Хорот на гуските

by Фокус 12:44
12:44

fokus-arhiva-1-150x1501Колумната е објавена на 28.12.2012 година во дневниот весник „Фокус“

Пишувал:
Стевчо ЈАКИМОВСКИ

- Advertisements -

Имам неколку прашања до јавноста, само колку да направиме паралела. По еден милениум, Господ ни даде да создадеме држава. Со маки, ама држава по сите нишани. И Англија и Америка (САД) се држави, исто како и Македонија. Во Англија само има кралица, во САД има претседател, но нема премиер. Во Англија парламентот се состои од  Долниот и од Горниот дом т.н. Дом на лордовите.

Во САД е Конгресот под кого рамноправно се Сенатот и Претставничкиот дом. Го гледате Обама како се мачи и направи четири рунди на разговори со неговата опозиција – републиканците, затоа што не му го прифаќаат буџетот за 2013 година? Притоа, од тоа каков ќе биде американскиот буџет, експанзивен или рестриктивен, зависи целата светска економија и акциите на Волстрит.

Прашањево е повеќе до оние вмровчињата што толку пењават и ги оправдуваат постапките на нивното диктаторче и до оние што се думаат. Кој бил во право деновиве, опозицијата или власта?

Може ли Обама на својата опозиција да ѝ каже „Што сакате бе вие? Од нас зависи светот, кои сте вие да го кочите буџетот“ и да си направи исто како овде: „Сакате-сакате, нејќете-нејќете. Ако нејќете „милом, тогаш силом!“ Па да ги повика маринците да ги исфрлат надвор народните избраници од Конгресот.

Или, пак, замислете го Дејвид Камерун да го направи истото со Домот на лордовите, или пратениците во Долниот дом, и да ги исфрли надвор. Незмисливо, научна фантастика нели? Е, сега прашува, кој од оваа држава прави банана-држава? Знае ли јавноста дека Трајко Вељаноски седна на парламентарната говорница, ја почна седницата, а картички за гласање имаа само пратениците од парламентарното мнозинство? Опозицијата не доби картички за гласање.

Значи Трајко Вељаноски уште во старт ги суспендираше народните гласови во Парламентот на 43 пратеници или на 370.000 гласачи во Македонија. И потоа се случи хаосот!

Трајко Вељаноски се покажа дека не е достоен да го води Парламентот. Тој е должен да ја организира седницата на начин на кој што доликува. Забораваат ли вмровчињата во 2004 година во пратениците Силвана Бонева, Сашко Кедев, Ганка Самоилова,Коце Трајановски кога тропаа во Парламентот со лонци и со тенџериња. Но, мирниот, сталожен, културниот и над сѐ, образованиот и прошетан човек проф. д-р Љупчо Јордановски си ја истера седницата без насилство.

Доколку на чело на парламентарната говорница се наоѓаше некој вмровец ќе го стореше истото. Ќе ја повикаше полицијата и ќе ги исфрлеа сосе лонци и тенџериња – надвор. Инаку,  да се знае, прв кој се дрзна на претседател на Собрание да му извади картичка за гласање од спикерфонот, беше токму денешниот премиер Никола Груевски! Заборавате нели? Е ние не забораваме! Да ве потсетам, јас тогаш бев министер, а Груевски пратеник. И оттогаш па до денес, бајаги напредна демократијата – пендрек-демократија!

Ние, но и светот, ќе го запамети овој 24 декември бидејќи овој премиер се однесува гангстерски, големите спектакли за апсења и циркуси ги прави пред Илинден или пред Католички Божиќ. Се сеќавате, и Бучко и Заев беа апсени за Илинден, а Велија за католички Божик. Значи се избираат денови кога странските амбасадори се назад во нивните земји, а светската политичка јавност е во состојба на славење и помирување. Тогаш и папата повикува на мир и на толеранција, па дури и војни запирале тогаш. Само кај нас е обратно.

Тогаш кај нас се тепа, тече крв по улици, глави се кршат. Кај нас тоа се денови на оние со шишани глави, дебели вратови и криминални досиеја, преоблечени во полициски униформи.Тогаш тие се на сцена зашто се безбожници. Тепаа пратеници, тепаа и со пендреци, дури кренаа рака и на поранешниот претседател на Република Македонија.

И тоа токму оние полицајци од Јегуновце, Сараќино и Брвеница, на кои Црвенковски им донесе мир, соживот и им ги врати дечињата во сопствените домови. Заборавиле сé, нели? Тогаш, во 2001 година, ВМРО-ДПМНЕ сакаше да воведе вонредна состојба и Македонија да влезе во граѓанска војна, при што најтешко ќе пројдеше тетовскиот регион. Тие го заборавија тоа, го заборавија доброто, но ние пендрекот никогаш нема да им го забораваме.

Тој 24.12 е прекрасен ден затоа што конечно и народот и светот виде каква брутална власт имаме. Недемократска, неконструктивна, безидејна, насилна, без политичка култура и толеранција и без чувство за дијалог. Дефинитивно се потврди дека Никола Груевски не е премиер, туку властодржец. Ист онаков како што го имаше Тунис, Египет, Либија а сега и Сирија. И таму властодржците на протести одговараа со контрапротести, на народ му спротивставуваа народ и си ги доведоа земјите до граѓанска војна.

Пораката од власта е јасна: Ние одиме до крај и по секоја цена. Власта не ја даваме, ќе ја држиме со мило или со сила. Нам, на опозицијата, ни стана јасно како ден дека оваа власт со избори не се победува. Како што можеа во парламентот да влезат и да ги исфрлат пратениците, да си направат записници и да си усвојат буџет, истото ќе го направат и на изборите. Ќе влезат на гласачките места, ќе удрат по некоја шлаканица на набљудувачите и на избирачките комисии, ќе ги наполнат кутиите, ќе си направат записник и ќе кажат – Победивме!

На крајот Дучето излезе со обраќање до нацијата, самобендисан и заканувачки: Спремен сум за сите сценарија. Малку му беше обраќањето на македонската лажовизија, па поита да ни ја отчита буквицата уште еднаш – кај Бурекчијата. Која држава сме ние? Замислете дека живееме 40 години наназад. Претседателот Тито е во Македонија и треба да направи интервју и оди каде? Оди кај Јанко јади бурек?! Која тежина, политички кредибилитет, кое знаење, кој фактор е Јанко? Само видете му го името на емисијата „Јади бурек, да не јадеш г…а!“

Е таков премиер има Македонија. Тоа е неговото ниво. Нон стоп си се канат едни кај други. Јанко кај Неделко, Неделко кај Јанко, па Латас кај едниот или другиот, или кај двајцата, а Мирка како баба на задушница – секаде! За да не влезат во инцест понекогаш ќе си го викнат и Груевски. Ова недела и Силванева Бонева, Владанка Авиривиќ, Влатко Ѓорчев и Благородна Дулиќ, гракаа два часа како три гуски во магла заедно со еден гусан. Толку ми наликуваа на „Хорот на гуските“!

Поврзани новости