Што пишува во Извештајот на ЕУ за Македонија?

by Фокус

Потребна е ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи, стои во Нацрт-извештајот на Европската комисија за Македонија, објави Радио Слободна Европа.

Северна Македонија е умерено подготвена по речиси сите критериуми. Единствено во економските критериуми е наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика има многу добар прогрес.

Во извештајот се наведува дека работата на Собранието била нарушена со политичката поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони. Потребно е добро планирање и консултации за да се ограничи носењето на закони по брза постапка, а пратеничките прашања треба да бидат почести.

„Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи“, стои во извештајот.

Охридскиот договор продолжува да се спроведува, а меѓуетничките односи се оценети како стабилни.

Се наведува дека граѓанското општество продолжува да игра важна улога во процесот на донесување одлуки и во набљудувањето на активностите на државата. Сепак, потребна е поголема транспарентност и инклузивност во носењето одлуки.

Во извештајот се наведува дека се направени реформи во службите за безбедност, но треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби.

Доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.

„Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во справување со случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорните и управни одбори“, стои во извештајот.

Во однос на усогласеноста на Македонија со надворешната и безбедносна политика на Европската унија се наведува многу добар прогрес со тоа што земјата целосно застана на страната на ЕУ во однос на руската инвазија врз Украина.

„Со тоа Северна Македонија покажа дека може да биде доверлив партнер“, стои во извештајот.

Поврзани новости