Семејството Асани се враќа во ДУИ на голема врата: „Пајакот“ го елиминираше Беќир, во игра влезе Муарем!

По инцидентот со полицијата и пајак-службата поради непрописно паркирано возило, Беќир Асани беше дистанциран од ДУИ и чаирскиот огранок на партијата, но на вчерашните внатрепартиски избори нов претседател на огранокот во Бутел стана неговиот брат Муарем Асани.

by Фокус

Демократската унија за интеграција вчера организираше внатрепартиски избори во 14 ограноци со примена на демократскиот принцип „еден член, еден глас“, што, според ДУИ, го докажува демократскиот пристап и капацитет на партијата.

Всушност, станува збор за непосредни избори во ограноците каде „интегративците“ победија на последните локални избори, бидејќи онаму каде нивните кандидати претрпеа порази, како на пример во Тетово и Гостивар, веднаш се избраа нови локални претседатели и раководства.

Сега, меѓу другото, партијата на Али Ахмети избра нови челници на скопските ограноци, кои се сметаат за бастиони на таканаречената „огнена група“, чии фронтмени беа исклучени од партиското раководство, бидејќи функционираат како фракција.

Така, тие не ни учествуваа на внатрепартиските избори, бидејќи оценија дека изборите претставуваат фарса со цел пренасочување на вниманието на јавноста. Според нив, тие се нелегитимни и нестатурарни, бидејќи, како што порачаа, се организирани под диктат на Ахмети.

Слични процеси како овие се одржани и во полошкиот регион, но резултатот е дека ДУИ излегува губитник и го губи приматот меѓу албанските политички партии, како што е случајот со огранокот во Тетово“, потенцираа „огнените“, кои ги бојкотираа внатрепартиските избори.

Еден од предводниците на оваа фракција е актуелниот пратеник и поранешен градоначалник на Чаир Изет Меџити, кој го предводеше и партискиот огранок во Чаир се досега, кога на негово место, како што претходно објави „Фокус“, дојде поранешниот министер за економија Беким Незири.

Ахмети со поранешниот министер Незири ќе го „гасне пожарот“ во чаирскиот огранок на ДУИ

За потсетување, Незири беше министер и директор на ПИОМ во владата на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, а важеше за дел од крилото што се залага за продолжување на оваа соработка после парламентарните избори во 2016 година. Во меѓувреме, изгради квалитетна комуникација со Ахмети, но оставил отворени канали за комуникација и со „огнените“.

За помирување, за приближување, јавно кажувам, му кажав и на господинот Меџити, ако треба Беким Незири ќе се повлече од функцијата шеф на огранокот по еден месец, нека дојде господинот Изет Меџити да го води – порача неодамна Незири, уверувајќи дека ќе направи се за помирување во ДУИ.

Порано, Незири важеше за близок соработник на долгогодишниот претседател на чаирскиот огранок на ДУИ Беќир Асани, кој беше дистанциран од партијата откако во 2018 година се случи добро познатиот инцидент, што настана откако пајак-служба, со асистенција на полиција, се обиде да го крене неговиот непрописно паркиран автомобил.

Сето тоа заврши со прекршочна постапка за нарушување на јавниот ред и мир. Асани плати глоба зашто кон полицајката упатил навреди и вулгарности со цел да ја омаловажи, заклучил надлежниот обвинител. Но, немаше постапка за напад врз службено лице, бидејќи немало потврда за физички напад.

Инаку, тоа беше само еден од многумите инциденти во кои беше вклучен Асани. Тој ја предводеше групата што се обиде да го искрши споменикот на цар Душан на мостот „Око“, физички нападна новинар во македонското Собрание, а беше осомничен и за напад на претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, по неуспешниот обид да се стават темели на крст во Бутел.

Во меѓувреме, Асани се тргна од ДУИ и чаирскиот огранок и почна да се занимава со бизнис, но се чини дека неговото семејство повторно се факторизира во рамки на ДУИ, пред се во нестабилниот скопски регион, со оглед дека неговиот брат Муарем Асани пред година дена стана заменик-директор на Царинската управа, а сега беше избран и за прв човек на партискиот огранок во Бутел.

Токму тој беше посочен од страна на „огнената група“ дека им упатувал закани во изминатиот период. Градоначалникот на Чаир Висар Ганиу во полиција пријавил дека добил телефонски повик од Асани, кој, според неговите тврдења, му рекол дека тој и Меџити ќе бидат „пронајдени смачкани на улица“.

Ова покажува дека кога имаат храброст да му се закануваат на градоначалникот со ликвидација, замисли на граѓаните што може да им се случи во овие моменти, кога знаете дека има несогласувања во партијата или различни мислења  – рече Ганиу.

Притоа, Асани ги демантираше ваквите обвинувања на Ганиу, велејќи дека се работи за клевета, со цел оцрнување на демократските процеси во ДУИ, каде се бираа претседатели на нови ограноци.

Убеден сум дека заедно ќе ја промовираме демократијата и меритократијата. Огранокот Бутел ќе биде еден од центрите за донесување одлуки, а членовите на ДУИ ќе бидат основниот елемент на функционирањето на огранокот“, порача Асани по изборот на прв човек на бутелскиот огранок.

Освен во Чаир и во Бутел, ДУИ избран нови претседатели во Шутка (Илаз Лесковица), во Петровец (Насер Халити), во Ликово (Мирсад Ибраими), во Јегуновце (Елдин Адеми), во Пласница (Бајрам Карамалески).

Исто така, нови претседатели добија и повеќе градски ограноци: Куманово (Ридван Асани), Кичево (Ардита Дани), Дебар (Артин Спахиу), Крушево (Абиб Веџиу), Битола (Лутфи Амети), Велес (Локман Салија), Преспа (Арјан Муједини).

Влатко Стојановски

Поврзани новости