Што сега?

by Фокус

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 29 март 2013.

Пишувал
Борјан ЈОВАНОВСКИ

Со Никола преседовме часови и часови по разни биртии, онака како што нѐ личи нас маргиналците исфрлени од општеството и институциите, да се снаоѓаме како знаеме и умееме во нашата намера да се занимаваме со таму некакво си новинарство.

Не знам за Никола, ама мене тие средби ми беа како носење автомобил на бензиска станица. Испразнет, исцрпен често разочаран, по средбите и муабетите со Никола и ќе се насмеев и некако повторно ќе купев од него по некој грам енергија и ентузијазам.

„Остваруваме“ ќе си речевме на разделбата. Никола беше еден од малкуте колеги, на една рака ги бројам. Со мене и по она што ми се случи во А1 и кога владината пропаганда ме прозиваше и ме етикетираше како предавник, како платеник… и кога останав без работа… Седенките со Никола беа едно од решенијата во тие моменти.

Остваруваме друже… Остваруваме… и одевме понатаму… и сѐ така до нашата последна средба. Борјан и што сега? Ми повторуваше Никола безброј пати на последната средба. Првпат го видов уплашен и без одговор, а со прашања. Тоа не беше Никола, си мислев. Пропаднат, изморен во напорите да го одржи „Фокус“ на правецот на кој го постави и сакаше да го тера.

Последниот пат, првпат се разделивме без вообичаениот поздрав „Остваруваме“. Овој пат не купив ентузијазам од Никола. И тој го губеше… паѓаше… немаше повеќе одговори. Кој го знае Никола, јасно му е дека Никола без одговори не е Никола.

Епа, не е…. Од челик да си ќе те стопи лицемерието, лагата, изопаченоста на која сме изложени што индиректно, а во случајот на Никола честопати и најдиректно…

Никола нѐ напушти папсан, обидувајќи се да докаже дека новинарството може и мора да постои за да биде дежурен критичар на која било власт, со цел да ѝ укаже кога ќе застрани од интересите на граѓаните.

Не е ОК што ме остави без одговор на прашањето „Што понатаму?“, „Што сега?“. Никола беше тој што требаше да ми даде одговор, а не од мене да го чека… така барем тој ме разгали…

Ако ти Никола го немаше одговорот…, јас па ич, особено сега кога секна уште еден извор во оваа пустина. Би сакал да можам на крај да ти ветам дека твојата смрт е аманет – колку нѐ има, толку, да вложиме уште повеќе за да стигнеме таму каде што посакувавме…

Искрено се плашам дека не сум во состојба да ветам такво нешто. Ми останува да верувам или да се тешам дека помладите генерации построени во партиските бригади ќе си го стават прстот на глава и ќе сфатат дека партиската книшка не е вредност, туку проклетство, а дека вистинската вредност е да се препуштат на страста, знаењето, храброста во менувањето на општеството, барем исто така како што направи ти со неполни 30 години, воведувајќи ја слободната мисла во затворениот медиумски простор во доцните 1980-ти.

Поврзани новости