Штипската УДБА едвај го спасила Јордан Мијалков од канџите на КОС ?!

by Fokus

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 28 декември 2010 во неделникот „Фокус“

Пишувал: Жарко ЈОРДАНОСКИ

За некој што во младоста бил сомничен за антидржавна активност, па дури бил следен и обработуван од тајните служби, Јордан Мијалков, може да се каже, прилично добро поминал во времето на едноумието и комунизмот. Како што видовме, во средношколските денови бил изложен на разни шиканирања, бил одбиен за стипендија, се мачел со сиромаштијата, но сепак во текот на студиите работите се смениле на подобро. Успеал да добие стипендија, а веднаш по дипломирањето и да се вработи во Државниот секретаријат за стопанство. Најтешкото било зад него.

Три месеци по дипломирањето бил повикан на отслужување на воениот рок во озлогласената Билеќа, во школата за резервни офицери. Секој што го познава функционирањето на ЈНА, мора да е малку изненаден од овој воен распоред на младиот регрут, претходно третиран како националист и шовинист, како што не информира самиот автор на неговата биографија. Во школите за резервни официри се праќаа само проверени кадри, лојални на државата, затоа што тие беа расадник за идните резервни официри на кои се потпираше системот за територијална одбрана. Тоа што Мијалков бил примен во Билеќа може да значи дека тој ги поминал критериумите за политичка подобност на ЈНА. А тоа би значело дека приказните за неговата патриотска активност во раната младост, па и неговите шиканирања како вмровец, се преувеличени во неговата биографија и во сеќавањата на неговите современици. Мотивите за тоа се “разбирливи” и дневнополитички – Мијалков “пост фестум” да се произведе во голем патриот и националист, барем поголем од тоа што навистина бил!

Другото можно објаснување за ваквиот развој на настаните е Мијалков навистина да воспоставил некој облик на соработка со Службата за државна безбедност, што му ги отворило вратите и за стипендија и за ШРО, а, како што ќе бидиме подоцна, и за неговата успешна правничка кариера. Но, како што видовме, неговиот биограф и неговите современици во своите сеќавања енергично ја отфрлаат таквата можност и сведочат дека на Мијалков ни на крај памет не му паѓало да соработува со службите!

Авторот Христо Ристовски во книгата постојано полемизира со таквите тези што повремено биле изнесувани во дневниот печат додека Мијалков бил министер, и ги отфрла како дел од смислената пропаганда против него. Ристовски “признава” само дека Мијалков бил член на Сојузот на комунистите, затоа што тоа било неопходно да се вработи, “но никогаш не ги користел благодетите што ги нудела Партијата и секогаш критички истапувал против тогашните присутни девијации што го уривале угледот на нивните членови и ја слабееле државата”. Хм..!

mijalkov-jna

УДБА ГО СПАСИЛА ОД КОС!?

Една епизода од војничките денови на Мијалков во Билеќа е многу интересна и загадочна, а ја дознаваме од сеќавањата на неговиот другар и долгогодишен соученик и соработник, Тодор Аџисанков, кој служел војска во истата касарна со него. Во Билеќа на Мијалков му било дадено да држи политичка настава на питомците на ШРО, што е само по себе чин на голема доверба од претпоставените. Темата на едно од тие предавања била “ВМРО и нејзината дејност меѓу двете светски војни”. Мијалков со жар зборувал за маките на македонскиот народ под турско ропство и во Балканските војни, за Гоце Делчев и за востанијата, за странските пропаганди во Македонија… Потоа одговарал на прашањата на војниците и им објаснувал што не им е јасно. На пример, некој војник го прашал каде е роден Гоце Делчев. Кога Јордан му го покажал на картата Кукуш, овој забележат дека тоа е во Грција и дека се вика поинаку. На тоа Мијалков одговорил дека тоа е македонски град, кој е сега во составот на Грција и е преименуван, а голем дел од Македонците се протерани од грчките власти, “но тоа не може да ја избрише вистината за домородното македонско население”. Ваквите објаснувања воопшто не му се допаднале на присутниот офицер на КОС, па против Јордан било покренато обвинение за застапување “македонски национализам и сепаратизам”. Му било забрането да предава, бил изолиран од останатите војници, а потоа бил осуден и притворен во воениот затвор во Билеќа. Јордан бил шокиран од тоа што му се случува, барал прием кај командантот на гарнизонот, се жалел до воената управа, но без резултат!

Неговиот војнички другар Аџисанков, кој постојано го посетувал, се обидел да им објасни на старешините дека се во заблуда и дека тоа го прават само затоа што недоволно ја познаваат македонската историја, која има свои специфичности.

“Исто така го замолив (командантот) да побара дополнителни информации од службата за Државна безбедност од Штип за да добие поточни податоци и од прва рака да дознае за каква личност се работи. Командантот, кој беше Црногорец, добро ме разбра и така постапи. Добиениот одговор гласел дека тој е политички исправен. По ова Јордан беше ослободен”, раскажува Аџисанков.

Позитивно мислење за Мијалков дошло и од Народниот одбор од Штип, веројатно по иницијатива на неговата мајка, која во тој период го посетила Јордан во Билеќа и не можела да се помири што нејзиниот син е неправедно обвинет. Одборот, како што не информира Ристовски, укажал дека се работи за млад, перспективен дипломиран правник, честит и работлив, кој отскокнувал со своите знаења од тамошниот воен персонал, па од нив бил сосема погрешно разбран и непотребно обвинет.

Оваа карактеристика е многу интересна, ако се потсетиме дека неколку години претходно, кога Мијалков и неговиот другар Ѓорѓи Наумов побарале стипендии за на факултет, истите општински власти ги набркале со зборовите: “За вас нема ниту помош ниту стипендии, бидејќи вие работите против сопствената држава! Ајде, сега марш одовде!”. Нешто навистина драматично се сменило во односот на штипската локална власт кон Мијалков!

Од друга страна, чудно е што за Мијалков дала поволно мислење истата штипска УДБА, која само четири години претходно, според неговиот биограф, водела досие за него под шифрирано име, сомничејќи го за наводна непријателска дејност од позиции на македонски сепаратизам и шовинизам. Тие прашања ќе останат неодговорени, барем додека процесот на лустрација, што се води во Македонија, не се прошири и на историските личности од поблиското минато. Или, пак, додека министерката Гордана Јанкуловска не издаде “потврда” дека Јордан Мијалков никогаш не соработувал со тајните служби, како што му издаде на Латас!

Како и да било, со добиените позитивни карактеристики Мијалков бил ослободен од сите обвиненија во Билеќа. Можел слободно да се движи низ касарната, да излегува во град и без проблеми го минал остатокот од воениот рок. Ристовски тврди дека “потоа бил унапреден во чин полковник на ЈНА”, што мора да е некоја грешка на авторот, затоа што завршените питомци од ШРО излегуваа со чин потпоручник. Ако не е грешка, тогаш тоа е уште еден во низата парадокси во биографијата на Мијалков – “предмет” на обработка на КОС и УДБА да добие чин полковник во ЈНА!!!

Оваа епизода ќе биде и последната негова непријатност со властите, барем кога е во прашање подобноста во времето на едноумието. Оттука натаму Мијалков ќе си го чува патриотскиот набој за домашна употреба, за посебни прилики, во круг на доверливи пријатели, па и за забавување на странците. Други проблеми од сличен карактер во кариерата нема да има, барем не може да се најдат во оваа негова биграфија!

СО МНОГУ ВРСКИ ДО МАКОТЕКС

Веднаш по враќањето од ШРО, во септември 1957 година, се пријавил на работа во Државниот секретаријат. Таму во меѓувреме имало реорганизација, па тој бил распореден во Секретаријатот за земјоделство и шумарство. Веднаш му дале стан во зградата на Извршниот совет, што се наоѓала до хотелот Бристол. Во неа Мијалков живеел со семејството до земјотресот во 1963, кога оваа зграда се урнала. Потоа се вработил во Фондот за патишта, од каде добил друг стан на улица Пиринска. Правничките работи ги извршувал стручно и совесно, па, по неколку години, во 1967, се вработил во увозно-извозната фирма Макотекс, во правниот сектор.

Подоцна, кога станал министер, оваа фирма во многу наврати во тогашните весници била посочувана како собиралиште на проверени и привилегирани партиски кадри, како и соработници на тајните служби. Оттука авторот на биографијата на Мијалков чувствува потреба веднаш да одговори на овие критики, повикувајќи се на исказ на еден од соработниците на Мијалков во Макотекс, архитектот Ванчо Најденов. Според Најденов, “вработувањето на Јордан во оваа работна организација било неопходно и тоа било диктирано од потребата за високообразовани стручни лица, а не по случајност на познанство”!?

Дали тогаш имало голем дефицит на правници не знаеме, но, дека неговото вработување немало баш никаква врска со “случајност и познанства” демантира еден друг негов другар и близок соработник, Никола Кљусев. Кљусев, во своите сеќавања во истата монографија, вели: “Честопати го посетував (Мијалков) во Макотекс и се заложував кај неговиот директор Аспарух Каневче, инаку мој поранешен студент, за поддршка и унапредување на Јордан”. Подоцна Мијалков ќе биде назначен за директор на правниот сектор, а по неколку години ќе биде испратен за претставник на Макотекс во Чешка, каде ќе остане до 1991 година, но не знаеме колку за тоа биле пресудни “залагањата” на Кљусев!

Дека Кљусев фаќал “врски” за Мијалков, можеби и не е толку чудно, ако се знае дека тие двајца неколку години делеле студентска соба под кирија, а Кљусев во тоа време веќе бил добро етаблиран како професор на економски науки. Но, малку е чудно, па дури и некултурно, некој да го наведе тоа во посмртно сеќавање за својот пријател!? Меѓутоа, дали е тоа сосема случајно? Особено што не е единствен таков пример во оваа книга. Слична работа читаме и во сеќавањата на Љубисав Иванов – Ѕинго за неговото познанство и топло пријателство со Мијалков!

“Моите деловни односи со Макотекс беа многу големи и пријателски, посебно бев во добри односи со генералниот директор на Макотекс. Јордан, знаејќи го ова, во една прилика ме замоли да му предложам на Каневче да го испрати за претставник на Макотекс во Чехословачка. Јас тоа го направив со големо задоволство…” – пишува Ѕинго.

Хм, чудно, веќе двајца пријатели го “офираат” Мијалков како тежок врскаџија, ризикувајќи за својот починат пријател да создадат една прилично непријатна слика, а самите да испаднат индискретни фалбаџии. Особено што никој не очекува од нив да кажуваат такви пикантерии во неговата монографија. Од каде потребата, дури и да е вистина, себеси да си ја припишат “заслугата” дека помогнале Мијалков да се најде во Чешка, како застапник на големата и моќна увозно-извозна фирма? Одговорот можеби лежи во раширеното мислење дека за некој да биде испратен за надворешен претставник на увозно-извозна фирма, во тоа време требало сериозно, ама вистина сериозно, да биде проверен како доверлив човек на партијата, на државата, па оттука и на полицијата. Токму затоа, овој дел од неговата биографија, ова “странствување” во Чешка, најмногу боде очи кај секој читател и фрла сомнеж врз целата животна приказна од неговата “официјална” биографија. Можно ли е овие признанија на Кљусев и Ѕинго да имаат за цел да ги отстранат таквите сомнежи?

Ристовски се обидува да го одбрани Мијалков и од други критики и сомнежи што му се ставале на товар во печатот. На пример, во јавноста се поставувало прашањето, како можело да се случи неговата сопруга да работи во Министерството за внатрешни работи, а неговиот син Сашко да служи во ЈНА во Титовата гарда, ако се знае дека и за овие работи е неопхода перфектно “чиста” биографија, не само сопствена, туку и на своите блиски? Досието за непријателска активност, како што се водело за Мијалков од УДБА, би било непремостлив багаж за во тоа време да се добие вработување во МВР или воен распоред во Титова гарда, забележувале критичарите на Мијалков. На ова Ристовски дава ваква “Одбрана Сократова”:

“За жал, вакви и други неумесни прашања се поставувале и повеќе во нашиот печат, но наше е да кажеме дека во тоа време Јордан Мијалков бил лојален граѓанин на својата земја, без политичка функција. Всушност, тој ја немал таа општествена моќ за да одлучува на кое работно место ќе работи неговата сопруга Милка, ниту да одлучува каде и во кој воен род ќе служат неговите синови во ЈНА. За ова и за друг вид прашања одлучувале тогашните овластени републички служби”, завршен цитат.

Ете! Има ли сега нешто нејасно? Мијалкови немале друг избор. Други одлучувале, а тие одлучиле како што одлучиле!!!

ПРАШКА ПРОЛЕТ ЗА МИЈАЛКОВ

Во Прага Мијалков се чувствувал како риба во вода. Брз, темпераментен и дружељубив, каков што бил, тој таму бргу развил многу познанства. И со македонските иселеници, а и со важни тамошни функционери. Правничката работа ја терал примерно, па бил ценет од тамошните судии и адвокати. Покрај македонците бегалци од Грција, развил познанства и со украински, руски, и чешки семејства. “Каде и да појдеше, наидуваше на отворени врати. Беше повлијателен од повеќето наши дипломати”, се сеќава на тие денови хирургот Александар Ристовски, брат на авторот на монографијата за Мијалков.

Освен тоа, имал убава навика да си ги кани на гости своите пријатели од Македонија да го посетуваат во семејна атмосфера, да им ја покажува Прага, да им приредува пријатни седенки, со песни и со музика. Ги постигнал своите младешки амбиции, материјално се ситуирал, можел и да помага и им помагал на пријателите.

“Јас сега од животот сум задоволен, имам се што не сум имал во помлади години, а со вас се чувствувам како прероден. Затоа вие останете овде колку што сакате”, му рекол Јордан во една прилика на својот другар Анастас Поп Ѓорчев, кој со сопругата го посетил во Прага.

Во туѓина Мијалков можел да си дозволи и повеќе да дојде до израз неговата љубов кон татковината и неговиот патриотизам. Многу читал за револуционерното минато. Во канцеларијата си залепил карта на Македонија во нејзините етнички граници, сосе Пирин и Егеј. На иселениците тоа им се допаднало, па дури им создало впечаток дека во Македонија почнале да дуваат нови ветришта. Еден од нив, Гоче Дробицки од Егејска Македонија, ја преснимил истата карта од канцеларијата на Мијалков, и си тргнал за Скопје. Многу се изненадил кога уште на скопскиот аеродроом картата му била одземена, а тој бил протеран од Македонија! А тоа било дури во 1988 година, само три години пред прогласувањето самостојност на државата!? Испаѓа дека македонскиот патриотизам бил толериран надвор од границите на Македонија, а дома се уште бил прогонуван!?

Нејсе, Мијалков во Прага на своите гости им држел огнени говори за татковината, уверувајќи ги дека идеалите за слободна и независна Македонија кога тогаш ќе се остварат. “Ако ми го распарате моето срце, таму ништо друго нема да најдете, освен буквата “М”, за која јас живеам, бидејќи друга татковина немам”, велел Мијалков, па додавал: “Да умрам пред олтарот на слободната таковина, обична смрт јас не сакам!”. Тоа оставало силен впечаток кај неговите гости од Македонија и кај македонските иселеници во Чешка, па за Мијалков веќе се проширило мислење дека е горлив и искрен македонски патриот!

И на своите домаќини Чеси и на другите познаници во Прага им зборувал често за македонска историја и со тоа привлекувал голем интерес и симпатии. За една таква епизода сведочи и Љубисав Иванов – Ѕинго. Силекс со години ги извезувал своите производи во Чешка, а во 1987 година примил рекламации за квалитетот на една пратка травертински блокови. Ѕинго раскажува како отишол во Прага и побарал помош од Мијалков:

“Чесите не одведоа кај блоковите што беа рекламирани. Јордан прегрна еден блок и почна да го бацува и да зборува: “Мила моја Македонијо, тебе од срце те сакам, за тебе сум подготвен и животот да го дадам”. По лицето му течеа солзи. Чесите беа изненадени и фрапирани. Сето тоа го гледаа со големо изненадување, а јас бев трогнат, бидејќи не го очекував тоа. Набрзо отидовме во канцелариите на фабриката, па тој им зборуваше за Македонија, за судбината на нашиот народ, за неговите маки и страдања низ историјата. Зборуваше за Светите браќа Кирил и Методиј, за нивните ученици кои во Чехословачка ја ширеле писменоста и културата. Чесите ја заборавија рекламацијата и нарачаа нови 2.000 тони травертински блокови” – се присетува Љубисав Иванов, додавајќи дека тоа не било никаков театар, ами сосем искрен изблик на патриотски чувства!

Но, Ѕинго и не би требало да биде толку изненаден, кога, нели, на сличен начин Мијалков го привлекол и неговото внимание, уште кога се запознале во “Макотекс”. Кога во една прилика Мијалков разбрал дека ќе дојде Ѕинго, го замолил директорот Каневче да го запознае, со образложение дека многу слушал и читал за минатото на семејната лоза на Иванови. Открил  дека дедовците на Ѕинго, и по мајчина и по таткова линија, биле комити и се бореле за ослободување на Македонија од турско ропство, а еден загинал како заменик на војводата Атанас Бабата во Видим, село Куклица, Кратовско. Иванов бил мошне пријатно изненаден од ваквото познавање на неговата семејна историја, прифатил да се запозане со Мијалков, и тоа бил почеток на едно многу плодно и, како што видовме, заемно корисно пријателство, кое, преку синовите на Јордан, бездруго трае до ден-денешен!

Така, во предвечерието на распадот на Југославија, Мијалков веќе се етаблирал како исклучително патриотски настроен. Сепак, нема индиции, барем не во неговата биографија, дека пристапил на некој од организираните облици на дејствување за македонската кауза, кои во тоа време постоеле, особено во емиграцијата, и биле на пат да излезат од илегала со формирање на првите политички партии со национален предзнак. Патриотизмот на Мијалков бил јавен и вербален. Многу рано имал расчистено со тоа каква иднина за Македонија посакува – како независна и самостојна држава, и тоа отворено го зборувал. Затоа не е ни чудо што во моментите кога се насетило дека се ближи крајот на југословенската федерација, а Македонија ќе треба да размислува за осамостојување, многу негови пријатели во Македонија, кои во меѓувреме дотуркале до важни позиции во државата, се сетиле на него и на неговите зборови. Дошло времето на Јордан Мијалков и тој бил повикан да се врати дома!

810-811-mijalkov-bokser

 

 

 

 

 

НА РИНГОТ СО СЕТА ХРАБРОСТ

Под наслов “На рингот со сета храброст”, значителен дел од монографијата за Мијалков му е посветен на неговата активност како боксер и спортски работник. Тој активно боксувал уште од 1951 година и бил храбар и издржлив боксер во лесна категорија. Особен успех му било тоа што на еден турнир во Славонски Брод го нокаутирал хрватскиот шампион во својата категорија, иако неговите тренери сакале да го предадат мечот без борба, уверени дека Мијалков нема шанси. Оваа победа многу ја зголемила неговата боксерска репутација, па тој подоцна бил биран на многу важни функции во Боксерскиот сојуз на Македонија. Се покажал како добар организатор и се залагал за популаризација на боксот, за отворање нови клубови и нивно опремување.

Енергично се борел против врвот на Југословенската боксерска федерација, кога Македонскиот сојуз требало да биде исклучен поради слабите резултати и малкуте одржани мечеви. Без Мијалков не можел да се замисли турнир во Македонија, отпрво како боксер, а подоцна и како организатор. Бил вешт и да обезбеди средства и опрема за потребите на клубовите, а подоцна, кога станал успешен, и самиот издвојувал пари за боксот.

Боксот му донел многу познанства на југословенските простори, а и самиот пречекувал гости од боксерските сојузи од Србија, Хрватска, Словенија. Многу се зближил со најпознатиот југословенски боксер Мате Парлов, а во врска со тоа се раскажува и една анегдота. Кога Мате Парлов го победил американскиот боксер Бил Фриман, му се стрчале сите репортери и го прашале што има да и порача на југословенската јавност, Мате, целиот исцрпен, но задоволен, изјавил: “Да ми го поздравите мојот голем пријател Јордан Мијалков од Макотекс, Македонија.

По тој боксерски триумпх, Мате бил поканет да ја посети Македонија, а Боксерскиот сојуз и Мијалков му приредиле величествен пречек. По краток престој во Скопје, Мате и Јордан со 15 мерцедеси заминале за Штип, во резиденцијата на Јордан, која тој ја доградил до старата семејна куќа. Посетата ја финансирале повеќе претпријатија, а Мате на крајот пред новинарите изјавил дека ни во родната Пула не бил подобро пречекан.

Сеќавајќи се на боксерските денови на Мијалков, и неговите први контакти со боксерската вештина, неговиот другар, архитектот Киро Камчев, ни нуди и ваков куриозитет:

„Верувале или не, на Никола Груевски, внук на Јордан Мијалков, уште 20 години пред неговото раѓање му било пишано дека ќе стане боксер!”, додавајќи дека вујкото Јордан, како страствен вљубеник во боксот, не можел на внукот Никола да не му ја всади љубовта кон благородната боксерска вештина.

Да, и би така. Сите денес можеме да видиме, колку благородно делува Груевски во политиката, сфатена како бокс-меч на живот или смрт. Но, тоа не е негова вина, оти ,така му било пишано,!

ПИСМО ОД НЕИСПЛАТЕНИОТ РЕДАКТОР

Новинарот во пензија Мишо Китановски се обрати до нашата редакција со подолго писмо во кое тврди дека тој е првиот рецензент на биографијата “Јордан Мијалков и неговото време”, но за својот редакторски труд не добил никаков надомест од авторот Христо Ристовски. И тоа не било прв пат, зашто Ристовски му останал должен и за редактура на претходното свое дело повестена на селото Граждено. По ова, Китановски му се налутил и не сакал да соработува со него, но му се јавил неговиот брат, хирургот Александар Ристовски од Градската болница, и го замолил да ја прифати редактурата на монографијата на Мијалков, со тоа што ќе му биде надоместено и за неисплатениот труд за претходната книга на Ристовски. Китановски се согласил, ја завршил работата и го предал ракописот, нагласувајќи дека вложил огромен труд коригирајќи го текстот на лошиот пишувач.

“Ниту бев поканет на промоција, како што е редот, ниту добив книга, а за надоместокот се уште чекам. Дека ја зборувам вистината сведоци ми се Господ и членовите на клубот “Незаборав”, Ѓорѓи Доневски, Ахил Петровски, Јане Бендевски и други. На пишувачот Х.Р. нека му служи на чест тоа што го направи”, ни пишува Китановски.

Тој уште вели дека го редактирал само авторскиот дел напишан од Ристовски, а самиот му сугерирал да собере сеќавања од сведоци и пријатели на Мијалков, за делото да добие на тежина.

“Убеден сум дека сеќавањата се вистинската биографија на Ј. Мијалков, а текстот на пишувачот е само скромен придонес кон кажаното од современиците, па оттука тој не треба да се потпишува како автор на книгата” – смета Китановски.

(продолжува)

Поврзани новости