Откако во текот на вчерашниот дена Апелација ја соопшти одлуката за случајот „Детонатор“, со реакција се јавија семејствата на осудените. Тие не се задоволни од одлуката на второстепениот суд, со која генерално е потврдена првостепената пресуда, но е преиначена во делот за казните по повод жалбите на обвинетите Сашко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски, Далибор Алексовски и Симеон Михаилов кои делумно се уважени.
„По повод истите кривичните санкции за овие обвинети се преиначени на начин што: обвинетиот Сашко Стојчев се осудува на казна доживотен затвор, обвинетиот Жан Железарски се осудува на единствена казна затвор во траење од 14 години, обвинетиот Горан Божиновски се осудува на единствена казна затвор во траење од 12 години , обвинетиот Симеон Михаилов се осудува на единствена казна затвор во траење од 13 години и 6 месеци. По повод жалбата на обвинетиот Далибор Алексовски и по службена должност, Апелациониот суд Скопје пресудата на овој суд во делот на одлуката за кривичната санкција на овој обвинет, заради правилна примена на КЗ, ја преиначи и истиот го осуди на казна затвор во траење од 3 години, информираше Основниот суд Скопје 1.
Од судот додадоа дека со ваквата одлука, жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и жалбите на обвинетите Игор Горански, Јорданчо Михаилов, Стојан Паликрушев, Тони Лесански, Милан Арсов, Ванчо Ќорпашев, Горан Кузмановски, Димитар Јованов, Ангел Андонов и Столе Трпевски изјавени против пресудата на овој суд, се одбиени како неосновани.
Апелациониот суд Скопје со одлуката донел решение со кое пресудата на првостепениот суд единствено се укинува по однос на кривичното дело „Измама“ од член 247 став 2 од КЗ односно се уважени жалбите на обвинетите Сашко Стојчев, Жан Железарски и Горан Божиновски и пресудата се враќа на повторно постапување и одлучување само во овој дел.
На ваквата одлука жестоко реагираа семејствата на осудените, кои испратиja соопштение до медиумите.
„Нема да зоруваме за неправдата која партизираниот суд ја дели (наместо правда), за тоа и ние а и многу други како нас говореле, но фактот дека македонските судови делат неправда во лажно измонтирани политичко-одмазднички процеси ќе биде еден ден само доказ за некои идни судски постапки каде на клупата на обвинетите ќе седнат сегашните обвинители, судии и сите соучесници во ова злосторство. Во недостиг на докази, во јасно утврдена невиност, се изрекуваат драконски казни по нечии инструкции, под притисок, од страв, од незнаење, од желба за напредок или од се по нешто. На неправдата како да и нема крај, или непрвдата ќе згасне со згаснување на лудилото…, се вели во писмото на семејството.
Тие додаваат дека се навикнале на навредите, клеветите, тепањата и застрашувањата, но велат дека на јавноста и ја должат вистината.
„Јавноста не смее да биде во заблуда. Вистината е следна: судот заштити човек кој крши гласачки кутии на сите изборни циклуси во полза на власта, лице кое има натепано пола Кочани и Виница изнудувајќи пари за партиски цели, кое пали возила кога само ќе си помисли на тоа, кое демолира јавни објекти и цели трговски центри, кое тепа полициски службеници и кое напаѓа јавни обвинители, лице кое тепа сопствени тетки, баби, стрини, па по некој таксист што ќе му го пресече патот, притоа нема ниту еден ден притвор, ниту пак осудителна пресуда. Едноставно, тој е милениче на власта, па таа од некoи чудни причини го чиси постојано ѓубрето по него, се вели во соопштението.
Семејствата наведуваат и дека ова лице го штитат луѓе од власта.
„Доказ дека ја зборуваме вистината има во списите на предметот. Сите адвокати кои учествуваа во одбраната го знаат тој момент, па останува само времето да го направи своето и вистината да исплива на површина во некое идно време, кога режимот ќе падне. Јавноста мора да знае дека цели семејства се зацрнети само поради блиските пријателски врски на лицето со мизантропите на врхушката. Јавноста мора да знае дека партизираниот суд му слугува на налгодавачот, а правдаа е длабоко затворена во некој судски подрум. Впрочем, и актуелниот Министер за правда пред неколку месеци јавно го кажа тоа. Оваа наша реакција на партизраното слугување од страна на судот не е плач и лелек за милост и правда, туку давање до знаење на врхушката на системот дека знаеме се! Еден ден правдата ќе си го најде своето место, велат семејствата на осудените.