Вмровецот Јордан Мијалков цел живот докажувал дека е примерен комунист?!

by fokus 15:59
15:59

Текстот е објавен на 24. 12.2010 во неделникот „Фокус“ 

arhiva

Пишува

- Advertisements -

Жарко ЈОРДАНОСКИ

 

Книгата „Јордан Мијалков и неговото време” од историчарот Христо Ристовски го прикажува првиот министер за внатрешни работи на самостојна Македонија како огнен приврзаник на идеите на ВМРО уште од најраните, средношколски денови. Авторот прави усилби да не увери дека вмровштината и патриотскиот набој останале негов “модус вивенди”, главна движечка сила во текот на целиот негов живот. Сепак, фактите не говорат така. Читателот не може да се оттргне од впечатокот дека членувањето на Мијалков во тнр. ВМРО-ПРАВДА била само една изолирана младешка епизода. Сигурно искрена и возвишена, но без подлабока мотивирачка сила во подоцнежниот живот. Едноставно, неговата рано почната револуционерна дејност, рано и завршила. Била пресечена од масовната акција на озлогласената УДБА против вмровски настроените младинци во повеќе градови, која Мијалков под среќни околности ја избегнал. Или, можеби ја избегнал токму затоа што не бил длабоко загазен во конспиративната дејност?

Оттогаш натаму неговиот политички активизам на македонска национална линија губи секаков организиран облик, исчезнува од неговата лична агенда. Останал само белегот, кој Мијалков се трудел повеќе или помалку успешно да го отстрани од себеси. Може да се претпостави дека патриотскиот жар се повлекол во интимата на Мијалков, за да се врати на сцена дури во крајот на осумдесеттите и почекот на деведесеттите, кога почнува да се наѕира распадот на Југославија и осамостојувањето на Македонија. Ова не се вклопува сосем во претставата за патриот, кој целиот живот го посветил на каузата, во каков што треба да биде “исклесан” Мијалков во оваа книга-споменик, нарачка од сестрата Наде Груевска. Токму затоа, авторот се обидува молчешкум да ја премости оваа временска провалија во активизмот на Мијалков и не остава сами да си ја објасниме со познатата формулација, дека “такво било времето”!?

_tom2201

ДА БИДАМ ПРВ МЕЃУ ПРВИТЕ!

Работите стануваат појасни ако непристрасно се погледне животниот тек на Мијалков, неговиот психолошки профил и неговите размислувања, како што се изложени дури и во оваа биографијата, која не се оптоварува премногу со објективност. На многу места станува јасно дека личната амбиција, а не идеолошката и националната борба, била доминантна движечка сила на Мијалков во текот на целиот негов живот. Некогаш за своите амбиции рамислува депресивно и конформистички, како во оваа белешка во својот дневник: “Каков треба да бидам јас за во ова општество да вредам?”. Друг пат, пак, полетно и амбициозно: “Напред со пресни јаки сили, да стекнам знаења во идниот живот, да бидам прв меѓу први. До последна капка крв ќе се борам и мора да победам. Тоа е мојата оформена идеја”. Но, секогаш личното е во преден план!

Во неговиот дневник многу ретко се спомнува неговата илегална активност или неговите размислувања за Македонија. За неговите конспиративни денови дознаваме најмногу од сеќавањата на неговите другари Ѓорѓи Доцев Бонев и Ѓорѓи Наумов. Дали бил премногу конспиративен, па внимавал што внесува во интимниот дневник? На едно место патемно спомнува дека некој негов другар Благоја Ефтимов – Босето е затворен за идеите на ВМРО. “На овие настани Јордан гледал рамнодушно, бидејќи бил немоќен да му помогне на својот другар” – лаконски ни објаснува неговиот биограф Ристовски.

Некаде се чувствува дека тоа што бил жигосан како вмровец му пречело на Мијалков во остварувањето на неговите лични амбиции. На едно место, прераскажувајќи една средба со свои поднапиени пријатели, со доза на лутина Мијалков забележува дека еден негов другар, Павле Петрајката од Штип, “…јавно пред сите ми рече дека јас сум бил ВМРО од одавна, а сега не знајал каков сум бил!”. Зошто еден вмровец би бил навреден ако така некој го нарече, и тоа јавно? Затоа што во тој амбиент, тоа било рамно на компромитација, а Мијалков таква компромитација не прифаќал. За него било важно таа “дамка” од своето младешко минато да ја испере!

Неговиот другар од детството, Ѓорѓи Наумов, кој делел слична судбина и е главен сведок за револуционерната активност на Мијалков, раскажува дека поради таа стигма тие двајца често имале непријатности. Во една прилика, како средношколци, кога се организирала еднодневна екскурзија за Дојран, на Наумов, Мијалков и на нивниот другар и подоцнежен соработник Тодор Аџисанков, им било наредено да се симнат од камионот со кој требало да се оди на екскурзија, затоа што немале платено. “Нели, вие знаете зошто младинската организација за вас не плаќа. А сега, да ве нема одовде”, им рекол наводно претседателот на младинскиот градски комитет Наќе Атанасов на тројцата другари.

Наумов, во своите сеќавања за Мијалков, уште раскажува дека нивната мала група била постојано следена од кодоши, па дури, (спротивно на сегашниот закон за лустрација), еден од нив наведува по име – извесен Сабри, механичарот. За да ги оттрнат ваквите сомнежи, вмровски настроените другари се служеле со разни лукавства. Учествувале на мирните протести што ги организирала тогашната југословенска власт како поддршка за својата политика кон Италија. На митинзите, раскажува Наумов, се извикувало – “Животот го даваме, Трст не го даваме!”. Арно ама, младите и итри вмровци во метежот извикувале – “Животот го даваме, Солун не го даваме!”. За ова биле прекорени од своите соученици, но, на тоа се завршило се!

untitled-5
УДБА ПОПУСТО ВРБУВА

 

Наумов, исто така не информира дека злогласната УДБА се обидела да го врбува Мијалков. Се разбира – неуспешно. Шефот на УДБА во Штип Перо Самарџиски го повикал Мијалков на разговор и се обидел “со добро” да го придобие да работи за службата, “…но Јордан го одби и никогаш ваква работа не прифати”, сигурен е Наумов, кој во тоа време интензивно другарувал со Мијалков.

Како што е познато, типичен метод на функционирање на тајните служби во авторитарните режими е да го “негуваат” чувството на вина кај своите граѓани и на тој начин поефикасно да ги контролираат, а во даден момент да ги принудат на соработка. Но, како што гледаме, кај Мијалков тоа не “упалило”. Инаку, во целата книга врие од примери од кои можеме да се осведочиме дека УДБА, иако озлогласена, е една сосема неефикасна, неспособна, речиси дилетантска организација, која никако не може да се справи со младите дисиденти како Мијалков или Наумов. Тоа ќе мора по оваа книга да го прифатиме како непобитен факт!

Белегот дека е провмровски младинец веројатно бил причина младиот Мијалков да се откаже од својата намера да се запише во Воената школа во Загреб. За оваа идеја самиот пишува во дневникот, жалејќи се дека не смее никому да му ја соопшти, зашто не им верува ниту на најблиските другари. Биографот, пак, Ристовски, со оваа амбиција на младиот Мијалков воопшто не се занимава, само патем ја напоменува!?

Самата желба да се запише во воена школа не ја очекуваме кај човек кој, според сведочењето на неговиот познаник Ѓорѓи Доцев, (види рамка) речиси учествувал во подготовки за оружено востание против Југославија!!!

Желбата да се ослободи од незгодната етикета го натерала Мијалков, а и неговите најблиски другари, да се пријавуваат на работни акции, кои во тоа време биле масовни и популарни. Меѓу другото и како прилика за забава и патување во тоа скудно време. Покрај тоа, биле уверени тие, работните акции ќе послужат како крунски доказ дека се правоверни напредни комунистички младинци, а не некакви националисти за какви што ги сметаат, и поради што доживуваат сопки. И тоа го сфаќале многу сериозно, како влезница за полноправно членство во општеството. “Јас ќе докажам дека сум достоен да одам на градилиште, враќање назад нема” – запишал Мијалков во својот дневник!?

 

ОД САБОТЕР ДО УДАРНИК

 

Мијалков учествувал на три работни акции – Маврово 1948, Нов Белград 1949 и на автопатот Братство – Единство, во јули 1950 година, кај местото Врхово Поље во Хрватска. На овие акции дал се од себе да се истакне, да стане бригадир, да биде прогласен за ударник. Притоа не жалел ни атом од својата физичка сила за да се докаже, што може да се види и од овие негови записи во дневникот.

“Ќе умрам или ќе победам”, тоа бева мои зборои изречувани во најтешките моменти на работа, кога веќе се осеќав исцрпен и малаксал. Но, иако бев таков јас јуришав со количката како борец на бункер. Јас го сето това напраив да докажам дека сум Јаран, а не како што ме мислат така да се изразам “неваљаштина”. Веднага после мојто прогласување за Ударник некој гледа со друго око благо и некој блиски другари со завидливо намќорско око зошто јас така брзо да напреднам, но нека ги тие ќе видат и ќе се уверат”!

Иако претходно го опишува како бунтовник, на градилиштето испливува една друга страна на младиот Мијалков – ортодоксно комунистичка!?

“Додека ние се мачиме со работењето, некој од нашата шесторка протестира бидејќи му е малку леб.” Оваа противречност со неговото средношколско бунтовништво по социјална линија, неговиот биограф Ристовски ја разрешува нарекувајќи ја “неважна детска критика”, изречена “во определен временски момент”!?

За да илустрира дека младиот Мијалков не бил националист и не ги делел луѓето по етничка основа, што веројатно е комплимент, но не се вклопува баш во генералната слика за борец за национална кауза, авторот наведува колку Мијалков бил трогнат од еден Србин, кој работел во кујната и на македонските бригадири им давал овошје колку што ќе посакаат: “Тој е прекрасен човек, јас не знам како ќе се разделиме од него”!

Како што е нормално за секој бригадир, но не и за бригадир со антидржавни идеали, младиот Мијалков со гордост ја кревал југословенската тробојка на јарбол, ги пеел комунистичките маршеви и песни, извикувал пароли за Партијата и за Другарот Тито!?

За да не испадне дека во овој многу важен младешки период кај Мијалков нема ниту трага од неговото дисидентство, авторот укажува на една негова белешка, каде што тој со огорченост зборува за “гнилата буржоазија”, и се заветува дека ќе му служи на својот народ, и “ако треба за тоа ќе го даде и својот живот”. Но, тоа повеќе заличува како жар на еден млад комунист, отколку на ,реакционерен дисидент,. Во прилог на тоа одат и други негови цитати, кои, колку и да се исцепкани и извлечени од контекст, јасно го исцртуваат вистинскиот Мијалков и неговиот начин на размислување. На пример, за еден друг Македонец, извесен Благоја Тунтарот од Ново Село, кого го запознал на работната акција, Јордан со жар пишува: “Тоа е добар човек и исправен комунист! Сега е исклучен од партијата, но очекува да биде вратен.”!?

Исто така, Мијалков болно ги доживувал озборувањата дека “тој отсекогаш отстапувал од линијата на Партијата, а таа ваму го наградува како ударник”. “Јас од тие продадени души сум наречен саботер”, се жали Мијалков во својот дневник!

 

ЗА ТАТКОВИНАТА – ВИСТИНСКА!

 

За да се прекрие овој премногу видлив конформизам на младиот бригадир Мијалков, авторот на монографијата го употребува писмото што Јордан го добива од својата мајка Благородна, Во него таа му пишува дека е горда што станал ударник, но го очекува брзо да се врати дома, бидејќи “добро ќе биде ти со твојот труд и работа да му служиш на вистинскиот наш народ, бидејќи не смееш да заборавиш дека нему му припаѓаш и многу му должиш, затоа гледај што поскоро да си дојдеш дома”.

Во ова мајчинско писмо, биографот се обидува да види јасни политички инструкции за младиот Јордан, небаре мајка му ја поттикнува неговата антидржавна кауза, а дома само што не избило востание за отцепување на Македонија од Југославија!

Авторот не остава да се мислиме на кој тоа “вистински наш народ” таа мисли, под претпоставка дека ќе сфатиме дека е тоа напатениот македонски народ, а не некој таму југословенски, за кого, сосем неосновано рмбачи Јордан!

Таа дилема не се разјаснува, но затоа Јордан е во многу тешка психолошка ситуација. Во него се кршат тешки етички принципи, што се гледа од следните зборови на неговиот биограф: “Таа ноќ Јордан ја минал најтешко, се чувствувал уморен, па се обидувал да заспие, а воедно повторувајќи ги мајчините зборови. Така, од тој ден, тој настојувал што поскоро да се врати кај своите во Штип, со цел да ја насочи својата енергија за изградба на неговата вистинска татковина”!?

И, ја насочил, односно – брзо се вратил во Штип, каде како ударник бил пречекан од своите другарчиња, кои на рамо го носеле низ чаршија, прославиле весело, со свирки, тапани и “штипски џез”, како што не информира Ристовски. Своите искуства Мијалков ги сумирал во својот дневник. Работната акција многу полезно се одразила врз карактерот на нашиот јунак, а богами и врз неговиот ракопис. Кога се вратил, со голема доза на самоувереност и со далеку почитки букви во својот дневник запишал:

“Едномесечниот живот од градбата Автопатот Братство – единство. Отидов со нејасни појмои, вратив се со искристалисани расчистени прашања од областа на идејата и животот. Градбата е голема школа која што се богати младиот човек со искуство, кој му послужуват во идниот живот. Јас учествував на три акции”!

По една таква сатисфакција, само десетина дена подоцна, како што не информира хроничарот Ристовски, младиот и заслужен ударник Јордан Мијалков, повторно доживува шок: “Сосем случајно го открива својот псевдоним, со кој властите го воделе како неподобен за тогашните политички прилики во ФНРЈ”!

Дали тоа значи дека целиот план на Мијалков – дека како ударник ќе биде ослободен од сенката на дисидентството, се покажал неуспешен? За “службите” изгледа не био доволно што Мијалков на работните акции се покажал како добар “омладинац”, вреден работник и добар другар!

 

НА МАКИТЕ ИМ СЕ ГЛЕДА КРАЈОТ

 

Значи, сеништето на ВМРО повторно надвиснувало над Мијалков и неговите маки продолжиле. За тоа ни сведочи неговиот долгогодишен другар Ѓорѓи Наумов. Кога и двајцата се запишале на штотуку отворениот правен факултет во Скопје, а немале доволно пари за да студираат, се обратиле кај претседателот на штипската општина Ристо Кадифаков, со барање да добијат стипендија.

“За вас, за вас нема ниту помош ниту стипендии, бидејќи вие работите против сопствената држава. Ај, ај сега марш одовде” – се сеќава Наумов на зборовите на тогашниот штипски градоначалник.

Слично, иако не толку грубо, им одговорил претседателот на извршниот совет, односно на тогашната македонска влада, Љупчо Арсов, кај кого Мијалоков и двајца негови другари отишле да фаќаат врски за стипендии, по штипска линија. “Што сакате вие од мене, ако немате пари не мора да студирате. Ај сега, одете си дома” – им одговорил отсечно премиерот, штипјанец.

И покрај тоа, Мијалков бил решен да студира. Летото максимално го искористил да се опушти со песни, ора и танцови по летните бавчи и серенади под штипските прозори. Тогаш ја зацврстил и својата љубовна врска со Милка Андонова, која подоцна ќе му стане сопруга.

Дури на почетокот на ноември тргнал за Скопје со неколку тегли мармалад, и се сместил под кирија во куќа зад градежниот факултет, заедно со цимерот Киро Божинов, а подоцна во таа куќа им се придружил и Никола Кљусев. Живееле во сиромаштија, спиеле на сламени душеци, често гладувале, а во саботите и неделите оделе кај роднините во Скопје на ручек. Сепак, успевале редовно да ја следат наставата, а учебници и скрипти позајмувале од постарите колеги. Во Скопје Јордан често го посетувале мајка му Благородна и девојката Милка. Мајка му многу силно го поттикнувала да учи, зашто само така нивното семејство можело да се извлече од се поголемата сиромаштија. Јордан за секој празник се враќал во Штип, и весело се забавувал со другарите.

Но, за новата 1952 година го чекал уште еден удар – неговиот татко Михајло паднал тешко болен. Со тоа на семејството му се заканувала уште поголема сиромаштија, па Јордан сериозно размислувал да се откаже од студирањето. На тоа неговите родители енергично се спротиставиле. Тој, се разбира попуштил.

Иако, надворешно гледано, нештата изгледале полоши од кога било, работите за Јордан Мијалков почнале полека но сигурно да се менуваат кон подобро. Како судбината да решила да го награди за дотогашните маки.

За тоа постоеле повеќе знаци. Како што ни раскажува неговиот другар Ѓорѓи Наумов, Јордан во Скопје често го посетувале мајка му и идната сопруга. Во една прилика Милка му се доверила дека еден нејзин професор и понудил да ја подучува за да добие повисока оценка по неговиот предмет. Јордан, кој знаел што значи тоа во превод, нормално, збеснал. Веднаш тргнал за Штип, и како што вели Наумов, “случајно го здогледал професорот и физички се пресметал со него”. Интересно е што по овој немил настан, Јордан од штипскиот суд бил казнет само условно!?

За “дивно” чудо, без казна поминала и една негова симпатична палавост, што ја направил во Скопје. Еден ден без особен повод, пишува Наумов, Јордан му закачил конзерва на службеното возило на републичкиот функционер Димче Беловски. Овој сосем легитимен анархистички облик на студентски отпор, бил пријавен и истражуван од Државната служба за безбедност. Јордан бил откриен, а делото било оквалификувано како намерна диверзија врз државен службеник. Но, за среќа, и овој случај поминал без казна, раскажува Наумов.

Дека добрата среќа почнала да му дува во едрата на Мијалков станало сосема јасно веќе во втората година на студиите. Јордан и неговиот другар Аџисанков, забележале дека Државниот сектор за стопанство на Македонија, што би се рекло по денешно – Министерството за економија, распишало конкурс за доделување стипендии, па и двајцата студенти се пријавиле на него. По кратко време се известени дека барањето им е одобрено, и тоа токму во критичен момент за финансиски изнемоштеното семејство Мијалкови!?

“Определената стипендија била солидна и месечно изнесувала 600 динари. Така Јордан ги продолжил студиите без многу грижи”, не информира авторот на монографијата.

Државниот секретаријат за стопанство ќе биде и неговото прво вработување, откако Мијалков со успех ќе дипломира во 1955 година, што веројатно било дел од неговиот договор за стипендирање. Но, претходно Јордан Мијалков ќе мора да го помине воениот рок во Школата за резервни офицери во Билеќа.

ШРО Билеќа, пак, од каде се излегувало со официрски чин во ЈНА, било малку нетипично место за распоредување на регрут кого го сметаат за дисидент и за кој се води досие во тајните служби. Но, како што видовме ем се уверивме, судбината на Мијалков во тој период му била наклонета, а УДБА била прилично конфузна организација!!!

КОДОШ ЈА СПАСИЛ ЈУГОСЛАВИЈА – ОД ВОСТАНИЕТО НА ВМРО-ПРАВДА!?

Во своите сеќавања Ѓорѓи Доцев – Бонев ја раскажува “иницијацијата” на младиот Мијалков. Во штипската црква Света Богородица се среќавале четворица младинци, кај клисарот Васил Ефтимов, стар вмровец, а по неколку средби ја положиле познатата заклетва. Оттука натаму почнала нивната дејност во ВМРО-ПРАВДА, која се состоела од читање забранети книги, ширење на идеите на ВМРО, па се до подготвување вооружено востание!

Според Бонев, во 1950 година таа ги достигнала следните размери:

“Мојата група броеше околу 40 членови. Бевме подготвени да дигнеме општ бунт или востание против југословенскиот и комунистичкиот режим, а по победата да ја продолжиме нашата борба и во другите делови на Македонија”.

За таа цел идните востаници имале намера да ја изучуваат воената вештина на планината Плачковица. Последниот нивни состанок се одржал на 18 мај 1950 година и на него било договорено Бонев и една група од петмина да замине на “обука” на кај местото Чаталот, на спомнатата планина. Не е наведено дали Јордан присуствувал на тој состанок или бил во неговата група. Само една недела подоцна уследила големата акција на УДБА, во која неколку младинци биле уапсени за време на состанок во подрумот на штипската гимназија. Потоа уследиле и други апсења, а биле изречени и девет пресуди, така што ВМРО-ПРАВДА била разбиена. Можно е планот за востание на оваа организација да бил прокажан и осуетен!

Интересно е што Ѓорги Наумов, кој исто така зборува за патриотските почетоци на Мијалков, за разлика од Бонев, никаде не ја спомнува фамозната ВМРО-ПРАВДА, ами постојано зборува за идеите на ВМРО. Што е уште почудно, никаде не спомнува планови за оружено востание, ниту пак за акцијата на апсење на активистите на ВМРО-ПРАВДА. Тој на едно место дури вели дека Мијалков во 1950 година, се обидел да се зачлени во Штипскиот разгранок на ВМРО, преку локалниот организатор Лазо Руков, но во тоа не успеал бидејќи бил многу млад!

Тоа објаснува зошто Мијалков куртулил од апсењата, но се коси со тврдењата на Бонев дека тој бил полноправен член и силен активист на ВМРО-ПРАВДА!

rijeka7„РАСИПАНАТА“, РИЈЕКА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОПИШЕ!?

За Мијалков силен шок и големо искуство била екскурзијата низ Југославија, која традиционално се организирала за завршните класови, а историчарот Ристоски ја опишува до најситни детали. Освен што се загубил во Загреб, и првпат го видел морето, Мијалков бил згрозен од лесниот морал на приморските девојки, кои имале обичај да се бакнуваат на улица, а и носеле провокативни фустанчиња.

“Во Риека видовме многу добри, а и многу расипани работи, мажи како пеат, жени разголени, а други пак на улица трговија бркаат. Овде се случуваат и други работи кои јас не можам да ги замислам, а камо ли да ги опишам” -пишува Мијалков, заклучувјаќи дека “овој народ многу послободно живее”. Тоа не му се видело право, споредено со животот во Македонија.

Оваа згрозеност од бркањето трговија на улица звучи чудно, ако се знае дека токму за време на оваа екскурзија, Мијалков во Загреб на црно продал кафе и заработил 800 тогашни динари. Неговиот биограф побрзува да не информира дека “се разбира, така правеле и другите ученици за да дојдат до некој потребен динар”!?

Но, теоретски, тој сепак бил огорчен од сивата економија и капитализмот.

“Ни велат дека кај нас се гради демократско и хумано општество, а овде цути толку многу несаканиот капитализам, бидејќи слободно се тргува и зборува. Нели сме една држава”.

Шокот на Јордан бил уште поголем кога во купето се запознал со некој Хрват кој отворено зборувал дека југословенските власти се ненародни и корумпирани. И, додека неговите другари биле преплашени и му советувале да не зборува со пијаниот Хрват, Јордан сепак бил похрабар, го слушал и се прашувал подоцна во дневникот: “Сега, на кого да верувам?”.

Подоцна Мијалков и самиот ќе испроба некои од овие “расипани” работи со кои се соочил во Риека. Како што не известува Ристовски, меѓу првите во Штип јавно ќе ја води за рака својата девојка за подоцна и сопруга Милка. Исто така, на работна акција, како што читаме во сеќавањата на неговиот другар Наумов, Мијалков ќе биде фатен како се бакнува со неговата соученичка Маре Неткова. За ова Мијалков и штипската бригада дури биле јавно укорени и казнети. Тоа предизвикало бунт во бригадата, па казната била повлечена!

(продолжува)

 

 

Поврзани новости