Шилегов ги повикува граѓаните да ги сменат своите навики за поздрава животна средина

by fokus

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов и главниот извршен директор на Цементарница Усје, Борис Хрисафов, денеска на отворениот ден на компанијата, на новинарите и на претставниците на невладините организации и граѓански здруженија од областа на одржливиот развој и животната средина, им ги презентираа вложувањата во овој сегмент, согласно со националните и со меѓународните стандарди.

– Градот Скопје ја продолжува секојдневната грижа за здравата животна средина, и иако овој капацитет е под А интегрирана дозвола, се наоѓа во нашиот град и јас како градоначалник на градот чувствувам обврска и кон граѓаните и кон сите скопјани во оваа перманентна борба, без оглед што Министерството е надлежно, да учествуваме сите како институции. Впрочем, исто беше и со Дрисла, и знаете дека иако не беше наша надлежност го решивме тој проблем, рече Шилегов.

Тука сме, рече тој, за да се увериме и ние како градска администрација, меѓутоа и невладините организации којшто се овде присутни со нас, како и вие медиумите, да вршиме еден перманентен притисок кон имателите на интегрирани дозволи за да се држат целосно до технолошкиот процес и на тој начин не би партиципирале на високо ниво во загадувањето на здравата животна средина и на амбиенталниот воздух во конкретниот случај.

Шилегов додаде дека Градот со УСЈЕ има започнато начелни разговори како дел од Стратегијата за управување со комуналниот отпад на Град Скопје имајќи ја предвид можноста која ја нуди УСЈЕ за употреба на алтернативното гориво во нивниот технолошки процес.

– Ние како Град Скопје кога веќе започнуваме, отворивме и центри за рециклажа на дел од органскиот отпад што е подобен да се користи како алтернативно гориво по процесот на рециклирање и може да биде употребен, овдека зборувам и за гранките што се сечат од дрвјата и за друг вид на биолошки отпад кој што сега се складира и преставува загадување на животната средина, рече Шилегов.

Тој ги повикува и граѓаните, секој од себе да придонесе со менување на сопствени навики за да добиеме поздрава животна средина и поздрав амбиентален воздух.

– Борбата за здрава животна средина не познава лето не познава зима, борбата не познава делник или неработен ден, борбата е перманентна, константна и само со таква една борба ќе успееме да го подигнеме Скопје на повисоко ниво, порача Шилегов.

Главниот извршен директор на Цементарница УСЈЕ, Борис Хрисафов, нагласи дека тие се горди што дел од нивните интерни критериуми и процедури се построги од пропишаните норми и стандарди, а показател за тоа се мерењата на емисиите од производствениот процес што покажуваат дека тие се континуирано пониски, а некои и неколку пати од законски дозволените.

Новинарите и претставниците на граѓански здруженија и невладините организации денеска имаа можност и да прошетаат низ производствените сали на цементарницата и одблиску да го видат технолошкиот процес на компанијата.

Благодарение на обемните вложувања во заштитата на животната средина, како и сериозните приспособувања, па и комплетната реорганизација на одредени сегменти, Цементарница УСЈЕ во 2011 година ја доби А – интегрираната еколошка дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање. Дополнително, повеќе од една деценија компанијата континуирано и јавно ги објавува податоците од 24-часовните мерења на емисиите во воздухот, што е единствена ваква практика во земјата. Овие податоци се генерираат независно и автоматски, а се доставуваат и до надлежните институции.

Поврзани новости