градот Скопје му требаат очајно 50 пожарникари. Во Скопје има 185 пожарникари во 4 смени, некои се болни, некои возрасни над 60 години. Бројот е алармантен. Имаат поднесено барање до Министерството за финансии за вработување, со што јавно апелирам до институцијата за издавање согласност за вработување пожарникари. Нивната бројка е неопходна – рече Ангелов.
Текстот е објавен на 25 јули 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.503.