Со години, ски-центарот Кожуф важеше за еден од најамбициозните туристички проекти во Македонија, но никогаш не го достигна планираниот развој. Причините за неуспехот беа повеќеслојни, но како една од клучните, најчесто се посочува недоволно развиената патна инфраструктура, која требаше да ја обезбеди државата. Проектот, во почетната фаза, доби поддршка и од тогашната влада, која инвестираше околу девет милиони евра во изградба на нов пристапен пат, што создаде очекувања дека Македонија ќе добие модерен зимски туристички центар.
По продажбата на ски-опремата и промената на сопственоста врз недвижниот имот, се создадоа услови за рестартирање на проектот. Во јавноста првично се шпекулираше дека нови инвеститори ќе бидат иселеници од Германија, но најновите информации покажуваат дека како потенцијални инвеститори во „Ски Кожуф инвест“ се појавуваат бугарски компании зад кои стојат македонски бизнисмени.
Пишува: Орце КОСТОВ
Стариот ценовник од 900 денари за дневен ски-билет сè уште се појавува на интернет-страницата на Ски-центар Кожуф, а центарот не работи 20 години.
Како компанија, Ски-центар Кожуф формално постои, но не работи редовно како комерцијален ски-центар, иако и понатаму има идеални услови да прерасне во врвен зимски туристички центар.
Се наоѓа на планината Кожуф, во близина на Гевгелија, на околу 20 минути возење од градот, односно на околу четириесетина километри од коридорот 10.
Оддалечен само 100 километри од Солун и неговиот меѓународен аеродром и на околу 200 километри од Скопје, центарот е исклучително атрактивен за оние скијачи што патуваат со авион и со автомобил.
На надморска височина од околу 1.600 до 2.100 метри и поради близината на Егејско Море, оваа планина често има поволни снежни услови и специфична комбинација од континентална и медитеранска клима.
Ски-центарот почна да се гради во 2006 година, како многу амбициозен проект на неколку домашни инвеститори, во кој беа вложени нешто помалку од 20 милиони евра. Се инсталираа најсовремени ски-лифтови, кои работеа само една сезона и оттогаш до денес се оставени на милост и немилост на суровите планински услови.
Според оригиналниот мастер-план, Кожуф требаше да изгледа како најмодерен ски-центар со: 11 жичници (во првата фаза беа предвидени 6, а во конечната 11) со капацитет од околу 25.000 скијачи на час, 80 до 140 километри уредени ски-патеки, околу 1.500 хектари фрирајд зона, систем за вештачки снег со десетици снежни топови и акумулација кај Марково Езеро, туристичка населба со околу 40 помали и 6 поголеми хотели, 200 планински куќи, околу 2.000 легла, ресторани, кафулиња, продавници за спортска опрема, спортски терени, мултимедијален центар и голем паркинг.
Од целиот план беа реализирани само: еден шестосед, две ски-влечници, околу 14–16 км ски-патеки, ресторан и неколку сместувачки капацитети, како и дел од системот за вештачки снег.
Проектот беше поддржан и од тогашната влада, која вложи 9 милиони евра во изградба на нов пат и, генерално, сите показатели укажуваа на тоа дека Македонија почна да пишува една успешна приказна.
ЗОШТО ПРОПАДНА СКИ-ЦЕНТАРОТ?
Со години се сметаше дека ски-центарот Кожуф е еден од најамбициозните туристички проекти во Македонија, но никогаш не го достигна планираниот развој.
Причините за пропаста на центарот, кој имаше услови да ги надмине регионалните Банско (Бугарија) и Копаоник (Србија), беа многубројни, но се чини најголемиот проблем беше патната инфраструктура, која требаше, а не ја обезбеди државата.
Иако беа инвестирани значителни средства во пристапниот пат од Смрдлива Вода до центарот, тој никогаш не се доизгради, а она што изведувачот го изгради дотогаш, се распадна поради нередовното одржување во зимски услови.
Првичната визија беше изградба на огромен планински туристички комплекс со хотели, викенд-населба, повеќе жичници и околу 140 километри ски-патеки. Од тоа беше реализиран само мал дел.
Згора на тоа, дел од сопствениците и инвеститорите тврдеа дека плановите за отворање рудници во регионот негативно влијаеле врз развојот на центарот и пристапната инфраструктура. Никола Груевски, тогашен премиер од ДПМНЕ, додели две концесии за отворање рудници на злато, при што и двете концесии беа во негова близина и го блокираа ски-центарот, но никогаш не се отворија.
Сево ова придонесе компанијата „Ски Кожуф дооел“ да не генерира приходи и да прогласи стечај. Во Основниот суд во Велес, во 2016 година е отворена стечајна постапка за фирмата со цел да се направи попис и проценка за утврдување на стечајната маса на должникот.
ОБЕЗВРЕДНЕТ ИМОТ
Во јули 2023 година, односно по седум години стечај, се продаде движниот имот на ски-центарот. Стечајниот управник на ски-центарот Кожуф, Богољуб Макревски, во изјава за медиумите во 2023 година откри дека тоа е одлука на Собранието на доверители, кое се одржа во Основниот суд во Велес и дека морале да го разделат движниот и недвижниот имот откако увиделе дека центарот не работи една деценија.
„Проценетата вредност на центарот беше 173,87 милиони денари, а беше купен за 21,5 милиони денари, што е 12,46 отсто од проценатата вредност. Изминатите години имаше 11 заинтересирани купувачи, но не и конкретни понуди. Моравме да ги разделиме движниот и недвижниот имот, оти десет години не работи и пропаѓа. Останува надежта дека сега ќе се јави и заинтересиран купувач на недвижниот имот, а тоа е земјиштето на ски-центарот“, изјавуваше Макревски.
Со продажбата се опфатени системот за правење снег, ски-лифтот, шестседната жичница, која беше прва таква на Балканот, возилата за поправка на ски-патеките, три ратрак возила, возило за чистење снег и други придружни возила.
Според она што претходно беше кажано по собранието на доверители, продадената опрема на времето чинела околу 7 милиони евра, а сега купена на ново би била двојно повеќе според актуелните цени.
Елтех Дооел Скопје е фирмата, која за 21,5 милиони денари или 350.000 евра, го купи движниот имот, односно опремата на ски-центарот Кожуф, иако тој, според официјалните проценки, вредел 174 милиони денари, или 2,8 милиони евра, што е осумпати повеќе.
Фирмата „Елтех“ е во сопственост на Борче Јаневски, кој 16 години ја извршува функцијата генерален секретар на Скијачката федерација на Македонија и воедно е импортер на познати спортски брендови во земјата.
ЗЕМЈИШТЕ ОД 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА
Во април 2025 година, Централниот регистар објави дека на 10 април истата година, Основниот суд Велес донел решение со кое Собранието на доверители ја прифатило понудата на „Елдорадо инвест тим“ за продажба на земјиштето на ски-центарот Кожув за 2,5 милиони евра.
Купено е земјиште со површина од 451.810 квадратни метри, за сума од 157 милиони денари без ДДВ преку јавен оглас за електронска продажба на имот, без утврдена почетна цена од февруари 2025 година. Инаку, оваа фирма е формирана на 30 октомври 2024 година, а директор е Глигор Беловинов.
Еден месец подоцна по купувањето на имотот на ски-центарот, оваа фирма го промени името во „Ски Кожуф инвест“ ДООЕЛ Гевгелија. Фирмата е капитално поврзана, односно во сопственост на БОГ Инвест Тим од Гевгелија, која, пак, е во сопственост на две други фирми: БС Билдинг ДОО од Гевгелија и Фајбер-Солушнс ДООЕЛ од Валандово.
Сопственик на БС Билдинг ДОО е Бранислав Палазов, еден од најпознатите бизнисмени и градежници во Гевгелија.
ВЛЕЗ НА БУГАРСКИ ФИРМИ СО ГАЗДИ МАКЕДОНЦИ
По продажбата на опремата и со купувањето на недвижниот имот се исполнија условите да се рестартира центарот и се шпекулираше дека инвеститор од македонско потекло, кој многу години живеел во Германија ќе ја здружи инвестицијата во конзорциум со фирмата „Елтех“, која пред неколку години ја купи опремата од ски-центарот.
Но, наместо наш гастарбајтер, потенцијални инвеститори во „Ски Кожуф инвест“ станаа бугарски компании, но со македонски газди блиски до политичките елити.
Минатиот месец, со свој удел во „Ски Кожуф инвест“ се стекнала компанијата „Интернешнел груп Струмица“, фирма за градежништво, која работи од 2018 година и има двајца вработени според податоците на бизнис-мрежата „Company Wall“.
Компанијата од Струмица е во сопственост на две фирми од Бугарија – Зунче и Грал, двете од Петрич. Според податоците од бугарската бизнис-мрежа, Зунче е компанија за изградба на станови и е во сопственост на Горанчо Крстев, познат струмички бизнисмен, кој, според медиумите, важи за близок бизнис-соработник на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Втората компанија Грал е во сопственост на извесен Влатко Јовановски.
Интернешнел груп има двајца управители, едниот е Горан Крумов од струмичко Дабиље, а другиот е скопјанецот Златко Димитровски, за кого во изминатиот период се пишуваше дека наводно му е близок бизнис-соработник во транспортната компанија на Јорданчо Јанев– Дано, баџанакот од Струмица на премиерот Христијан Мицкоски.
„Интернешнел груп“ од ноември 2025 е основач и на „Тхе Гранд Спин“, заедно со Енерго Максистем на Сања Костовски.
Управител и на оваа фирма е Златко Димитровски.
„Интернешнел груп“ сега има удел од 43 отсто во „Ски Кожуф инвест“, компанијата што ги поседува недвижнините на некогашниот зимски ски-центар.
Втор сопственик на „Ски Кожуф инвест“ сега е и „Кожуф маунтаин ресорт“ на Владо Наков, а управител е Ристо Наков. Компанијата е регистрирана во 2022 година и лани имала минимални приходи. Дејноста е хотелско сместување. Имињата се поврзани со Ангел Наков, поранешниот извршен директор на зимскиот центар Кожуф, кој заврши во стечај.
Трет сопственик на „Ски Кожуф инвест“ е основачот БОГ Инвест Тим од Гевгелија на БС Билдинг, компанија на Бранислав Палазов и Стефан Русев, едни од најпознатите бизнисмени и градежници од Гевгелија.
Менаџер на „Ски Кожуф Инвест“ е Глигор Беловинов од Валандово до кого „Фокус“ испрати прашања, што значи влегувањето на Интернешнел Груп од Струмица во сопственичката структура на центарот и дали се планирани сериозни инвестиции за рестарт, но одговор до затворањето на бројот не добивме.
ДРЖАВАТА ПЛАНИРАШЕ РУДНИЦИ
Поради изградбата на патот, ски-центарот во периодот 2009-2013 не можеше да работи. Беше изграден асфалтиран технички пат во должина од 19 километри, кој води од населбата Смрдлива Вода до центарот. Всушност, тој пат е во најголем дел е во одлична состојба, освен во еден потег во должина од еден до два километри, веднаш по населбата Смрдлива Вода, каде што има одрони и вистинска непознаница е зошто никој не сака да го санира и одржува.
Посетителите на Кожуф, оние најупорните што сакаат фри-стајл скијање, го користат техничкиот пат, кој беше направен за потребите на градежната механизација во време на изградбата на ски-центарот. Но, овојпат никој не го одржува и во зимските месеци е сосема непрооден и полн со одрони.
Источниот срт на ски-центарот е границата што го дели ски-центарот Кожуф од депресијата во која требаше да биде отворен рудникот за злато Коњско. Тогашната влада на Никола Груевски, во меѓувреме покрена кампања за давање концесија на околното земјиште, на кое требаше да се отворат рудници за злато, но оваа иницијатива, благодарение на референдумски изразената волја на гевгеличани, беше оневозможена. Овој потег на владата отвори сериозен сомнеж дека целиот процес на опструирање на работата на ски-центарот Кожуф има една сосема друга заднина.
„Сѐ почна во декември 2013 година, тогаш беше завршена изградбата на регионалниот пат Гевгелија-Смрдлива Вода-Кожуф, во кој државата вложи 10 милиони евра, за по само неколку дена да го затвори за сообраќај и никогаш повеќе да не го пушти во употреба“, се присетува Ангел Наков, еден од основачите на ски-центарот Кожуф и главниот организатор на граѓанските протести во Гевгелија, во интервју за „ТРТ Балканс“ дадено на почетокот на 2025 година.
Според него, Ски-центар Кожуф е колатерална штета на една налудничава идеја, односно проект за отворање на преку 20 рудници со отворен коп во Македонија од кои четири на планината Кожув.
„Ја исклучија електричната енергија, престанаа да издаваат градежни дозволи, го затворија патот, направија сè за овој проект да биде блокиран. Дури во 2016 година се откри приказната дека владата претходно прифатила и донела една одлука, да не користам тешки зборови, со катастрофални последици за иднината на Македонија“, раскажува Наков за „ТРТ“.
Во 2017 година се организираше првиот локален, успешен референдум во Гевгелија и граѓаните рекоа СТОП за рудниците. Планината Кожуф беше спасена, но беше предоцна да се спаси и ски-центарот.
Текстот е објавен на 9 јули 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.605