Што им порача Хан на македонските партиски лидери?

by Фокус

Eврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, денеска при посетата на Македонија оствари билатерални средби со лидерите на четирите најголеми македонски партии: Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи. Неговата порака беше дека договорот од Пржино мора да се реализира во предвидените рокови, до 6 ти октомври партиите да се договорат за изборниот законик, изборите да се одржат во април, а потоа да се преземе наредниот чекор за членство на Македонија во ЕУ.

-Она што јас можам да го ветам и да ве уверам сите е дека ќе направиме сè за да ги убедиме земјите-членки да ги елиминираат нивните резерви во однос на почетокот на преговорите. Ова не може да се направи за неколку месеци, се работи за еден процес, меѓутоа сега барем има едно заедничко разбирање меѓу сите земји-членки дека најдобриот придонес кон развојот на една земја во ЕУ, којашто сè уште не е земја-членка на ЕУ, е да се започне со преговори за членство. Тука влогот на ЕУ е најголем и тоа мора да се искористи и да се цени, рече Јоханес Хан по средбата со Никола Груевски на заедничката прес-конференција во Министерството за финансии.

Груевски пак, изјави дека треба да се дозволи пристапните преговори да течат паралелно со разговорите за решавање на проблемот со името со Грција, постигнатиот договор за излез од полиичката криза треба да се дозволи пристапните преговори да течат паралелно со разговорите за наметнатиот спор за името.

Еврокомесарот оствари одвоени средби во ЕУ Инфо Центарот и со Зоран Заев, Мендух Тачи и Али Ахмети.

-Драго ми е што ЕУ наметнува конкретни термини за реализација на договореното за коишто се разговараше, а ќе бидат конечно утврдени по сите средби со сите учесници во преговорите. За нас е добредојдено колку може порано тоа да го завршиме, бидејќи имплементацијата ќе има поквалитетна завршница, изјави Заев по средбата.

Али Ахмети и Мендух Тачи рекоа дека најмногу се разговарало за спроведувањето на договорот од Пржино, особено за изборниот законик. Според Ахмети, ова е само почеток, но не и крај на имплементацијата на овој договор.

 

 

Поврзани новости