Шефицата на романската дипломатија: Искористете ја шансата што се отвори за проширување!

by Fokus

„Романија била и е поддржувач на пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ. Со оглед на стратешката важност на европската интеграција за иднината на вашата земја, Романија верува дека само преку заедничка заложба и силен национален консензус за потребните реформи, Северна Македонија што поскоро ќе ги донесе потребните одлуки и ќе го забрза патот кон ЕУ“.

Ова денеска во Скопје го изјави министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Таа упати честитки за, како што рече, извонредните напори што ги прави земјава во изминатите години спроведувајќи тешки реформи. Неодамнешната оценка издадена од ЕК како дел од овогодинешниот пакет за проширување го потврдува ова, рече шефицата на романската дипломатија и упати охрабрување да се продолжи со одлучноста за да може ефективно да се отворат поглавјата како што е предвидено во пакетот за проширување.

– Ве поттикнуваме да ја искористите оваа шанса што се отвори за проширување по агресијата на Русија врз Украина. Можноста земјата да се приклучи кон ЕУ е кредибилен процес, процес во кој интерес имаат сите. Тоа е од заемен интерес и за Северна Македонија и за ЕУ. Потпирајќи се на романските искуства можам да кажам дека без оглед на сите потешкотии на патот кон ЕУ сите тие напори вредат и се исплатат штом станете членка на ЕУ. Процесот на европска интеграција има трансформативна моќ, која влијае врз целото општество, влијае и врз граѓаните, а особено и на младите – порача Одобеску.

Османи рече дека оваа посета на романската колешка ја покажува силната посветеност на Романија како земја членка на ЕУ да ја поддржи нашата европска интеграција. Посочи дека Романија за неполни два месеци одбележува 17 години од приемот во Унијата и е земја пример со какви придобивки резултираат преговорите и членството во ЕУ гледано преку конкретен бенефит за граѓаните.

-Северна Македонија високо ја цени вашата поддршка за нашиот пристапен процес во ЕУ и се надеваме дека и Северна Македонија наскоро ќе го направи долгоочекуваниот и заслужен исчекор со што поскоро усвојување на уставните измени како единствена домашна задача која не дели од забрзаната интеграција којашто се повеќе станува императив за ЕУ во дадениот геополитички моментум. Отворањето на кластерите и поглавјето во рамки на пристапниот процес е од егзистенцијално значење бидејќи придонесува за брз економски развој, побрза економско-социјална конвергенција со државите од ЕУ. Од друга страна, новиот план за развој на Западен Балкан и можноста за приклучување кон единствениот пазар на ЕУ се инструментите со кои ЕУ ја остварува постепената интеграција или она што ние го нарекуваме повеќе интеграција пред членство во ЕУ, рече Османи.

Поврзани новости