Партиски функционери и донатори ќе управуваат со јавните претпријатија во Скопје  

by irena 11:30
11:30

Советниците од мнозинството во Советот на Град Скопје ги изгласаа новите предлози за членови на Управните и Надзорните одбори, а на листите речиси ништо не е сменето. Изгласани се речиси истите партиски членови, донатори и роднини на политичари, кои претходно ја добија довербата на Советот, вршејќи ја функцијата в.д. шест месеци.

 

 

 Текстот е објавен на 3 септември 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.613

Пишувал: Орце КОСТОВ

Град Скопје го изгласа новиот ребаланс на буџетот зголемен за дополнителни 1 милион евра, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, по последната седница на Советот, рече тоа е резултат на „остварените заштеди, финансиската дисциплина и кратењето на непродуктивните трошоци“.

Тој објави дека се намалени и вкупните обврски на јавните претпријатија, културните установи и средните училишта за околу 60 милиони евра по основа на кредити, неисплатени експропријации, изгубени судски постапки со камати и судски трошоци, неисплатени субвенции и преземени програмски активности.

–Обврските се значително намалени во сите јавни претпријатија:  „Водовод и канализација“ за 1,66 милијарди денари, ЈСП „Скопје“ за 634,9 милиони денари, „Комунална хигиена“ за 122 милиони денари,  „Паркови и зеленило“ за 113,9 милиони денари, „Градски паркинг“ за 52,9 милиони денари, „Улици и патишта“ за 31,9 милиони денари.   Половина од културните установи се целосно раздолжени, а кај останатите обврските се значително намалени, објави Ѓорѓиевски.

Овие заштеди тешко дека се остварени како последица на кратењето на бројот на членови на Управните одбори на скопските јавни претпријатија, но можеби се резултат на работењето на в.д. членовите и претседателите на највисоките тела на овие претпријатија, кои беа предложени од градоначалникот пред шест месеци.

–МКЦ ги намали обврските за 7,6 милиони денари, а обезбедени се средства за Планетариумот, киното „Милениум“ и е-спорт центарот. Зоолошката градина ги намали обврските за околу пет милиони денари, а Градската библиотека за 2,5 милиони, со дополнително намалување од 2,5 милиони денари до крајот на годината. Зад нас е и најдобриот втор квартал според реализацијата на капиталните проекти. Тоа го постигнавме и покрај наследената задолженост од речиси 300 милиони евра и девастираните јавни претпријатија, соопшти Ѓорѓиевски.

Интересно, на толку пофалби за најдобриот втор квартал, Ѓорѓиевски не најде простор и време да ги објави имињата на штотуку избраните членови на Управните и Надзорните одбори на јавните претпријатија, како и културни установи кои се формирани од Советот на Град Скопје. Иако, ако се гледа неговиот извештај за заштедите, вршителите на должноста работеле ептен добро, па затоа и добија нов четиригодишен мандат на својата функција со можност за продолжување на дополнителни четири години.

ПАРТИСКИ ДОНАТОРИ И РОДНИНИ

Доцна во понеделникот навечер, советниците од мнозинството ги изгласаа новите предлози за членови на Управните и Надзорните одбори, а на листите речиси ништо не е сменето. Изгласани се скоро истите луѓе кои ја добија довербата на Советот за вршители на должноста, сега нивниот работен однос е трансформиран во редовен без „в.д.“ пред нивното име.

Овие функционери ќе добиваат надоместок само тогаш кога ќе се одржи седница.

И покрај намалувањето на месечниот надоместок од 2.000 денари (од 12 илјади на 10 илјади денари) за претседател и член  (од 10 на 8 илјади денари), сепак, овие  членови се голем финансиски товар врз претпријатијата формирани од Советот на Град Скопје.

Изборот на новите членови во управните тела на 22 јавни претпријатија и установи во Градот Скопје ги скара власта и опозицијата, која обвини дека продолжува праксата на поставување партиски луѓе во управните и надзорните одбори, без да се знаат нивните биографии и компетенции.

Според имињата на новите членови на управните и надзорните одбори, може да се заклучи дека тврдењата на опозициските советници, дека се работи главно за партиски членови кои имаат богатата партиска биографија, се точни.

Во управниот одбор на ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе членуваат досегашните в.д. членови Антонио Конески, Христина Јованоска, Сашо Ѓуровски, Соња Ѓелевска-Шетловска, Александар Илиќ и Марија Рошковска, како и новиот член Ќемал Муслиу кој доаѓа на местото на Арсим Мамути.

Една од нив, Соња Ѓелевска-Шетловска е вработена како советник за сметководствени работи во Министерството за финансии и е партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ, која пред победата на парламентарните избори во 2024 донирала 40.000 денари за кампањата на својата партија. Претходно во нејзината кариера, со одлука на Град Скопје, беше именувана и за член на Надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење во ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.

„Успешниот тим“ на ЈП Водоводот и канализација Скопје не се менува, па претставката в.д. им се избриша на истите членови на Управниот одбор кои сега добија четиригодишен мандат: Милена Крстева, Сабедин Ибраини, Антон Петков, Јован Карчовски, Валентина Кузевска, Гоце Цветковски и Стефани Митревска.

Членот на Управниот одбор, Јован Карчовски е дел од Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е еден од поголемите донатори на партијата. На 11 март 2024 година пред парламентарните избори Карчовски донирал 180.000 денари или 3.000 евра.

Управниот одбор на ЈП Паркови и зеленило – Скопје го сочинуваат Пане Антовски, Александар Шулев, Бранкица Голев, Александар Тишовски, Цветанка Игнева Миќев,  Омер Ибраими и Весна Божиновска Јовчевски.

Во овој одбор остана да раководи Александар Шулев чие име може да се најде на списоците на партиски донатори кои ВМРО-ДПМНЕ ги има објавено на својата официјална страница. Тој е сопруг на поранешната заменик-претседателка на ДКСК, Билјана Каракашова.

Членот на УО, Пане Антовски, бил кандидат за советничката листа на 31 место, но не влегол во Советот на Град Скопје и сега е награден со управувачко место во ЈП Паркови и зеленило-Скопје. Тој претходно беше координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Аеродром.

И членот на УО на ЈП Паркови и зеленило, Александар Тишовски е регистриран како донатор на ВМРО-ДПМНЕ за кампањата во 2016 година кога издвоил 26.000 денари.

За  членови на управниот одбор на ЈП Улици и патишта – Скопје се именуваат истите членови кои ја вршеа привремената функција, а сега добија четиригодишен мандат: Оливер Стојановски, Александар Георгиевски, Бобан Стојановски, Мевљун Азиси, Драгољуб Ристовски, Антонио Тошев и Милан Андоновски.

Од овие членови најпознато е името на Милан Андоновски. Тој работи во Директоратот за правни работи во Министерството за одбрана, а во 2013 година бил претседател на Советот на Општина Гази Баба.

Антонио Тошев, пак, бил дел од Управниот одбор на Градски паркинг во 2024 година.

Место во УО доби и Драгољуб Ристовски од Социјалистичката партија на Македонија. Тој на почетокот на оваа година беше повторно избран за претседател на општинската организација Ѓорче Петров.

За членови на управниот одбор на ЈП ЈСП Скопје – Скопје се именуваат: Кире Јаневски, Горан Антовски, Сања Симоновска Богоројческа, Златко Јанковски, Слаѓан Спасовски, Јадранка Тодорова, Садат Ќазими.

Бројката од шест членови сега е зголемена на седум, а освен Слаѓан Спасовски, останатите се истите функционери кои го раководеа претпријатието во последните шест месеци.

Златко Јанковски е бивш советник на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и вработен во министерството за евроинтеграции, а бил и портпарол на министерството за култура.

Со Јавното претпријатие Градски паркинг-Скопје ќе раководат досегашните членови на Управниот одбор: Маријан Спасески, Ивана Петковска Џинговска, Нико Николоски, Ридван Мемеди, Боби Наумовски, Зоран Стојановски и Дејан Стојановиќ.

Марјан Спасески е поранешен директор на Агенцијата за млади и спорт во периодот од 2014 до 2017 година и во негово време беа изградени спортските сали и тениските терени со кои се фалеше Никола Груевски, а бил и раководител на сектор во Општина Кисела Вода.

Ивана Петковска Џинговска е советник на министерот за земјоделство во одделението Кабинет на министерот – Сектор за координација и техничка помош.

Членот на УО, Дејан Стојановиќ е претседател на општинската организација на СПМ во Аеродром.

Во Управниот одбор на ЈП Лајка – Скопје во следните четири години ќе седат: Стојанче Донев, Дејан Хаџи Крстески, Јулијана Златкоска, Емилија Ѓореска, Игор Кралевски, Јусуф Муртезан и Љубомир Андревски. Дејан Хаџи Крстески доаѓа на местото на Виктор Груев, а останатите членови беа и вршители на должноста.

Јулијана Златкоска била претседател на Управниот одбор на ЈП Паркови и зеленило, а Игор Кралевски, бившиот фудбалски репрезентативец е активен во Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

За членови на управниот одбор на ЈП Депонија Дрисла-Скопје се именуваат Тони Петрески, Татјана Гогоска,  Маријана Ѓорѓиевска, Катерина Лазареска, Иван Цветановски, Даниел Ковачев, Нехат Османовски. Освен Тони Петрески кој е предложен како дополнителен седми член на УО, останатите и досега ја вршеа функцијата членови на УО на Дрисла.

Една од нив, Катерина Лазареска беше кандидат за советник во општина Кисела Вода на Движење ЗНАМ. Во 2024 година беше кандидат за пратеник во ИЕ1. Работи како референт за аеродромска безбедност во секторот за управување со безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје.

НАДЗОРНИ ОДБОРИ

За членови на надзорниот одбор за контрола на мaтеријално- финансиското работење на ЈП Комунална хигиена-Скопје, се именуваат Марин Дуковски и Амра Џуџевиќ и Михаил Малахов.

Малахов е најзвучно име во надзорот на ова претпријатие затоа што бил и директор на ЈП „Јасен“ во периодот од 2011–2017 година.

За членови на надзорниот одбор за контрола на мaтеријално- финансиското работење на ЈП Водовод и канализација-Скопје, се именувани Никола Нестеровски, Ленче Николовска Петровиќ и Александар Стојчев кои и досега беа надзорен орган во ова претпријатие.

Несторовски претходно бил член на Надзорниот одбор на ЈП Водовод и канализација, а според официјалните податоци на 25.01.2024 година донирал 50.000 денари во својата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Старо нови членови на надзорниот одбор во JП Паркови и зеленило-Скопје ќе бидат Нури Бакиу, Љупка  Пејковска-Мирчевска и Горјан Донев кој бил генерален секретар на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

За членови на надзорниот одбор на ЈП Улици и патишта-Скопје, се именуваат: Кети Стојановска и Авни Јусуфов, а отпадна Дејан Митровски.

Не се променети ниту членовите на надзорниот одбор на ЈП JСП Скопје-Скопје кои ги именува и разрешува Советот на Град Скопје. Габриела Мицевска, Ангела Тарчуговска Латиновска и Насер Амети. Ангела Тарчуговска Латиновска претходно беше дел од Надзорниот одбор на ЈП Комунална хигиена Скопје.

Контрола врз работењето на ЈП Градски паркинг- Скопје, ќе вршат членовите на Надзорниот одбор се именуваат: Тони Костовски, Бранко Лазаревски и Ваљон Ибраими.

Контрола врз раборење на ЈП  – Скопје, ќе вршат досегашните членови на НО: Елдиса Зуковиќ, Анета Антевска Јордановска и Александар Стојчески.

За вршители на должноста членови на надзорниот одбор за контрола на мaтеријално- финансиското работење на ЈП Депонија Дрисла – Скопје, се именуваат: Слаѓана Бошковска, Влатко Поповски и Лазар Банов.

Банов и претходно беше член на НО на ЈП Дрисла, а во 2024 година пред парламентарните избори донирал 35.000 денари на ВМРО-ДПМНЕ.

КУМАШИНКАТА НА ПРЕМИЕРОТ НЕ ДОБИ ДОВЕРБА

Одлуки во ЈП Паркови и зеленило повеќе нема да носи носи кумашинката на премиерот Христијан Мицкоски, Цветанка Игнева-Миќев. Таа е еден од донаторите во ВМРО-ДПМНЕ. Во 2019 година донирала 29.000 денари, а во 2021 дала 50.000 денари. Нејзиниот мандат на в.д. во УО на ЈП Паркови и зеленило траеше само шест месеци.

Медиумите пишуваа за скандалот со нејзиниот сопруг, Игор Миќев, во мај 2025 година кога тој бил унапреден на позицијата Државен советник за организација и кординација на подрачни единици во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство. По интерниот оглас кој го распиша МЗШВ, најпогоден кандидат бил Миќев.

–Раководна позиција во истото Министерство си доби и неговата сопруга, Цветанка Игнева Миќев, која ќе биде помошник раководител на секторот за одобрување на проекти, но во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, објави струмичката ТВ ВИС.

СЕ ОФАЈДИ И ВЛЕН

 На последната седница на Совето т на Град Скопје беа изгласани и предлозите за именување на членови  на органот на управување на Јавните установи чиј основач е Градот.

За членови на органот на управување на ЈУ „Културно информативен центар“ –Скопје,  како претставници на Град Скопјe, се именуваат:  Дејан Врангалоски, Неат Лимани, Маја Наумовска Бабунски, додека како претставници на установата се именуваат Аделина Гега и Мукадес Беќири. Лимани беше кандидат за советник во општина Шуто Оризари од редовите на ВЛЕН.

Во Управниот одбор на ЈУ „Универзална сала“ Скопје како претставници на Град Скопје ќе делуваат  Тања Младеновска Петкова, Иван Таневски и Јасмина Зекир, додека како претставници на установата  се именуваат: Весна Чујовиќ и Маја Михајлова.

За членови на органот на управување на ЈУ „Младински културен центар“ –Скопје,  како претставници на Град Скопјe, се именуваат:  Маја Милановиќ Михајловиќ, Стефанија Бојаџиева Марковска и Арсим Мамути, а како претставници на установата  се именуваат: Ванчо Богоев и Сузана Клекачкоска Митрикеска. Маја Милановиќ Михајловиќ е поранешната советничка во Општина Аеродром и потпретседател на Социјалдемократска унија.

Нови членови на УО на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ –Скопје, како претставници на Град Скопјe, се Марина Митковска, Кристина Апостолоска и Јован Трпевски, додека како претставници на установата  се именуваат Ивона Џамтовска Јанкуловска и Дарко Пешиќ.

ЈУ „Музеј на Град Скопје“ –Скопје ќе го раководат Исније Исени и Иво Спасовски како претставници на Град Скопје, додека претставници на установата ќе бидат Викторија Грозданова Коцевски и Милена Босиљанова.

За членови на органот на управување на ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ –Скопје,  како претставници на Град Скопје, се именуваат Риза Јаја, Георгиј Чурилов и Тони Петрушевски, а како претставник на установата  се именува Мердије Фазлиу.

За членови на органот на управување на ЈУ „Детски културен центар – Карпош“ –Скопје, како претставници на Град Скопјe, се именуваат Александар Дракулевски, Горан Илијевски Стојан Христов, а  како претставници на установата  се именуваат: Јулијана Јакофоска Георгиевска и Катерина Ѓуровска. Дракулевски бил советник во кабинетот на министерот за информатичко општество и администрација, како и организациски директорна Универзитетската клиника за очни болести во Скопје.

За членови на органот на управување на ЈУ „Зоолошка градина на Град Скопје“ -Скопје,  како претставници на Град Скопјe, се именуваат  Влатко Рафески, Дејан Павловски и Стефан Тасевски, а како претставници на установата  се именуваат Тинка Китеска и Александар Глигоров.

Дарја Мустафоглу: Кандидатите не ни заокружиле за што аплицираат

Изборот на членовите на Управните и на Надзорните одбори предизвика големи контроверзии на седницата на Советот на Град Скопје, а советниците од опозициската Левица, ги оспорија предлозите затоа што никој не им ги видел биографиите.

–Иако и при именувањето на вршители на должност одборници апелиравме дека мора барем на советниците да им се достават биографиите на предложените – биографии или каков било друг податок (освен име и презиме) согласно Закон и по повторените апели, не ни беше доставен. На самата седница побаравме точките за именување на одборниците да бидат тргнати од Дневниот ред сѐ со цел да ни бидат доставени потребните, документации за апликација, но овој предлог наиде на тврдокорен отпор од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, вели советничката од Левица, Дарја Мустафоглу за „Фокус“.

Screenshot

Мустафоглу вели дека членовите на Советот на Град Скопје биле спречени да направат дури и увид во документацијата на апликантите.

–Имено, Комисијата за селекција (предложена од страна на градоначалникот, а која ги разгледуваше апликациите на апликантите за управни и надзорни одбори на јавните претпријатија) и Верификационата комисија при Советот на Град Скопје (каде што советничката група на Левица нема член бидејќи беше шверцерски изгласана на почетокот на мандатот) прво, заседаваа без советниците да бидат известени за нивните седници.

Односно, процесот на отворање на апликациите и интервјуата се одвиваше стихијно и вон дозволен надзор од страна на советниците. Понатаму, откако ја закажаа 17-тата седница на Советот и доставија преглед на закажани комисии, воочивме дека седница ќе има и Верификационата комисија (тоа беше единствен случај во целиот процес кога бевме известени за нејзиното заседавање), па одлучивме од советничката група на Левица да отидеме и да се обидеме да направиме увид во документацијата. На таа седница на Комисијата, веќе беше завршена целата постапка, а членовите на истата само потпишаа Записници. Со советничката од Левица, Милица Давчева, останавме да ја разгледаме документацијата на апликантите и успеавме да извршиме увид само за неколку јавни претпријатија. Бидејќи наближуваше крај на работното време, одлучивме да дојдеме ден потоа за да го довршиме увидот, но тоа не ни беше овозможено со образложение дека документацијата им била дадена само за Верификационата комисија, вели таа.

Советниците побарале и увид во листата за бодување, но ниту тоа не им било овозможено. На советниците не им беше доставен ниту Извештај за седниците на комисиите, а увидот во апликациите покажал дека кандидатите имаат скандалозни компетенции.
–При увидот на апликациите за оние неколку јавни претпријатија (ЈП „Лајка“, ЈП „Паркови и зеленило“, ЈП „Комунална хигиена“, ЈП „Паркови и зеленило“, ЈСП, ЈП „Дрисла“) заклучивме дека покрај партиските и роднинските врски на предложените (сега веќе именувани) одборници уште поскандалозни се нивните компетенции, кадарност, односно целокупни апликации. Прво, многу ретко некој од апликантите соодветно го имаше пополнето иницијалниот, задолжителен, образец. На пример, иако децидно беше наведено во истиот дека треба да се заокружи за каде аплицираат, дали во управен или надзорен одбор – апликантите не заокружувале, па оттука се поставува и прашањето врз основа на што Комисијата за селекција одлучувала каде конкретниот апликант ќе биде предложен, тврди Дарја.

Биографиите коишто биле задолжителни и согласно Јавниот повик, содржеле нецелосни информации.

–Некои беа поднесени само на англиски јазик, имаше биографии и од само неколку редови, не наведено работно искуство, не наведено завршено образование, евидентирање на хоби за слушање музика, сертификати од семинари на „Хербалајф“ и слично. Имаше и нецелосни документации, ретко кој именуван дополнително доставил и дипломи, уверенија сертификати и сл. Советот именуваше и одборници коишто немаа доставено доказ за завршени додипломски студии, туку само диплома за втор циклус. Именуваните се и без соодветно работно искуство какво што бараат Законот за јавните претпријатија и Јавниот повик, односно, како “работно искуство“ засметувале завршено високо образование од областа на економските или правните науки, иако понатаму именуваните воопшто не се бавеле со работа од потребната област, додава Мустафоглу.

 

Слични вести